• (Кон шоукејсот „Под 600“ на независната театарска група „Штрих“, од 25 до 28 септември, во Скопје)

Големиот театарски маг Питер Брук еднаш рекол: „Театарот секогаш е самодеструктивна уметност и секогаш е напишан на ветер“. Вистината во оваа негова контроверзна сентенца е во моментот кога театарот како синтетичка уметност во рамките на некакви околности или временски недоразбирања станува цел сам за себе или се обидува да изврши самоубиство. Македонскиот театар е некаде во таа зона, сакајќи да се ослободи од бактеријата на конзервативизмот и безидејноста, и тоа веројатно е процес што веројатно има потреба од појава на некои други театарски сили што својот нерв го ослободуваат преку свежите идеи и начини на мислење. Подолго време со таа провениенција нè радува независниот театар, кој заминува во прогресивните висини создавајќи нови театарски моменти, возбудлив и вехементен. Како точка на „и“ во целата таа околност се појави и храбриот шоукејс „Под 600“ на независната театарска група „Штрих“, шоукејс на кој авторот на овие редови многу му се израдува копнеејќи по таков во нашата земја додека ги следеше сите други интересни шоукејси низ Европа.
Именувајќи го шоукејсот со многу игриво, но и енигматично име „Под 600“, „Штрих“ успеа со поддршка на Британскиот совет и Европската Унија да ги собере на едно место независните театри од регионот што се на далечина „помала од 600 километри“. Имено, дванаесет независни продукции од Македонија, Србија и Црна Гора влегоа во репертоарот на овој шоукејс донесувајќи голема свежина и исклучителна актуелност на нашите простори. Секако, овде мораме да напоменеме дека овој проект „Штрих“ го реализира заедно со театарот „Дах“ од Белград, Србија, и театарот „Корифеј“ од Колашин, Црна Гора, но и со голема поддршка од публиката и театарските професионалци за кои овој настан беше од огромно значење.
Шоукејсот „Под 600“ ни ги донесе претставите: „Снег“ на независниот театар „Штрих“, по романот на Максанс Фермин, а во режија на Зоја Бузалковска и во изведба на Марјан Наумов, Александар Степанулески, Лазар Христов, Томислав Дваидовски, Јанка Лефкова, Ава Хусеини, Нела Павловска и Мартин Мазнев, претстава што плени со спецификата на источната театарска аура; сатиричната и динамична претстава „Крст со петокрака“ по драмскиот текст на Велизар Радоњиќ, а во режија на Зоран Ракочевиќ, во продукција на независниот театар „Корифеј“ од Колашин и во изведба на Ѓорѓије Тасиќ, Анѓелија Рондовиќ, Павле Богојевиќ, Милица Шќепановиќ, Немања Тодоровиќ, Лазар Ѓурѓевиќ и Лука Станковиќ;особено интересниот перформанс на Ивица Димитријевиќ под наслов „Ready-Made Play“, дело на независната група „МИ филм и театар“ од Скопје, настан што се играше сите три дена на отворено; една особено интересна дуодрама на театарот „Промена“ од Нови Сад под наслов „Сè додека зборуваме за љубовта“, авторски проект во режија на Маша Павловиќ, кој е базиран врз документарни материјали, поточно приказни за генерацијата и за љубовта, претстава што ни отвори многу промисли токму за љубовта, низ одличните актерски креации на Доротеа Вуковиќ и Иван Петрушински. Здружението „Купола“ од Штип и продукцијата „Хибрид“ од Скопје ни понудија две мошне интересни монодрами: едната под наслов „Којзнае зошто“, во режија на Дамјан Читкушев и во изведба на Ане Блажовски, импресивна актерска креација, а другата под наслов „Ла Макбет“, во режија на Шенај Мандак и во изведба на Хакан Даци, претстава што ни донесе една прекрасна симболистичка возбуда, претстава што во своите креативни мигови беше интерактивна и, секако, дејствуваше крајно инспиративно.

