Неодамна од печат излезе „Нова романска драма“, антологија на современи романски драмски автори во избор на театрологот Оана Кристеа Григореску, а во превод од романски јазик на Ермис Лафазановски. Во неа се застапени седум драмски текста со различни форми и изрази, текстови што ги третираат болестите на модерниот свет, со силна драмска структура и исклучителен уметнички ангажман.
Во оваа антологија се застапени драмските текстови: „Декалогот по Хес“ на Алина Нелега, „Зелената мачка“ на Елси Вилк, „Не ја држи линијата зафатена“ на Александра Фелсеги, „Сите нешта што ми ги зеде Алојз“ на Космин Станила, „Сета тишина на светот“ на Михела Михаилов и Раду Апостол, „Непријателство“ на Габриел Санду и „Нашите непријатели“ на Чаба Секељ.
– Избраните текстови предлагаат седум постојки на дефинирачки точки во пејзажот на новата романска драматургија, која може да го разбуди интересот на македонските читатели за географски простор со кој ја делат блиската судбина на општествените трансформации по 1989 година – вели приредувачката на антологијата, Оана Кристеа Григореску.