Овој мајстор на магичниот реализам и човек со значаен опус, кој вели дека е аполитичен, напишал петнаесет романи и книги раскази на англиски јазик. Салман Ружди, авторот на светскиот бестселер „Сатански стихови“, кој минатиот месец беше нападнат во Њујорк, уште од објавувањето на смртната фатва во 1989 година, која го запали муслиманскиот свет, бараше да не се идентификува со ова. Во февруари 1989 година, Хомеини повика Ружди да биде убиен, под обвинение за богохулење во неговиот роман „Сатанските стихови“. Книгата беше забранета во неколку земји, а британската влада воведе полициска заштита за Ружди, кој неколку години се наоѓаше во бегство.
Најмалку двајца од преведувачите на книгата беа нападнати. Јапонскиот преведувач Хитоши Игараши беше избоден до смрт пред својата канцеларија во универзитетот „Цукуба“, северно од Токио, додека италијанскиот преведувач Еторе Каприоло го преживеа прободувањето во својот стан во Милано, објави „Њујорк тајмс“ во 1991 година. Поранешниот претседател на Иран, Мохамад Катами, во 1998 година рече дека опасноста за Ружди „е завршена“, но фатвата никогаш не беше официјално укината.
– Мојот проблем е што луѓето сè уште ме доживуваат само низ призмата на фатвата – рече Ружди во една пригода, кој сака да го сметаат за писател, а не за симбол.
Но подемот на радикалниот ислам во последните години го сведе Ружди на она што отсекогаш бил во очите на Западот: симбол на борбата против верскиот фанатизам и слободата на изразување.
Уште во 2005 година, тој веруваше дека фатвата е увертира за терористичките напади врз САД на 11 септември 2021 година. И во 2016 година рече: „Мојот случај беше само најава за многу поголема појава што сега нѐ засега сите нас“.
Во неговите мемоари, објавени во 2012 година, тој раскажува колку неговиот живот се променил кога иранскиот ајатолах Хомеини ги повикал сите муслимани во светот да го ликвидираат, бидејќи фундаменталистите го оценувале неговото дело „Сатанскиот стихови“ за богохулно. Принуден да живее илегално и под полициска заштита, постојано менувајќи ги скривалиштата, тој се именувал себеси Џозеф Антон, по своите омилени писатели Џозеф Конрад и Антон Чехов. Морал да издржи голема осаменост и разделба од својата сопруга, на која ѝ се посветени „Сатански стихови“.
– Затворен сум со затворена уста… Би сакал да играм фудбал со син ми во парк. Обичен, банален живот, недостижен сон за мене – напиша тој.
Но од 1993 година почнува да станува уморен од тоа да биде „невидлив“, па почнува сѐ повеќе да патува и да се појавува во јавноста, сè уште под надзор на британската влада. Сега живее во Њујорк и до неодамнешниот напад живееше речиси нормален живот, продолжувајќи да пишува сатирично и без воздржување.
Неговата фатва не беше укината и многу преведувачи на неговата книга беа нападнати, дури и убиени, како што е Јапонецот Хитоши Игараши, кој беше убиен во 1991 година.
– Поминаа триесет години. Сега сѐ е во ред. Во тоа време имав 41 година, во времето на фатвата, сега имам 71. Живееме во свет каде што актуелните теми брзо се менуваат. Сега има многу други причини за страв, други луѓе за убивање – рече тој есента во 2018 година.
Неговата книга, како што објасни, била „многу погрешно разбрана“.
– Тоа е всушност роман за имигрантите од Јужна Азија во Лондон и нивната религија беше само еден аспект од таа приказна – рече тој.
Ружди беше прогласен за витез од кралицата Елизабета во 2007 година, на големо негодување на муслиманските екстремисти.
Салман Ружди, чиј мајчин јазик е урду, е роден на 19 јуни 1947 година во Индија, во Мумбај, во семејство на прогресивни муслимански интелектуалци што не практикувале религија. Ги голтал индиските епови и учествувал на религиозни фестивали, и хинду и муслимански и христијански. На 13 години отишол да студира во Англија. По дипломирањето на „Кембриџ“, работел во Пакистан како телевизиски продуцент. Бил изложен на постојана цензура, па се вратил во Лондон каде што работел во маркетинг. Неговиот прв познат роман „Полноќни деца“ ја доби Букеровата награда во 1981 година. Во своите дела често зборува за Индија и за нејзините односи со Западот.