Весна Мојсова-Чепишевска, професорка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“

Весна Мојсова-Чепишевска е македонска книжевна теоретичарка, критичарка и професорка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. По студиите ја изгради својата академска кариера и денес е редовна професорка по Современа македонска книжевност и Книжевност за деца. Авторка е на голем број книги, студии и рецензии за македонската литература и култура, а активно учествува и во Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, каде што е уредничка на издавачката дејност. Нејзината инспирација лежи во делата на Петре М. Андреевски, Коста Солев Рацин и Блаже Конески – „светото тројство“ на македонската книжевност, како што таа самата го нарекува.

Што Ве привлече кон книжевната теорија и критика како животна професија?
– Најискрено не знам кога се случи таа прва искра и зошто тие станаа моја професија. Иако морам да бидам докрај искрена, мене првата професија ми е професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и таму во училниците и амфитеатрите сум најсвоја. А во рамките на тоа мое професорување ми се наметнаа науката за книжевност, па и книжевната теорија како потреба, а книжевната критика или поточно книжевното проучување, проследување, стручно исчитување како страст. Можеби зашто од мала си ги правев своите приказни, ги испишував во своето детско главче уште во првите четири-пет години од мојот живот, легната во болничката постела и загледана во таванот на Костозглобната болница во Охрид, а потоа и во болницата во Рен, Франција. А потоа сите мои наставнички, професорки многу, многу ми дадоа од својата љубов кон книгата и кон македонскиот јазик, од Цвета Бошњак и Ружа Тозија, преку Нада Малеска (во основното, тогашно „Браќа Рибар“, а сега „Димитар Миладинов“) и Љубица Ристеска (во гимназијата „Јосип Броз-Тито“). А потоа дојде и мојот предизвик, Филолошкиот факултет и… Така, тргна возот и тој, еве, веќе 40 години не престанува да вози и вози само напред (од студент до редовен професор на УКИМ)!
Кои автори или дела најмногу влијаеле врз Вашиот научен и критички развој?
– Како личност сум многу дисциплинирана и затоа сè што ми се посочувало за читање додека учев и студирав, додека работев на магистерската и докторската теза, сум читала. Во своите научни текстови секогаш гледам да тргнам од она што моите професори, но и македонски книжевни проучувачи и критичари, го оставиле зад себе. Која и да е темата за која сакам, за која треба да пишувам, секогаш најпрвин истражувам што пишувале за таа тема моите претходници. Но, исто така, исчитувам и автори од европската и светската книжевна наука и мисла. За одредени теми без нив и не можам. Само низ примерите на двете мои книги студии, кои произлегоа од мојата работа на магистерската и докторската теза, можам да наведам многу имиња. За да го исчитам Рацин во еден европски контекст, морав да поминам низ многу трудови што го објаснуваат експресионизмот, почнувајќи од Томислав Тодоровски (како мој ментор), Гане Тодоровски, Атанас Вангелов, Георги Сталев, Миодраг Друговац, Александар Спасов до Станислав Винавер, Бранко Вулетиќ, Радован Вучковиќ, Виктор Жмегач, Зоран Константиновиќ, Фран Петре, Ганчо Савов… Поезијата на Петре М. Андреевски за да ја ставам во дијалог со европскиот надреализам, и со францускиот, со надреалистичкото искуство на Бретон, и особено со шпанскиот, со она на Лорка, но и со српскиот модернизам, особено со она на Попа, требаше да исчитам ставови, книги, согледби од Блаже Конески, Милан Ѓурчинов, Влада Урошевиќ, Катица Ќулавкова, Лидија Капушевска-Дракулевска до Андре Бретон, Ханифа Капиџиќ-Османагиќ, Алеш Бергер, Фридрих Хуго, Гастон Башлар… Ама секако над сите стои Блаже Конески. Буквално тој за мене е еден вид предвесник на ЧетГПТ… За која било тема да треба, да сакам да пишувам, слободно можам да му се обратам и да започнам разговор со него преку исчитување на неговите студии.

