Што ќе гледаме во декември во Кинотеката на Македонија?
Декември во Кинотеката на Македонија ветува богат филмски репертоар, кој ќе ги задоволи вкусовите на сите љубители на седмата уметност. Овој месец е посветен на јубилејни проекции на македонски филмови и култни светски остварувања, како и на прикажување на актуелните фестивалски хитови.
– Декемвриската програма ја збогатуваат легендарни македонски филмови што ја обележаа историјата на нашата кинематографија. Со проекции на „До Балчак“, „Бал-Кан-Кан“, „Мис Стоун“, „Како убив светец“, „Тони Манџа“, „Бубачки“, „Големата вода“, „Созерцание“ и „Илузија“, публиката ќе има можност повторно да се потсети на овие маестрални дела, кои преку различни наративи и жанрови ги прикажуваат македонската култура, историја и живот. Покрај јубилејните остварувања, на големото платно ќе бидат прикажани и два од најактуелните годинешни фестивалски хитови, „Супстанца“ и „Анора“, кои продолжуваат да освојуваат признанија и да ја обележуваат кинематографијата на меѓународната сцена – велат од Кинотеката.
Месецот ќе биде дополнително збогатен со одбележување два големи филмски јубилеја. Ќе се одбележат 35 години од култниот југословенски филм „Како пропадна рокенролот“, кој со својата уникатна нарација и хумор останува неизбришлив дел од регионалната поп-култура. Дополнително, ќе бидат одбележани и 25 години од премиерата на иновативниот филм „Да се биде Џон Малкович“ – ремек-дело на Спајк Џонз, филм што револуционизира жанровски одредници и ја преобликува модерната кинематографија.
Кинотеката на Македонија ве поканува да станете дел од оваа незаборавна филмска авантура, која низ призма на класиката и новитетот нуди ретроспектива на минатото, но и поглед кон иднината на кинематографијата. Секој филм носи уникатна приказна, но заедничка нишка е љубовта кон уметноста, која поврзува генерации.
Програмата почна во понеделникот со „На сѐ му доаѓа крај“, игран филм од Хрватска, на режисерот Рајко Грлиќ, со Jелена Ѓокиќ, Борис Исаковиќ, Емир Хаџихафисбеговиќ, Живко Аночиќ, Јанко Поповиќ Волариќ, Ксенија Маринковиќ, Марина Реџеповиќ, Петре Арсовски. Следната проекција е на 5 декември на играниот филм „Како пропадна рокенролот“ од Србија, од 1989 година, во режија на Зоран Пејановиќ, Горан Гајевиќ, Владимир Славица, со Срѓан Тодоровиќ, Аница Добра, Небојша Бакочевиќ, Велимир Бата Живоиновиќ. Тоа е југословенски омнибус-филм што мајсторски ги спојува сатиричната критика на општеството, апсурдниот хумор и духот на една културна епоха. Со три приказни што се занимаваат со влијанието на рокенролот врз младите, филмот не само што го слави туку и го деконструира митот за рокенролот како симбол на слободата, побуната и индивидуализмот. Омнибусот е составен од три сегменти, секој режиран од различен автор, но со заедничка тема: како рокенролот, метафората за слободата, се губи во судирот со секојдневните апсурди на животот.
– Музиката е срцето на овој филм. Со песните на југословенските рок-икони, филмот го оживува духот на ерата. Саундтракот е незаборавен, вклучувајќи ги култните изведби што ги доловуваат енергијата и страста на рокенролот. „Како пропадна рокенролот“ не е само филм за рокенролот туку и филм за младоста, идеалите и судирот со реалноста. Неговата комбинација на апсурд, хумор и меланхолија го прави безвременско дело што продолжува да резонира со новите генерации. Како омнибус, тој е приказ на духот на југословенската кинематографија, која умешно ги спојуваше забавата и критиката – велат од Кинотеката.
На 5 декември ќе биде прикажан и „Кариран нинџа“, игран анимиран филм од Данска, од 2021 година, чии режисери се Андерс Матесен и Торбјорн Кристоферсен, а в петок, на 6 декември, ќе може да се гледа „Божиќно танго“ (игран филм, Грција, 2011) на Никос Кутелидакис. „Божиќно танго“ е дел од серијата филмски проекции насловена „Ајде да се запознаеме“, организирана од Канцеларијата за јавна дипломатија на Амбасадата на Грција во Скопје, со цел да се прикажат современи грчки филмови што беа многу сакани не само од публиката во Грција туку и во странство.
– Базиран на најпродаваниот роман на Јанис Ксантулис, „Божиќно танго“ е романтична драма, која се одвива за време на подготовките за божиќниот бал во еден грчки воен камп во градот Еврос, во 1970-тите години. Поручникот Стефанос Караманидес е еден строг војник, кој има само една желба – да ја покани на танц својата тајна љубов Зои, сопругата на полковникот Манолис Лонгос. За остварување на таа цел, Стефанос Караманидес ќе побара помош од еден млад, срамежлив и чувствителен војник, од Лазарос, да му одржи часови по танго. Нивната кратка, но пресудна средба ќе биде поттик за низа настани што ќе кулминираат со танго… „Божиќно танго“ ќе ги промени засекогаш животите на тројцата главни ликови. Филмот постигна голем успех на киноблагајните и доби три награди од Грчката филмска академија – велат од Кинотеката.
В сабота на програмата е „Празни мрежи“ (игран филм, Германија, Иран, 2023 г.) на Бехруз Карамизаде. Амир и Наргес, двајца млади во своите дваесетти години, се чини дека ја пронашле вистинската љубов во родниот крај на брегот на Касписко Море. Но во денешен Иран, љубовта сама по себе не е доволна за да создадат заеднички живот, па затоа нивната врска мора да остане во тајност. Дали нивната љубов, надежите и соништата ќе успеат да опстојат во заплетканата мрежа на традиции, корупција и социјална хиерархија, која и понатаму ги контролира животите на новата генерација во Иран? В сабота ќе може да се види и македонскиот „Како убив светец“ (игран филм, Македонија, Франција, 2004 година), во режија на Теона Стругар Митевска, со Лабина Митевска, Милан Тоциновски, Џевдет Јашари. Овој филм е деби на една од најплодните македонски режисерки Теона Стругар Митевска. Приказната во филмот е лоцирана во предвечерјето на етничкиот конфликт во Македонија, кога по тригодишно отсуство, главната хероина Виола се враќа дома од Америка и наидува на реалноста на животот во Македонија, која изгледа дека ќе експлодира со сите војници, корумпирани измамници и терористи идеалисти. В.Д.