Милена Пшикрилова, македонистка, поранешна наставничка на Карловиот универзитет во Прага, Чешка
Македонскиот јазик освен што е официјален во земјава, тој е истовремено и предмет на научен интерес кај славистите низ светот. Во последниве години интересот за негово изучување на универзитетите во странство е сѐ помал, а тоа се должи на скромните напори што државава ги вложува за негова афирмација во светот. По повод 80-годишнината од кодификацијата, за македонскиот јазик разговаравме со Милена Пшикрилова, македонистка, поранешна наставничка на Карловиот универзитет во Прага, Чешка.
Годинава се одбележуваат 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик. Што значи овој јубилеј за вас како македонист и за славистиката во Чешка воопшто?
– Овој јубилеј е секако важен момент за македонистиката и за славистиката. Со оваа кодификација македонскиот јазик ја добива својата официјална самобитност и се издвојува од соседните словенски јазици. Интересот кон македонскиот јазик во тогашна Чехословачка може да се види во тоа дека Антонин Фринта уште во зимскиот семестар 1946/1947 распишува на Карловиот универзитет лекција „Основите на македонскиот книжевен јазик“, која ја предава целата учебна година. На овој начин Филозофскиот факултет на Карловиот универзитет е меѓу првите факултети надвор од Југославија каде што цела година се предава македонскиот јазик.
Македонскиот јазик има долга традиција на изучување во Чешка. Кои се најважните моменти за македонистиката во вашата земја?
– За развојот на македонистиката во Чешка има напишано многу научни статии, така што тука ќе ги спомнам само најважните моменти и истовремено им се извинувам на сите оние што нема да ги спомнам. Споменатиот Антонин Фринта е еден од првите, но и пред него постои интерес за Македонија, собирање народни песни, опишување дијалекти итн. Интересот кон македонистиката по 1948 година има подеми и падови во врска со политичката ситуација во тоа време. До 1997 година македонскиот јазик се изучува во универзитетот со македонски лектори како дел од пили програмата „Југославистика“. Од есента 1997 година за првпат има самостојна учебна програма „Македонска филологија“ со изучување јазик и книжевност. Во рамките на јазикот јас ја предавав нормативната и историската граматика, а лектор од Македонија имаше часови по лекторски вежби. Веројатно 15-20 години на крајот на дваесеттиот и на почетокот на дваесет и првиот век претставуваат најголемиот подем на универзитетската македонистика во Чешка. Тогаш, освен во Прага, македонистика имаше и на Масариковиот универзитет во Брно, каде што се задржа и подолго од Прага. Голем придонес за изучување на македонскиот јазик во Чешка имаа издадената „Македонска граматика“ од Франтишек Вацлав Мареш, „Македонско-чешкиот речник“ од Карел Хора и, секако, делото на професорот Иван Доровски во Брно, пред сѐ на полето на книжевноста.
Вие го следите развојот на македонскиот јазик подолго време. Кои поважни промени можете да ги констатирате?
– За да може човек да констатира некои промени во јазикот, треба да живее во конкретната јазична средина. Јас сепак сум странец, кој не живее континуирано во Македонија, макар што постојано одржувам контакти со своите пријатели. Од времето кога дојдов како лектор по чешки јазик (од 2003 година) до денес, ми се чини дека се намалени србизмите во јазикот. За сметка на тоа има навлезено повеќе англизми, но тоа е тренд којшто може да го набљудуваме речиси во сите јазици.
Според вас, каква е перспективата на македонистиката во Чешка? Можно ли е враќање на интересот за изучување на македонскиот јазик?
– Перспективата на македонистиката во Чешка е слична како и кај другите „мали“ словенски јазици. Воопшто во светот во последно време има тенденција славистиката да се сведува на русистика и таканаречените мали словенски јазици се во застој. Во моментот предмет македонистика за жал нема ниту во Прага ниту во Брно и, соодветно, нема ни македонски лектор. Мислам дека интерес од страна на студентите секогаш ќе се најде. Но, тука играат улога и економските услови на факултетите. Би требало од македонска страна да се преземаат чекори кон поголема популаризација и на Македонија и на изучувањето на македонскиот јазик. Како македонист имам голема желба да се врати интересот за македонскиот јазик и се надевам на тоа. К. Р.