Кои се најсилните теми што ја дефинираат современата македонска книжевност?
– Имам впечаток дека македонската книжевност покрај тоа што е дефинирана од словенската традиција (заради јазикот, заради писменоста), како и од балканскиот простор зашто се создава токму на една крстосница на балкански култури, некако најсеопфатно ја читам низ призмата на медитеранизмот, и тоа и како палимпсест и како активна проекција. И еве го повторно моето повикување на промислувањата на Блаже Конески. Имено, тој е целосно во право кога во својот труд „Македонската поезија во медитеранска сфера“ (во книгата „За литературата и културата“) истакнува дека македонската книжевност, а со тоа и македонската култура во целина, не само што е во тесна врска со културата на другите народи на Медитеранот туку е и резултат на таквата поврзаност и заемност. И затоа слободно може да се каже дека колку што таа е дел од балканскиот систем исто толку е и од медитеранскиот, дури можеби и повеќе од овој вториот отколку од првиот. Да се потсетиме и на зборовите на Зоран Константиновиќ, кој вели дека Македонија, историски потисната од морето, го зачувува и сè уште го чува сеќавањето на Медитеранот како палимпсест, како и тоа дека „тоа сеќавање е потсилено и со непосредната евокација инспирирана од климата на своето поднебје и од архитектурата на спомениците што во себе го носат Медитеранот. Оваа идеја ја потенцира и Предраг Матвеевиќ во својата книга „Медитерански бревијар“ (Загреб: 1987). И пред сè носталгијата како најголема тема од која излегуваат и темите за крпениот живот, пирејот, црното семе, папокот на светот, единствениот матичен број, летот во место, дуплото дно, од која се излеваат звуците на песната за тагата за југот, везилката, гусларот, за тајнописот и љубописот…
Како ја гледате улогата на поетите и писателите во градењето на националниот идентитет?
– Тие отсекогаш ја имале најголемата улога. Да го поткрепам ова и низ конкретни примери. Зарем не треба да гледаме како на јуначки подвиг на тоа што ќе го постигнат браќата Миладиновци со својот зборник, и покрај тоа што тој добива едно несреќно име. Факт е дека тој зборник има фалш име, како што пишува и Златко Крамариќ во својата книга „Културата и траумата: Писмо до бугарскиот пријател“ (Скопје. 2024). Притоа овој наслов произведува низа недоразбирања зашто она што произлегува од тоа име не одговара на неговата реална содржина, па така, се соочуваме со парадоксот: некој ставил потпис на нешто што, во најголема мера, не кореспондира со она што навистина се потпишува (тоа се самите автори на „Зборникот“, или тогашните меѓународни политички односи, или можеби токму тоа „туѓо“ име се вклопило во „постилирската“/јужнословенска политичко-културна визија на бискупот Ј. Ј. Штросмаер, па авторите по негов наговор се согласиле „Зборникот“ да го именуваат со „туѓо“ име). А да си замислиме Константин да не се согласел да излезат сите тие песни под ова име! Тоа за нас ќе значеше дека овој исклучителен фолклорен материјал ќе останеше засекогаш заборавен или уште пострашно тотално изгубен. А тој зборник е силната идентитетска точка на македонскиот 19 век. Па и „Сердарот“ на Григор Прличев, нашиот втор Хомер со што доби и свое место во историјата на новата грчка книжевност. Тоа што оваа поема е напишана на грчки не ја намалува неговата улога во градењето на македонскиот национален и книжевен идентитет. Поемата за Кузман Капидан колку што е дел од европската и светската книжевна карта, толку е силната точка на македонската преродба, но и на македонскиот книжевен романтизам. А да не зборуваме за „јунаштината“ на Ѓорѓи Пулевски, особено со неговите речници. Таканаречените македонисти уште во 19 век ја застапуваат идејата македонскиот јазик да се афирмира самостојно, со своја граматика и речник, на што остро реагираат бугарската и српската политика. Двете пропаганди ги интензивираат своите активности преку образовниот систем, со дистрибуција и пласман на бугарски и српски учебници, на што реагираат големиот број македонисти, кои се наречени борци за „национален сепаратизам“. Најраниот печатен израз на посебен македонски идентитет е пројавен токму од Пулевски, кој во „Речникот од три јазици“ наведува: „Наше отачество се велит Македонија и ние се именуваме с. Македонци“; „с. македонскијот јазик је најсроден со црковно-славјанските книги и тој је старославјански“. И да не зборувам понатаму, туку едноставно само да ги споменеме: Крсте Мисирков, Војдан Чернодрински, Коста Солев, Блаже Конески… Сите тие премногу покажале и докажале колку е силна улогата на поетите и писателите во градењето на националниот идентитет…


Дали постои „свето тројство“ на македонската литература и кои автори би ги вклучиле таму?
