Изложбата „Цвеќе на мирот“ на Живко А. Поповски-Цветин е отворена во галеријата „Остен“ до 27 јуни. Изложени се 38 слики – цвеќиња на мирот, како и избор од документарни фотографии и промотивен материјал од настани низ целиот свет, со што уметникот одбележува 40 години од неговата активност во сферата на културната дипломатија.

Живко Поповски–Цветин завршил студии во Белград, Србија. Сликарството му е голема љубов и опсесија уште од најрани денови. Во изминатите 40 години главен мотив му е цвеќето, кое со голема убавина прераснува во симбол на мирот. Станува збор за сликар и хуманист, кој речиси целокупното свое творештво во над три децении му го има посветено на цвеќето и на неговата мировна мисија, со основна порака: „На светот му се потребни: мир, храна, солидарност, љубов…“

Над 55.000 слики „Цвеќе на мирот“ досега има подарено и се наоѓаат во колекциите на познати државници, политичари, поети, музичари, нобеловци, студенти и ученици, артисти, спортисти и разни хуманитарни организации и здруженија. Поповски досега има организирано над 300 изложби во земјата и во странство, меѓу кои во Полска, Канада, Германија, Романија САД, Хрватска, Србија, Италија, Австралија и др. Во 2009 година Поповски беше кандидат за Нобелова награда за мир, каде што од 205 кандидати, беше меѓу првите пет во потесен избор.