Рецензија
Името на Фил Хоану ми е познато по соработката за музичките спотови со некои од најзначајните музички ѕвезди како „У2“, Витни Хјустон, Мараја Кери и Том Пети.
Но дека ќе покаже ист талент и на филмското поле бев малку скептичен.
Сепак, тој ги сруши моите бариери и го покажа спротивното во филмот „Состојба на милост“ (1990), правен по вистинска приказна.
Почетните кадри на перфорираното кјаро скуро од шпицата ставија јасно до знаење дека се работи за искусен професионалец и познавач на својот занает.
Прекрасно отворената бленда од камерата нѐ воведува панорамски во њујоршкото милје.
Тери (Шон Пен) е полицаец на тајна задача, кој влегува во светот на замрсените игри на подземјето.
Предизвикот не е ни најмалку едноставен, со оглед на тоа што треба да апси пријатели од детството.
Ед Харис е извонреден во улогата на Френки, а искрено, рака на срце, овде Гери Олдман во улогата на братот Џеки прикажува поумешен филмски перформанс.
Искусниот Тери полека, но сигурно наслушува за убиството на некогашниот пријател Стиви, со можни претпоставки кој би стоел зад него.
Тери по кус период му соопштува на Џеки дека голема е веројатноста главниот егзекутор да е Френки, на тоа што тој френетично во дионизиско расположение реагира и го брка од својот стан.
Не сум некој фан на Шон Пен, но веројатно ова е едно од неговите најдобри изданија, покрај „Кучиња на војната“ и „Од близина“.
Френки е длабоко инволвиран како бос на ирското подземје.
Кај Тери повторно се разгорува страсниот пламен спрема сексапилната Кејт (Робин Рајт), првата љубов.
Не можејќи да го трпи внатрешниот немир налик на аритмија ѝ се доверува дека мисија му е на тајна задача да ги уапси нејзините браќа, на тоа што таа нервозно реагира и сака да ја прекине нивната бајковита романса.
Безобразниот Џеки го следи својот погрешен интуициски ритам и убива три члена од италијанската мафија „палејќи“ го фитиљот на експлозивот.
Детективот Ник (Џон Тортуро) продолжува да добива информации од Тери, соопштувајќи му дека е на чекор до успешниот лов.
И… конечно доаѓа до најголемиот пресврт, италијанскиот бос Борело му дава наредба на Френк да го убие братот бидејќи претставува коска во грлото за нив.
Френки се согласува да го изврши овој гнасен чин како покиснат глушец чистејќи ги трошките од масата.
Набрзо Френки му дава и подла надеж на Џеки со јудејска прегратка.
Сцената во која го ликвидира брата си ладнокрвно како најголем душман без грам емоција, за мене е една од најемотивните сцени воопшто во филмската историја.
Случајот сакаше тука да присуствува и Тери, кој шеретски на погребот на Џеки му ја втурнува полициската значка во лице на ладнокрвниот гад Френк, при што овој останува скаменет како погоден од илјадаватно струјно коло.
Следната сцена е фиестата на ирскиот празник Сен Патрик.
Во извонредно синхронизирана паралелна монтажа Тери влегува во ирското кафуле и застрелува тројца слуги на Френк, но не и него.
Во слоумошн се појавува Френк како сенка на злото, кој го ранува Тери, а овој директно снајперски го застрелува во чело.
Динамизмот на надворешната забава расте на повеќе децибели проследен со извонредните акорди на италијанскиот маестро Мориконе, а осамената Кејт ја набљудува приредбата со мисла за…