– Во некои свои претходни интервјуа, како мое лично „свето тројство“ на македонската литература сум ги споменувала Рацин–Андреевски–Конески. Оваа тријада за мене е од огромно значење зашто низ трите книги посветени на нивното творештво се надевам дека сум се издигнала како значаен глас на современата македонска книжевна теорија и критика. Меѓутоа, Вашето прашање ме поттикна на едно подлабоко нурнување во моите размисли и сфатив дека можам да направам и некои други тријади рамни на ова „свето тројство“, како Пулевски–Мисирков–Конески (на полето на македонскиот јазик и особено на полето на македонската наука за книжевност и јазик), Чернодрински–Крле–Стефановски (на полето на македонската драма и на македонскиот театар), Марко Цепенков–Стале Попов–Петре М. Андреевски (како исклучителни македонски раскажувачи), Депа Каваева–Евгенија Шуплинова или Даница Ручигај–Светлана Христова-Јоциќ (како свето тројство на македонскиот женски поетски глас), Дафина од Просеник (наследничката на Хомер, како што ја квалификува Славчо Ковилоски) – Оливера Николова–Кица Колбе (како свето тројство на македонскиот женски авторски сензибилитет).
Во едно Ваше интервју рековте дека „границите на македонскиот јазик се граници на светот“. Може ли да го развиете тоа размислување?
– Всушност оваа идеја се роди од цитирањето на мислата на Лудвиг Витгенштајн, која гласи: „Границите на мојот јазик ги означуваат границите на мојот свет“. И така таа се трансформира во: „Границите на мојот јазик се поистоветуваат со границите на светот“. Притоа треба да се има предвид дека „свет“ може да означува светоглед, но и Земјина топка, нели? Па така, дојде до ова видоизменување, зашто убаво звучи кога македонскиот јазик ќе се стави во некаков светски контекст. Токму ваквиот став „границите на македонскиот јазик се граници на светот“ овозможува да се брани идејата дека ниеден јазик не треба да има граници, а со тоа и ниеден јазик не треба да му пречи на некој друг јазик или да се поставува хегемонистички по однос на јазикот, кој, ете, од некои причини подоцна се кодифицирал. Сакаме да се расфрламе со мислата на Конески дека токму македонскиот јазик е нашата целосна или единствена или комплетна татковина (и не ми текнува уште сè какви други квалификативи ѝ даваме на татковината во релација со јазикот, со македонскиот јазик)…, а притоа и недоволно ја разбираме. Македонскиот јазик нема свои граници само со јазиците од соседството. А, за жал, од нашето соседство тој се изучува само на Универзитетот во Тирана (како резултат на исклучителната заложба на УКИМ поттикната од Никола Ѓурѓај, претседателот на македонското друштво „Илинден“, по повеќе од 10 години повторно да се отвори Лекторат по македонски јазик). Се изучува и на Универзитетот во Ниш. Но затоа, македонскиот јазик нема свое вистинско место во образовниот процес кај другите два соседа, кај Бугарија и Грција. Па сепак и покрај ваквата негова поставеност тој добива свои граници со светот. Македонскиот јазик се граничи со светот тогаш кога се учи на универзитетите во Хрватска, Будимпешта, Букурешт, Париз, Анкара, Москва, Пекинг… И тогаш македонскиот јазик почнува да се граничи со хрватскиот, унгарскиот, романскиот, францускиот, турскиот, рускиот, кинескиот… иако Македонија и Хрватска, Унгарија, Романија, Франција, Турција, Русија, Кина не се соседи. А згора на сè секаде каде што македонските семејства низ светот си го зборуваат, тие семејства стануваат мали оази среде светската јазична пустина во која секое зрнце песок е посебен јазик, мали острови среде непрегледната светска јазична шир. И тогаш границите на тој македонски јазик стануваат и граници на светот. Така што, еве уште едно промислување за ставот дека границите на мојот јазик се поистоветуваат со границите на светот.
