Зоја Бузалковска, режисерка
Книгата „Иванов 1887/1889: две верзии“, од А.П. Чехов, приредена од режисерката Зоја Бузалковска, всушност ги спојува комедијата од 1887 година и драмата од 1889 година, во одличен, лесно читлив, но и изговорлив превод на Драгица Најческа. Изданието иницира и понатамошни анализи на драматуршката постапка во правењето суштински промени на еден, кон крајот на 19 век навидум кревок, a денес толку поставуван, игран, посакуван, секогаш одново актуелен, многуслоен драмски материјал.
Бузалковска на сцената на МНТ ја постави претставата „Иванов“ првпат по цели 39 години по праизведбата на овој текст на истата сцена.
Што сѐ е опфатено во книгата „Иванов 1887/1889: две верзии“?
– Во ова необично издание се застапени двете жанровски различно одредени верзии на „Иванов“, од кои првата како комедија, за првпат излезена од печат во 1887 година, а втората како драма, две години подоцна. Првата верзија на „Иванов“ за првпат станува достапна на македонски јазик, што изданието го прави ексклузивно, во некоја смисла. Посебно важен дел од книгата се белешките на И.Ј. Твердохлебов кон двете верзии на пиесата, кои се згуснат приказ на реакциите на современиците на Чехов за делата и за театарските праизведби, на описите на очевидците на скандалозните реакции во публиката за време на изведбите на пиесите, на првите критики, на цитати од писмата што Чехов ги испраќал или ги добивал, а кои се однесувале токму на развојот и измените што ги правел, подобрувајќи ја или барем менувајќи ја структурата на пиесата и нејзиното жанровско поместување во текот на овие две години итн. Книгата содржи и мој предговор кон изданието, со осврт на разликите и сличностите во двата текста, како и поговор на Ивана Јарчевска за постановките на драмите на А.П. Чехов во Македонија, со нагласка на „Иванов“. Освен ова, застапен е и фотоалбум со плакати од праизведбите на комедијата и драмата во Москва, како и фотографии од двете постановки на „Иванов“, направени во МНТ: првата, онаа во режија на Бранко Ставрев, во која улогата на Иванов ја одигра Ристо Шишков во 1984 година, и втората, „Иванов“ во моја адаптација и режија, која својата премиера ја имаше во мај минатата година.
Што Ви беше најголемиот предизвик како уредник во работата на книгата?
– Со оглед на тоа дека идејата и огромната желба да се издадат двете верзии на пиесата во едно исто издание ја имам одамна, беше важно да се случи контекст, во кој би било пригодно и логично ваквото издание. Поставувањето на „Иванов“ во МНТ, и тоа токму како комбинација од двете верзии на текстот, стана тој контекст, во кој книгата беше претпоставен континуитет на претставата, што ќе ја доврши сликата или ќе ѝ даде дополнителен квалитет. Имам чувство дека издавачите во минатото сметале дека Чехов ја „поправил“ драмата и дека посовршената верзија треба да биде единствената што ќе им биде достапна на театарџиите и на читателите. Но двете верзии, во суштина, се многу различни. Сакав на читателите и на стручната театарска јавност да им ја отворам можноста да направат сопствена процена за квалитетите на комедијата „Иванов“, како интегрален драмски текст, според некои мислења дури и подобар од драмата „Иванов“. Во еден момент размислував за можноста во книгата да биде вклучена и мојата адаптација, која не е во целост онаква каква што може да се види во претставата (направени се некои кратења во интерес на времетраењето), но на крајот одлучив дека е доволно во предговорот да укажам на потезите што ги направив во адаптацијата на која се темели мојот режисерски прочит.
Од каде потекна идејата ова дело да добие македонски превод, патем одлична работа на Драгица Најческа?
– Драмата „Иванов“ е одамна преведена на македонски јазик. Но просто е чудно што толку време ниту кај нас, ниту во поширокиот балкански литературен простор не е преведена, односно, не е познато дека постои печатено издание на првата верзија на текстот – комедијата. Навистина е драгоцено да се има нов квалитетен превод, во усогласен стил, на двата текста. Она што е особено возбудливо од денешна перспектива е што читателот може да види како размислувал авторот на истата тема во различни фази и како ја менувал пиесата под притисок на драматичните реакции на критиката, на стручната, театарска и на обичната љубителска публика по првите изведби на пиесата во Театарот на Корш во Москва. Освен тоа, првата средба со комедијата „Иванов“, по читањето на драмата „Иванов“, е како да сте имале привилегија да посведочите на јасно и прецизно исцртување на намерите на авторот и на неговите мисли и внатрешни превирања врзани со најголемите дилеми на ликовите и нивните евентуални одлуки. Видливите разлики создаваат можност за компаративни согледби, отвораат перспективи за поставување на помалку познатата прва верзија на пиесата. Изданието, бездруго, ќе иницира и понатамошни анализи на драматуршката постапка во правењето суштински промени на еден, кон крајот на 19 век навидум кревок, а денес толку поставуван, игран, посакуван, секогаш одново актуелен, многуслоен драмски материјал.
