Италијанскиот поет што живее во Риека, Џакомо Скоти, за првпат ги превел нашите врвни поети од македонски на италијански. Од нашата држава не добил никакво признание за тоа. Ова е можеби показател за тоа колкава негрижа се покажува кон македонскиот јазик, истакнува Сарџоска
Наташа Сарџоска, поетеса и преведувачка
Македонската писателка, поетеса, преведувачка и антрополог Наташа Сарџоска неодамна имаше свое книжевно претставување во Италијанскиот културен институт во Штутгарт. Во рамките на книжевниот разговор на италијански јазик со Наташа Сарџоска како двојазична авторка, ја промовираше својата поетска книга „Крстна коска“, која, во нејзин автопревод, ја објави италијанскиот издавач „Интерно поезија“. Освен за својата поезија и проза, Сарџоска говореше за книжевните преводи од италијански на македонски јазик, за своите студии и живот во Италија, за влијанието на оваа земја врз нејзиното поетско и прозно творештво, како и за блискоста со италијанската култура и јазик.
Колку беше тешко да направите автопревод на своите стихови на италијански јазик?
– Во „Крстна коска“ пишувам за смртта на мојот татко. Но преку таа смрт пишувам за смртта на секое човечко суштество и за она што сѐ уште не се родило, не дошло на свет. Насловот дојде од болката што ја почувствував кога паднав по скали во Париз на мојата крсна коска. Таа телесна болка за мене создаде длабоки патишта на поврзување со моите внатрешни простори, но и со далечни реалности. Исто како што и болката за физичката загуба на мојот татко ме одведе на едно метафизичко рамниште каде што на секој орган од човечкото тело му давам глас, му давам јазик. Јазикот е живот. Јазикот е припадност, прибежиште, не е само код ниту пак е само татковина. За мене, тоа што говорам англиски, шпански, италијански, француски, португалски и што можам самата да се преведувам е предност. Прво, затоа што само јас го познавам ритамот на мојата поезија. Преведувачот може да го познава јазикот, симболите, но не и ритамот. Потем, затоа што само јас можам да наоѓам сродни симболички или стилски решенија, на пример да создадам слична ако не иста алитерација на двата јазика. Она што е мачно во тој процес е што често ми доаѓа одново да ја создадам песната или поинаку да се преведам. Но тоа е убав дел од авторскиот творечки процес. Жоан Маргарит пишувал и на шпански и на каталонски јазик исти песни и кај него се забележуваат неистоветни, различни стилски или јазични избори. Но јас пишувам и на италијански јазик, сега целосно. Пишувам и на англиски и на француски, но особена важност за мене има творештвото на италијански јазик.
Најдовте ли соодветни зборови за вашите стихови?
– Секако. Италијанскиот јазик е неприкосновено богат и раскошен.
Каква поезија пишувате?
– Отсекогаш сум сакала да читам надреална поезија. Почнав да пишувам поезија затоа што бев трогната од стиховите на италијанските херметички поети: Монтале, Саба, Сангвинети, Квазимодо, Унгарети. Така би ја опишала и својата поезија. Длабоко симболична.
Колку длабоко во душата понираат Вашите песни?
– Секој творечки чин подразбира длабоко понирање во нашите внатрешни непознати предели, затоа што не знаеме што имаме внатре, затоа што сме постојано различни. Доколку песната не е оттаму излезена, доколку не е доживеана внатрешно, за мене таа песна е лага.
Како ги оценувате книжевните преводи од италијански на македонски јазик?
– Не би знаела, зашто не ги читам. Читам книги на италијански јазик. И ги преведувам на македонски јазик. Исто како што и преведувам свои песни и песни од драги поетеси (Рен Пауел, Татев Чакијан, Марам Ал Масри, Лали Микаели) на италијански јазик.
Колку македонската поезија е достапна во Италија, колку издавачките куќи се позитивно расположени за публикување македонски поети?
– Општо, издавачките куќи се ретко расположени за објавување поезија и тоа е насекаде така. Морам да кажам дека за првпат нашите врвни поети ги превел од македонски на италијански италијанскиот поет што живее во Риека, Џакомо Скоти. Од нашата држава не добил никакво признание за тоа. Ова е можеби показател за тоа колкава негрижа се покажува кон македонскиот јазик и кон оние што го преведуваат на други јазици.
Завршивте студии во Италија, па какво влијание изврши Италија врз Вашето творештво?
– Магистрирав медиумски, културни и комуникациски студии во Бергамо, Лисабон и Перпињан, а докторирав антропологија во Бергамо, на Нова Сорбона во Париз и пред сѐ на Карлс Еберхард во Тибинген. Како што спомнав, почнав да пишувам зашто ме воодушевија италијанските херметички поети. Потоа футуристите. Но и современите поети. Марко Белполити ми беше ментор на магистерската за Пазолини, италијанскиот писател, новинар и режисер, и од него научив многу за италијанската литература, што изврши несомнено длабоко влијание врз мене како автор.
Која е Вашата конекција со италијанската култура и јазик?
– Јас сум и двојазичен и дводомен автор. Многу повеќе време од младоста сум минала во Италија отколку во Македонија. Таму не само што студирав туку и работам, престојувам, гостувам на поетски фестивали, соработувам, објавувам. Но не би можела општо да говорам за Италија затоа што е тоа огромна земја и земја на неспоредливи културни разлики. Можам да говорам за Неапол. Град на живи противречности и жестоки енергии, бодар, брутален, искрен. Таму постојано има живот што се раѓа одново и постојано се обновуваат и уметност и повтеж, и создавање и мудрост. За Неапол можам да говорам долго и длабоко, но таа задача ќе им ја оставам на моите следни нови книги.