Рецензија
Немаме многу честa можност да ја следиме индиската кинематографија, можеби се создава антагонизам кога се спомнува името на кичестиот Боливуд. Но тоа не е така и со случајот на филмот „Сѐ што замислуваме како светлост“ (2024) на Пајал Кабадиа, кој се најде во официјалната натпреварувачка селекција во Кан. Таа воведува свежина и емоционална јасност збогатена со хуманост каде што варираат топлината и еротиката и навлегува во подоцнежните сцени. Очигледно Кабадиа одлично ја совладала материјата од „учителот“ Сатјаџат Рај каде што има видливи цитати од филмовите „Големиот град“ и „Денови и ноќи во шумата“. Главниот акцент на наративната структура е насочен кон трите медицински сестри, од кои секоја посебно има приказна со своја тежина.
Праба (Кани Кусрити) е една од најискусните со конзервативни сфаќања. Ану (Дивја Праба) е симбол на младоста, полетот и радоста, но и сензуалниот нектар на сексот. Таа е во тајна врска со муслиманот Шиаз, па тие се тема на озборувања во докторските кулоари. Парвати е вдовица со најголем работен стаж, која не може да излезе накрај со урбаната мафија, која има намера поскоро да ја исфрли од нејзиниот стан, за кој, за жал, таа нема никаков евидентен документ за сопственост. Праба добива поклон машина за ориз од анонимен човек, но острото око на цимерката Ану согледува дека пратката е од Германија, што воведува многу дилеми. Секако една од нив е дали тоа можеби е мажот на Праба, кој е заминат во Германија веднаш по нивната венчавка. Патем свадбата била реализирана бидејќи таа била ветена сопруга, а не поради вистинска љубов. Меѓутоа нејзиниот колега тука гледа добра шанса да го освои нејзиното срце, но и покрај смелите додворувања, таа го одбива. Моралните дилеми на Ану надвиснуваат над неа како облаци пред бура, дали љубовта ќе ја круниса со брак. Во милионскиот град Мумбај светлата прштат од сите страни, но молскавично минуваат и возовите низ станиците, кои ја симболизираат минливоста на брзиот животен пат на нивната осаменост.
Решителната Парвати дава отказ и заминува во своето село со своите драги колешки, со надеж барем за кус период дека ќе го почувствуваат мирисот на слободата. Делумно тоа е и халуцинантно (раз)откривање, дека би била подалеку од сопругот, од сопствената среќа и иднина, па ако сакате и басна. При една расправија Праба ја навредува Ану, а таа на секое прашање ѝ возвраќа со негација. Меѓутоа по извинувањето таа ѝ простува и мајчински се поставува спрема неа, доверувајќи се за брачниот камен што го носи во срцето, а голем број жени се сведоци на нејзината судбина.
Камерата бавно се движи кон солитерите од отворениот прозорец во ноќта и понекое запалено светло, симболизирајќи ја огорченоста (темнина) со надеж дека можеби еден ден и нејзе ќе ѝ се насмее среќата. Но иако направив мала дигресија, да се вратам на главното дејство во селото каде што се слушаат извици од брегот на морето, кои исфрлаат речиси безживотно тело. За среќа, искусната Праба го спасува и настануваат молк и шок. Откако се изолирани заедно во посебна соба, од разговорот дознаваме дека тоа не е непознаник, туку нејзиниот бесчувствителен сопруг. Видно пропаднат од работните стеги што го приклештиле ја подава раката кон Праба. Слика и прилика како во делата на Рембрант со хроматска сензуалност со огнена жолта нијанса таа со право не само што ја отфрла неговата рака туку не сака да го види воопшто. Мило за драго што би рекле, сѐ се враќа, татнежот на толеранција ги надмина сите граници на ист начин како што тој саможиво и бесчувствително не одговараше на нејзините повици. Којзнае можеби во тие моменти беше во прегратки на некоја друга жена, оставајќи ја Праба сама на милост и немилост, сѐ се плаќа во животот, нели? Ану транспарентно ја обзнанува љубовната врска со Шиаз пред Праба навестувајќи ново среќно поглавје.
„Сѐ што замислуваме како светлост“ заслужено беше номиниран за „златна палма“, но, за жал, не ја доби, туку доби гран при и да се надеваме дека филмот ќе освои многу (женски) срца низ светот.