Кога сме веќе кај монодрамите, би ја истакнале и монодрамата „Срам!“, во продукција на „Тиит Инк!“, во изведба на Ангела Стојаноска, театарски чин што низ раскажувачкиот манир ни отвори една особеност, една специфика што навистина одушеви. Кога зборуваме за спецификата, не можеме да не го споменеме и експерименталниот театарски видеопроект на македонското ИТИ, под водство на Иванка Апостолова Баскар, под наслов „K-R-I-E-G/A-C-I-N-S-E-L-A-K“, а веќе етаблираната независна група што е закитена со неколку театарски награди овој пат, на овој шоукејс, ни ја понуди дуодрамата „Добри луѓе“, во режија на Тамара Стојаноска и во изведба на Тијана Трајчевска и Филип Христовски, по популарниот драмски текст на Данкан Мекмилан и инспирирана од The Relаtion Work Project (1976–1980) на Марина Абрамовиќ и Улај, претстава што со својата живост и непосредност нè пренесе во светот на интимното недоразбирање, во дилемите од продуктивноста или непродуктивноста на врската или бракот. Во целиот репертоар на овој шоукејс од големо значење беше претставата на театарот „Дах“ од Белград, кој на повеќе локации во рамките на ФДУ Скопје ја одигра претставата „Загатката на револуцијата“, во режија на Дијана Милошевиќ и во драматургија на Дубравка Кнежевиќ, а во изведба на Евгенија Ешкина Ковачевиќ, Ивана Миленовиќ Поповиќ, Милица Петровиќ и Иван Николиќ, претстава што низ раскажувачкиот театар и брехтовскиот манир ги сведуваше сметките од комунизмот, сто години по убиството на легендарната Роза Луксембург, по почетокот на Првата светска војна, која ни ги постави горливите прашања што доби цивилизацијата по двете исцрпувачки војни и неуспешните револуции на Улрике Мајнхоф и, секако, која е нивната значенска конотација, претстава што се одвиваше во една друга реалност во која духовите на сите овие револуционери се обидуваа да одговорат на круцијалното прашање каква е целта на бунтот. Од големо значење беше и претставата „Смрт во Дубровник“, во продукција на „Празен простор“, во драматургија на Ања Плетикоса и во режија на Петар Пејаковиќ, а во изведба на Славиша Грубиша, Емир Ќатовиќ, Павле Прелевиќ, Милош Кашќелан, Павле Новаковиќ и Маша Боживиќ, која е плод на голем истражувачки процес на театарско отелотворување на фактите за нападот на Дубровник во последната војна во поранешна Југославија, импресивна и динамична претстава што раскажувачкиот начин на мислење го потопува во емотивниот контекст на настаните, потресна докрај и со силна порака. На крајот на шоукејсот беше прикажана и претставата „Онлифенс“ на продукцијата „Артопија“, со колективно авторство, а во изведба на Дениз Ајдаревиќ, Наташа Петровиќ, Бојан Кирковски, Симона Спировска и Лука Тошев.
Во овој многу интересен шоукејс плени и фактот што претставите се одигруваа на сцените на Младинскиот културен центар, киното „Фросина“, Факултетот за драмски уметности, но и на улицата Македонија, киното во Железничката зграда, „Котур кафе и филм“ и „Dude Specialtiy Cofee“, каде што се одржуваа и настаните за вмрежување, на кои се отворија важни проблеми за егзистенцијата на независниот театар во регионот и неговото влијание врз театарските текови, што оставаше впечаток дека со продукциите од независните театри во сите три дена живееше и целиот град. Секако, овој начин на просторно промислување на театарот ја отвори и неговата алтернатива, која е и тоа како иновативен аспект.
„Под 600“ е над сите очекувања. Со овие тридневни мошне интересни театарски настани се постави прашањето колку е важен шоукејсот на овие простори и колку неговиот лакмус ќе придонесе за промена на една продукциска констелација од која очекуваме многу. Овие настани се лавовските дилеми, но и начин да се допре до некои одлучувачки места. Овде повторно ќе цитирам уште една контроверзна реплика на Питер Брук, која вели: „Денес театарот на сомнеж, на немир, на проблеми, на тревога, изгледа повистинито од театарот со благородна цел“, што претпоставувам дека зборува многу, ако и покрај прекрасното чувство имаме предвид дека следниот шоукејс на „Штрих“ ќе донесе уште поголем немир и уште поголема возбуда.

Рецензија на Сашо Огненовски