Кинотеката на Македонија доби значајна донација од семејството на култниот македонски режисер Кирил Ценевски (1943-2019). Семејството на режисерот ги предаде на чување и изложување дел од наградите и признанијата што режисерот ги доби во текот на својата извонредна авторска кариера. Наградите и признанијата на Кирил Ценевски се изложени во фоајето до киносалата на Кинотеката, онаму каде што Ценевски припаѓаше – блиску до филмот и публиката.
Имено, посетителите на Кинотеката на Македонија ќе имаат можност да ги видат следниве награди и признанија: „златна арена“ за режија добиена на Филмскиот фестивал во Пула (1971); награда „жар птица“ за најдобар режисер дебитант на Меѓународниот филмски фестивал во Москва (1971); признание од Американската академија за филмски уметности и науки, Лос Анџелес, САД, за „Црно семе“ – југословенски кандидат за „оскар“ за најдобар филм од странско говорно подрачје (1972); специјална награда од жирито на Меѓународниот филмски фестивал во Карлови Вари за филмот „Јад“ (1976); награда од Меѓународниот комитет за промоција на уметноста и книжевноста преку филм, доделена за филмот „Оловна бригада“ (1980); како и двете признанија што Ценевски ги доби за животно дело – „златен објектив“ за исклучителен придонес во македонската кинематографија, доделен од Кинотеката на Македонија во 2013 година и прв добитник на „голема ѕвезда на македонскиот филм“ од Друштвото на филмските работници на Македонија, доделена на „Браќа Манаки“, Битола, во 2013 година.
Кирил Ценевски, македонски режисер и сценарист, е еден од најнаградуваните филмски автори во историјата на домашната кинематографија. Студирал на Архитектонскиот факултет во Скопје, а со киноаматеризам се занимавал уште во студентските денови. Во 1983 година завршува постдипломски студии на Универзитетот „Јужна Калифорнија“, Факултетот за филм и телевизија, Лос Анџелес, САД.