Фото: Стефан Рајхл

„Влатко Стефановски експириенс“ е насловена изложбата на фотографии во чест на 50 години соло-кариера на Влатко Стефановски што ќе биде отворена на 3 јули во просториите на Македонскиот културен центар во Загреб. Изложбата е посветена на значајниот јубилеј – 50 години музичка кариера на Влатко Стефановски.

Покрај фотографиите, изложбата вклучува и промотивни материјали поврзани со соработката на Стефановски со „Теохаров аудио“, со кои заеднички ги дизајнираа познатите звучници „леџендари“ – технолошки и дизајнерски напредни уреди што добија голема популарност.

Изложбата претставува избор од концертни фотографии што ги документираат различните фази од солистичката кариера на Стефановски. Автори на фотографиите се Ангел Ситновски, Стефан Рајхл, Огнен Ацевски и Немања Ѓорѓевиќ – фотографи што долги години го следат Стефановски на неговите настапи и турнеи во Македонија, Србија и пошироко. Таа за првпат беше поставена во галеријата „Мала станица“ во јуни 2024 година, во рамките на фестивалот „Скопје синема сити“.

Преку објективот на овие четворица фотографи се отвора еден визуелен архив што сведочи за уметничкиот раст и развој на Стефановски – од неговите рани соло-настапи, преку многубројните музички соработки, па до денешните концерти, кои сè уште пленат со виртуозност и силна емоционалност. Фотографиите ја доловуваат не само динамиката на настапите туку и атмосферата на концертите, реакциите на публиката и посветеноста со која Влатко излегува на сцена.
– Концертната сцена е местото каде што музиката се доживува најнепосредно – под рефлектори, без филтри – вели авторот на изложбата, новинарот и куратор Ненад Георгиевски.

Според него, Влатко Стефановски е уметник што постојано покажува дека звукот може да биде и емоционален компас и културен идентитет.

Изложбата е во организација на здружението „Номад-арт Скопје“ и ќе биде отворена за посетители до 8 јули. Таа е поддржана од Министерството за култура и туризам. Публиката е поканета да ја доживее оваа визуелна ретроспектива како омаж за еден уметник чие музичко творештво надминува граници, жанрови и генерации.