Рецензија
Најновиот филм „Братство на крадци“ (Пантера) од 2024 година е продолжение од првиот секвел, кој беше реализиран во 2018 година, во режија на Кристијан Гудегасто. Името на Гудегасто можеби не ни звучи познато, но затоа може да напоменеме дека тој, освен што несомнено поседува голем талент, има завршено филмска режија на фамозната УКЛА. Тој бил прогласен за најдобар студент од својата генерација со дипломскиот труд „Сенки на кутијата“, а сценариото го изработил заедно со Пол Шерант (поранешен соработник на Оливер Стоун). На почетокот од својата кариера бил голем обожавател на њујоршките рап-легенди „Паблик енеми“ и „Ран ДМС“. Со часови ја слушал нивната музика, па не и ни чудо што снимал хипхоп-спотови.
Почетните кадри од филмот нѐ водат во милјето во Антверпен, каде што се одвива кражба и е во препознатливиот „саспенс стил“ на филмската калиграфија, која можеби е со сличен сензибилитет со големиот Мајкл Мен („Жега“). Терминот „пантера“ означува своевиден еуфемизам на автентичната криминална организација „Пинк Пантер“, која најчесто регрутирала професионалци од Балканот во почетокот на 2001 година. Една од главните улоги му е доделена на Оши Џексон, синот на легендарниот Ајс Кјуб, кој има неверојатно слични црти со татко си, а овде ја толкува ролјата на Дони. Во бизнисот се претставува како архитект, што и не е така далеку од неговата вистинска професија – „архитект на кражбите“, а во неговата екипа членува и сензибилната шведска убавица со курдски корени Евин Ахмад, во улогата на Јована, која е вистинско освежување на филмската сцена. Се појавува и неаполскиот заводник Салваторе Еспосито, како српскиот гангстер Славко. Свежи ми се сеќавањата на него во улогата на неприкосновениот мафијашки могул Џенаро Севастоне од крими-серијата „Гомора“, која неодамна се прикажуваше на телевизијата Телма.
Но, да не се оддалечуваме од темата – нивна следна цел е бисерот на Азурниот Брег, Ница. Овој пат влогот е многу поголем од претходната мисија, тоа е кражбата на најголемиот светски дијамант. Оттука филмот станува повозбудлив бидејќи се појавува англискиот аристократ на подвижните слики Џерард Батлер. Ник е поранешен специјалец од полицијата на Лос Анџелес, кој е избркан за недолично однесување и е целосно посветен на Худиновата професија. За таа цел Бен одлучува да отпатува за Ница, каде што нечујно, но максимално професионално, се сместува во хотелската соба кај некогашниот компањон Дони. Тој му е должник од претходна акција и набрзо не само што се инфилтрира во пантерската екипа туку станува и лидер како искусен професионалец што владее со вештините. Дони махерски ја надигрува Назмие Орал (Чава), координаторка во трезорот во стил на тројански коњ, таа силно ја загризува мамката и станува лесен плен за остварување на нивната цел. Тоа е полесен пристап на влезот кон трезорот, каде што под безбедносни мерки се чува (нај)скапиот дијамант. Планот го осмислуваат прецизно, токму за време кога се одигрува фудбалскиот натпревар меѓу Ница и Монако, кои се борат за повеќе собрани бодови и освојување на француското првенство.
Ингениозниот ум на мајсторската режија на Гудегасто не остава ништо на случајот, туку, напротив, успешно ја зголемува тензијата со забрзаното срцебиење кога во сцената привидно невидливите штитови се користат за влез да не бидат идентификувани. Сепак, случајот сака будното око на еден од чуварите на обезбедувањето да здогледа сенка и веднаш да го вклучи алармот за побрзо да биде разоткриен идентитетот на мистериозниот посетител. Паралелната монтажа за хајката на лов на пантерите и далдисаноста по фудбалскиот натпревар се заслужни умешните прсти на Роберт Норд, на и онака напнатата ситуација, да додадат адреналинска инекција за целосна неизвесност.
И кога се чини дека целиот тим успешно се спасува, знаци на анемичност и мало невнимание покажува Ник, кој нѐ внесува во лавиринтите на неизвесност, но сепак прометејски бега и успева да му се придружи на својот тим.
И кога публиката воздивнува во знак на хармоничност и нирвана и кога мислиме дека мисијата е успешно завршена, следува вистинска бркотница по булеварите, проследена со рафални пукотници. Тоа е италијанската мафија, која се вистинскиот сопственик на вредниот дијамант од Антверпен. Конечно завршува меѓусебната разврска со Италијанците, тие го добиваат посакуваниот плен, а „Пантера“ одат на прослава со своите бизнис-партнери, предводени од надалеку веќе афирмираната хрватска ѕвезда Дејан Аќимовиќ (Стипе). Да потсетиме дека меѓу неговите најзначајни улоги се и онаа во најдобрите македонски филмови „Илузија“, во режија на Светозар Ристовски, и во „Бал кан кан“ на Дарко Митревски. Радосни од успешно завршената мисија, го споделуваат богатиот плен од девизи, скапоцени златни и сребрени ланчиња, бразлетни, белезици, прстени и со мислите веќе се на некоја егзотична дестинација. Во моментите кога љубовно танго играат илузиорните мечти, влетува француската полиција, која ги апси и последната мисла се растопува како капка во морето. Меѓу нив има крт што пропеал, а тоа е никој друг туку Ник, кој склучил договор со француската полиција да ги предаде. При средбата во затворот, Дони го советува да седне на левата страна од возилото со кое треба да е спроведен до затворот. Патот е блокиран од маскирани лица, кои со хеликоптери, на спектакуларен начин, во стилот на „Синиот гром“ од Џон Бедем, го спасуваат Дони, а тој му испраќа СМС на Ник каде што вели: „Сепак тигарот ги менува пругите“, мислејќи дека пронашол нов ангажман, но овој пат под закрилата на италијанската мафија.