Фестивалот „Зрно“ низ годините ја донесе долгоочекуваната свежина во зачмаениот македонски фотографски простор и ја разбуди и поттикна светската и домашната фотографска сцена
Во мултимедијалниот центар „Мала станица“ во Скопје, отворена e изложбата на алтернативни фотографии со дела од меѓународен јавен повик, избрани од стручно осумчлено меѓународно жири.
– Храбри, аналогни и често невообичаени модерни дела какви што на македонската публика може да ѝ понуди само фестивалот „Зрно“ – велат организаторите.
Изложбата се реализира во рамките на фестивалот на алтернативна фотографија „Зрно“, кој годинава се одржува по четврти пат, под мотото „Фотосинтеза!“, и претставува единствена платформа во регионот посветена на некомерцијални, експериментални и авторски фотографски практики. Фестивалот ги промовира современите трендови во фотографијата, слободата на визуелниот израз, аналогните процеси, рачно изработените уникатни дела и едукацијата за аналогна фотографија преку работилници, публикации, предавања и изложби.
Фестивалот „Зрно“ низ годините ја донесе долгоочекуваната свежина во зачмаениот македонски фотографски простор и ја разбуди и поттикна светската и домашната фотографска сцена.
Избраните дела доаѓаат од автори од повеќе земји од разни ќошиња на светот, набиени со креативен авторски израз, и ја одразуваат широчината на современите тенденции во областа на алтернативната и експериментална фотографија. „Зрно 2025“ е делумно поддржан од Министерството за култура.