Како го доживувате Вие ова дело на Чехов?
– Реално, сите драми на Чехов одлично кореспондираат со совремието и особено со нашето. Не знам дали тоа говори само за безвременоста на авторот или и за состојбите кај нас? Чехов пишувал во едно од историските „затишја пред бура“ на Русија, во еден од периодите на транзиција и пред дваесет и пет години ми се чинеше неверојатно актуелен и важен за нас тука, за преку неговите драми да проговориме на за нас важни теми. Денес, ова ми изгледа уште повозможно и поважно. Во Берлин во моментов се играат неколку драми на Чехов, една од нив е токму „Иванов“ во прочуениот „Берлинер енсембле“. Универзалноста на пораките и длабоката суштина на темите со кои се занимаваат големите автори им носат вечна актуелност и затоа Чехов никогаш нема да биде ниту старомоден, ниту пак надминат. Неговиот јазик никогаш нема да има потреба да се „осовременува“ и како да станува излишно ликовите да се облечат во фармерки и патики или јазикот да претрпи измени во насока на модернизација, за да се сфати дека она што според текстот се случува во деветнаесеттиот век, всушност се однесува на сега и овде. Што се однесува до прашањето како јас го опишувам и доживувам делото… На тоа прашање не можам да одговорам апстрахирано од мојата претстава. „Иванов“ во мојата постановка зборува за судбината на интелектуалецот денес, немоќен да се справи со простотилакот на општеството, со вулгаризацијата на сите заложби за враќање на вистинските вредности. Тоа е претстава за еден човек сосема загубен во дехуманизираното општество на „излишни луѓе“, медиокритети, самобендисани, лицемерни, пресметливи, алчни, богати, влијателни самовљубеници, потонати во досада, евтина забава, коцка, консумеризам, трачарење, бистрење политика и други празни муабети или проводаџиство. Тоа е општество во кое царуваат лихварството и материјалното ропство, каде што просторот за интелектуално моќниот е максимално стеснет, до степен на задушување. Во такво општество, на интелектуалецот веќе не му припаѓа дури ни сопствениот кабинет, кој е узурпиран и претворен во крчма, тој е тотално маргинализиран! Кога вака ќе се каже, звучи како да нè опишувам нас, овде и сега, нели?
„Иванов“ важи за бисер на руската литература и непроценливо богатство на светската книжевност. Како беше да се работи како режисер на оваа безвремена драма?
– Да се работи дело на Чехов е секогаш огромен предизвик, особено кога толку долго сте преокупирани со него и сметате дека имате што да кажете за прашањата што ги отвора, како јас со „Иванов“. Од друга страна, колку повеќе го сакам делото, толку повеќе се трудам да не заборавам да му ги откријам маните, да не ме заслепи премногу со својата убавина и на крајот да ме „прелаже“. А мани имаат сите дела. Ова е прва драма на Чехов, па недоследности и пропусти во суштина има многу. Компаративниот пристап на двете верзии на текстот овозможува да се види дека изострувајќи некои нишки на фабулата и продлабочувајќи некои односи, Чехов изгубил или премногу поедноставил некои крајно духовити ситуации, ослабел некои мотивации, обезбоил некои нагласено гротескни ликови, менувајќи ја драмата, вклучувајќи го нејзиниот жанр. Јас се обидов да ги вратам боите што ги има и кои се толку драгоцени во првата верзија на текстот, притоа не напуштајќи ја втората, како база во адаптацијата. МНТ ми ја отвори можноста токму тука да реализирам во целост една смела идеја, која се роди не како потреба од сензација туку како обид да се дофати сржта на текстот, за која требаше да се состави тим што сака да експериментира и да „лудува“, независно дали се работи за актерите, дизајнерскиот тим на претставата, алпинистите, кои се составен дел од тимот, авторот на музиката, продуцентскиот тим или техниката. На моја огромна среќа, сите го прифатија предизвикот со радост и елан. Процесот не беше лесен, наместа дури и премногу драматичен, но истовремено и многу забавен. Победивме разни стравови, искачивме планини, раскажавме стара приказна на нов начин, добивме автентична претстава, еден поинаков „Иванов“.