РЕЦЕНЗИЈА
Во континуитет на изложбите предвидени за тековната 2025 година (програмски предложени во 2024 година), МСУ ја претставува „Артист 2000+“ на Модерната галерија и националните колекции од Љубљана во придружба на дела од колекцијата на солидарноста од Музејот на современата уметност – Скопје.
Колекцијата „Артист 2000+“ од почетокот на нејзиното оформување рано во 1990-тите е под кураторство на Зденка Бадовинац и консултантите Виктор Мисијано, Пјотр Пјотровски, Харлд Земан и Игор Забел. Релевантноста на концептот и изборот на уметнички дела во тогашната збирка произлегуваат и од составот на групата: Мисијано како теоретичар на уметноста и куратор што го поддржува развојот на московската уметничка сцена по распадот на Советскиот Сојуз; Пјотровски како куратор на современата уметност во Националниот музеј во Познањ, историчар на уметноста и научник за уметноста од 20 век, директор на Националниот музеј во Варшава и антиципатор на концептот на „критичен музеј“; Земан како еден од највлијателните куратори на својата генерација што ја дефинира улогата на „кураторот како уметник“ и изложбата како „архив во трансформација“; и Игор Забел како словенечки историчар на уметноста, куратор во Музејот на модерна уметност во Љубљана. Покрај собирањето дела од словенечките уметници, Бадовинац се залага за создавање меѓународна збирка од повоената неоавангардна уметност од Источна Европа во дијалог со дела од истакнати западни уметници. Заедничкиот контекст на овие творби е уметничкото промислување низ социополитичкиот контекст во поранешните социјалистички земји (постсоцијалистичкиот свет) преку ангажирани форми на мапирање на настаните од 1960-тите и состојбите по крајот на Студената воја во 1989 г., па сè до критичкиот однос кон денешниот глобален неолиберален капитализам.
Многу брзо по инаугурацијата на колекцијата под насловот „Уметноста на Источна Европа во дијалог со Западот“ (2000), одржана во напуштениот армиски комплекс „Метелкова“ – Љубљана, Уметничката галерија – Скопје под раководство на Викторија Васева Димеска остварува соработка со Музејот од Љубљана, организирајќи претставување на изложбата во „Чифте-амам“. Тогаш во дијалог со меѓународната колекција (осумдесетина уметници) влегуваат и делата на македонските уметници Жанета Вангели, Томе Аџиевски и Оливер Мусовиќ, според изборот на љубљанската Модерна галерија. Тогаш Бадовинац изјавува: „Колекцијата Артист 2000+ не е само музејска збирка во смисла на веќе испишана историја туку збирка во смисла на простор… еден вид лабораторија каде што се откриваат и се развиваат различни контексти во кои се создава современата уметност“. Во тоа време откупот на дела ги обединува уметноста и капиталот, јавното и приватното, а се одвива преку моделот на тројно финансирање од државата, градот и од приватниот сектор.
Сегашната изложба насловена „Истокот е сè уште можен“ поставена во Музејот на современата уметност – Скопје е продолжение на соработката од почетокот на 2025 г., започната со изложбата „Ткаење светови: Две колекции во разговор“, претставена во Модерната галерија+музејот на современата уметност „Метелкова“. На изложбата во Љубљана, од вкупниот број дела (од 87 автори) покрај уметниците од меѓународната сцена, се претставени дела од 38 македонски уметници, додека на изложбата во МСУ-Скопје се застапени дела на дванаесетина уметници (Душан Перчинков, ОПА&ХА, Ирена Паскали, Петре Николоски, Ѓорѓе Јовановиќ, Христина Иваноска, Игор Тошевски, Симон Узуновски, Виолета Чаповска, Венко Цветков). Дела од двајца уметници се откупени и се дел од колекцијата на музејот во Љубљана; едното е „Соседи“ (1999) на Оливер Мусовиќ, другото на Христина Иваноска.
