Кон шеесеттото, јубилејно издание на „Борштниковите средби“ во Марибор, Словенија

Јубилејното, шеесетто издание на „Борштниковите средби“ е големо театарско видување на словенечките театарски уметници со публиката и со проследувачите на театарската мисла. Овој особено значаен и комплексен театарски фестивал секогаш носи нова возбуда и нови понирања во значенскиот и знаковниот простор на театарската уметност, принесувајќи ѝ го на публиката не само она најдоброто од словенечките театарски сцени туку и она што се одвоило како сублимат од континуираното истражување на сите сегменти на театарската уметност, на сите форми на театарското изразување. Словенечкиот театар има сосема поинаква уметничка магма и сосема поинаков паноптикум на изразни средства, па, така, овој избор на селекторката Ајда Рус зборува не само за новите концептуални решенија и аспекти туку и за вертикалата на ангажманот на словенечките театарски уметници, кој е од особено значење затоа што мотивите и темите што ги третираат тие во своите јадра ги содржат мислите и коментарите за современите социјални, општествени и политички придвижувања во регионот и во Европа.
Селекторката Ајда Рус во компетитивната програма на ова јубилејно издание ги селектирала следните претстави: „Токсично бр. 2“, проект на Ева Махкович и Наташа Матијашец Рошкер (Словенечки народен театар, Марибор), „Прав“ на Ева Махкович и Доријан Шилец Петек по мотиви на пиесата „Прав во прав“ на Харолд Пинтер, во режија на Доријан Шилец Петек, (Друштво на двете, Љубљана), „Небесен свод“ на Луси Кирквуд, во режија на Себастијан Хорват (Словенечкиот народен татар, Љубљана), „Каде живееме ние“, авторски проект на „Дивојзд тиатар“, во режија на Бор Равбар (Словенечкиот младински театар), „Алиса: нешто силолигно за независноста на времето“, авторски проект според „Алиса во земјата на чудата“ на Луис Керол, во режија на Лука Марцен (Словенечкиот народен театар, Чекајќи го Супермен и АГРФТ, Љубљана), „Балада за трубата и облакот“ на Цирил Космач, во режија на Жига Хрен (Мини театар и АГРФТ, Љубљана), „Петте кралеви: кон психопатологијата на некоја монархија“ на Тибор Хрс Пандур, по мотиви од кралските хроники на Вилијам Шекспир, во режија на Ливија Пандур (Словенечкиот народен театар од Цеље), „Агмистериј“, авторски проект на Клемен Ковачич (Клемен Ковачич и Бункер, Љубљана), „Изразување“ на Пјер Паоло Пазолини, во режија на Јан Крмељ, (Словенечкиот народен театар од Нова Горица), „Каизмир и Каролина“ на Еден фон Хорват, во режија на Нина Рајиќ Крањец (Градскиот љубљански театар, Љубљана), „Битка на гркланот“ по мотиви на новелата на Прежихов Воранц, во режија на Јернеј Лоренци (Прешерновиот театар од Крањ) и „Иднина“, авторски проект на Жига Дивјак и Грегор Зорц, во режија на Жига Дивјак (Градскиот љубљански театар и Белградскиот драмски театар), претстави што зборуваат за интимните и општествени трауми преку современите толкувања на класичните дела (Петте кралеви, Казимир и Каролина), кои исто така зборуваат и за внатрешната борба на театарскиот уметник (Агмистериј), за социјалните трауми и јавната нетактичност (Изразување, Иднина), како и претстави што исклучително гласно го изразуваат критичкиот однос кон политичкиот момент во Европа. Режисерските видувања како и секогаш отвораат нови изразни гами и истражувајќи во театарскиот бескрај се занимаваат со она што значи театарскиот моментум или театарското време и место. Селекцијата на Ајда Рус не се обраќа само на траумите од политичката неизвесност во која се наоѓаме заедно со Европа, но и без неа, оваа селекција зборува за немоќта на човекот да ја собере својата сила и да го конституира својот нов век. Транспарентни докрај, селектираните претстави нè одведуваат во едно паралелно време, кое е искривено огледало на модерниот дваесет и први век, предупредувајќи нè дека уметноста мора да ја содржи најважната порака кон оној што ја креира и ја одредува нејзината функција. Во овој избор на дијаметрално различни режисерски ракописи, мораме да ја потенцираме и актерската енергија, која е од огромно значење. Виртуозноста на словенечките актери, меѓу кои посебно би ги потенцирал Клемен Ковачиќ, Дарја Рајхман, Наташа Барбара Грачнер, Јернеј Гашперин, Наташа Матијашец Рошкер, Бернарда Оман итн., е врутокот на театарската магија, која во имагинариумот на гледачот се претвора во начин на „креирана животна приказна“ што тој би ја менувал или не би ја менувал.

Секако, театарот мора да остави отворени прашања, затоа што безмалку и сите театарски мислители од Ајсхил досега се повикуваат и на случајноста, а најмногу на животот.
„Борштниковите средби“ се секогаш средби на театарската мисла во Словенија, но и средби на режисерските видувања, кои од година на година се сè поразлични. Така, Јан Крмељ преку раскажувачкиот принцип навлегува во „конзервативните“ конотации на Италија во 1970-тите години отворајќи ги таинствените аспекти на убиството на италијанскиот режисер Пјер Паоло Пазолини, Нина Рајиќ Крањец нè потсетува на социјалното дно во модерните остатоци од човекот што заминува во пијанство за да не се соочи со реалитетот што сè повеќе го разјадува, Клемен Ковачич нè носи во темните коридори на човековите стравови, а Јернеј Лоренци нè повикува да ја отвориме недостојноста на минатото во својата сопствена беда, исто така преку трогателната раскажувачка епика на новелата на Прежихов Воранц, а Жига Дивјак нè потсетува на токсичноста на консумерството како една од позначајните социјални трауми на новиот век. Индивидуалноста на режисерскиот ракопис на словенечките режисери со секоја нивна претстава станува сè покомплексна и изразно посигнификантна, така што и покрај препознатливоста, тие секогаш имаат да кажат нешто ново, било тоа да е преку актерскиот инструментализам, било преку визуелните сегменти на своите претстави.
Жирито на ова јубилејно издание на „Борштниковите средби“ и годинава главната награда ѝ ја додели на претстава во режија на младата словенечка режисерка Нина Рајиќ Крањец, „Каизмир и Каролина“, претстава што импресионираше со својата густина и сложеност, претстава што не само што блеска со актерското мајсторство туку и со својата органичност, сè на сè, театарски чин што донесе голема возбуда на овој фестивал.
Питер Брук во својата книга „Празен простор“ ќе каже дека „вистината во театарот е секогаш во движење“. Словенечкиот театар низ своите иновативни театарски проекти секогаш е во потрага по другите вистини за да го осветли патот кон вистинољубивоста и да ја отстрани небулозата на репресијата и недостојноста. Затоа е секогаш интересен и возбудлив.

Сашо Огненовски