Комисијата за наградата „Роман на годината“ за 2024 година, која ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, во состав Лидија Димковска (минатогодишна лауреатка и претседателка на жирито), Маја Бојаџиевска, Ѓоко Здравески, Андреј ал-Асади и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата), ја направи првата селекција, избирајќи 20 од 43-те пристигнати наслови на годинашниот конкурс.
Комисијата има обврска да го соопшти наградениот роман најдоцна до 15 март.
Наградата, чиј генерален покровител е Комерцијална банка АД Скопје, а исто така е поддржана и од Министерството за култура на Македонија, годинава се доделува 26-ти пат. Таа се состои од плакета, уникатна статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
Минатата година наградата ја доби романот „Единствен матичен број“ на Лидија Димковска, во издание на издавачкиот центар „Три“ од Скопје.
Во првата селекција се романите: „Ветрилиште“, Игор Анѓелков, „Или-или“; „Јод“, Снежана Младеновска Анѓелков, „Или-или“; „Играта на господин Филип“, Санта Аргирова, „Култура“; „Коски, пепел, чад“, Мери Арсова, „Антолог“; „Риба во(н) мрежа“, Јована Матевска Атанасова, „Арс Либрис“; „Ковчежето со драгите предмети“, Матеј Богдановски, самостојно издание; „Тони“, Румена Бужаровска, „Три“; „Кој го уби Едгар Алан По“, Владо Јаневски, „Или-или“; „Недостиг“, Симеон Јанков, „Или-или“; „Ехото на акробатите“, Владимир Јанковски, „Арс Либрис“; „Леска Брезоска“, Симона Јованоска, „Или-или“; „Страшни приказни“, Сузана Камберова, „Арс Либрис“; „Простување“, Кица Колбе, „Или-или“; „Светот што го избрав“, Калина Малеска, „Или-или“; „Јас пратеник“, Владимир Мандичевски-Манде, „Баги комуникации“; „Неочекувано“, Ана Мовска, „Арс Либрис“; „И ѕирка и проѕирка“, Огнена Никуљски, „Антолог“; „Не ѝ верувај на баба ти“, Натали Спасова, Н. Славковска; „И јас сум Сирма“, Зоран Спасов-Ѕоф, „Арс Либрис“; „Приказни од ѕунливото море“, Билјана С. Црвенковска, „Чудна шума“.