Во сегашниот контекст, македонската публика има можност да погледне неколку исклучително значајни уметнички дела на автори што прават пионерски чекори на ликовната сцена на повоена Европа: Томислав Готовац со неколку дела (инсталација, фотографии, експериментален документарен филм); групата ОХО (1966-1971) со избор на филмови; инсталации на Брацо Димитријевиќ, „Случајниот минувач што го сретнав“ (1969), Младен Стилиновиќ, „Геометрија на колачите“ (1993), Раша Тодосијевиќ, „Посебна благодарност до Раша Тодосијевиќ – благодарните граѓани на Љубљана“ (2000), Димитриј Пригов, „Пулсирачко црно“ (1998), Горан Трбуљак, „Референдум“ (1972) и други.
Едно од најзначајните дела е документиран запис од култниот шестчасовен перформанс „Ритам 0“ (1974) на Марина Абрамовиќ. Во еден од партиципативните перформанси изведен во Неапол, 1974 година, телото на уметницата е претставено и третирано како објект што презема целосна одговорност во придружба на 72 предмети, кои публиката ги употребува според своја волја или според упатството за изведба. Изложените предмети и нивниот број во оваа изложба се разликуваат од претставувањето на ова дело на нејзината голема ретроспектива „Чистачот“ (2019) во Белград. Ретроавангардната поставка/инсталација на Белградскиот Малевич (Горан Ѓорѓевиќ) е дел од неговата серија „тривијални копии“ започната во 1980-тите, сметајќи дека копијата е поважна од оригиналот, а каноните на модерната уметност неважечки. Според фотографска референца од оригиналната поставка (17.12.1915-19.1.1916, Санкт Петербург), „Последната футуристичка изложба 0.10“ е реконструирана прво во стан во Белград (1985), а потоа во галеријата „Шкуц“ во Љубљана (1986). Според Ѓорѓевиќ, припадник на белградскиот аналитички концептуализам, копиите не треба да се исчитуваат преку уметникот што ги направил (Малевич не е неговиот псевдоним туку негово друго име), туку преку контекстот на метапозиција, која ги означува поимите авторство и оригинал низ постапките на репродукција и повторување.

Според Марина Гржиниќ, Белградскиот Малевич визуелно и дискурзивно деконструира и конструира, а со тоа создава нова историја. Значајно е претставувањето на фотографските негативи „Покажи ја својата рана“ (1977) и циклусот „Множење“ („Две млади дами со сјаен леб“, 1966; „Интуиција“, 1968 и „Тишина“, 1973) на Јозеф Бојс, низ различни автентични медиуми и ликовни постапки (хартија со текст исчукан на машина, чоколадо како замена во чинот на „умножување на лебовите“, дрвена кутија со натпис и тенка линија со молив, картон и поцинкувани филмски ролни). Овие дела се дел од неговата трајна преокупација со трансформацискиот потенцијал на духовното, следењето на трагите на интуицијата и нејзиното движење кон источните религии и стишување на звукот преку постапки на галванизација.
Делото „Пазар“ (1970) на пионерот на видеоуметноста Јозеф Робаковски е изработено според неговиот автентичен метод на временска компресија на документиран материјал од јавните простори. Трите дела на Иван Кожариќ („Привремена скулптура“, „Книга што кажува се, но никој сè уште не ја видел“, „Без наслов“, од 1996 г.) претставуваат минималистички реализирана ликовна целина, која артикулира низ концептите трансформација, минливост и неиспишливост на процесите на создавање на уметноста. Серијата фотографии од документиран настан (свадба) на Власта Делимар со Жељко Јерман во 1982 г. ја подвлекуваат нефеминистичката или женска категорија на уметноста, настојувајќи на нејзината универзалност или уметноста надвор од доминантните врамувања како родова или идеолошка.
Со текот на годините, патувања и гостувањата на изложбата, а и промената на консултантите, квалитетот на делата во колекцијата градира, имајќи ги предвид одразот на концептите, авторството и уметничката релевантност во поширокиот меѓународен контекст.
Натали Рајчиновска-Павлеска

