Како книжевноста за деца придонесува за пренесување на културната меморија и идентитетот?
– Поетиката на литературата за деца ја подразбира и воспитно-образовната и естетската порака. Детството е стожерен фундамент врз кој почива и се развива човековата личност. Детето усвојува знаења и поимања коишто подоцна ќе го насочат неговиот развој. Затоа, како што вели Марија Тодорова, „книгите треба да се користат за да им се помогне на децата да ги изградат своите идентитети“. Книгите треба да ги поттикнуваат децата во прифаќањето на разликите и одбивањето на сите форми на дискриминација“. Книгите треба да ги насочуваат децата кон сопствената културна меморија, но и да им помагаат во оформувањето и на личниот, и на колективниот идентитет. Затоа во напливот на многу нови сликовници и книги за деца некако никој не се сети да направи убави изданија соодветни за детската перцепција, со тоа што ќе се направи соодветна јазична адаптација имајќи го предвид денешниот македонски јазик, но и текстуална адаптација сметајќи на денешното македонско дете, детето на 21 век, при што ќе се подготви книга со песните за деца на Прличев или книга со некои од сценките на Џинот… Македонските деца ја знаат Перовата или Гримовата „Пепелашка“ или светската „Убавицата и ѕверот“, ама не ја знаат Шапкаревата „Мара пепелава се чинит царица“ или Цепенковата поточно македонската верзија за светската убавица Дуња Ѓузели. Така и на нашето дете ќе му покажеме дека не почнала македонска книга за деца од 1945 година. Од друга страна, книгите им ги отворат на децата и видиците кон другите култури и начини на живот, помагајќи им на тој начин да ги надминат стравовите што потекнуваат од непознавањето. Книгата ја воспоставува естетската комуникација преку која детето емоционално се описменува, а тоа значи книгата ја всадува љубовта кон вистината и љубовта кон луѓето.
Дали сметате дека јазикот е најсилниот чувар на културната автономија?
– И тоа како! Јазикот игра клучна улога во зачувувањето и преносот на културната автономија. А што означува културната автономија? Да се потсетиме дека и Гоце Делчев се залагаше за тоа Македонија да добие културна автономија во рамките на големата Отоманска Империја. Зашто учениот Гоце Делчев знаеше дека само преку една таква културна автономија Македонија ќе можеше да остане во рамките на своите етнички граници. А културната автономија ја подразбира и способноста, но и можноста една заедница, еден народ да ги зачува својата култура, своите обичаи, традиции и идентитет, а јазикот се издига како основен елемент во тој процес. Зашто токму преку јазикот се пренесуваат не само информациите туку и вредностите, емоциите, како и начините на размислување. Јазикот ги заштитува историски наративи од заборав. Во многу случаи кога одреден народ се соочува со постојана асимилација како што тоа било и со македонскиот, токму народниот јазик бил симбол на отпорот и бедем на зачувувањето на идентитетот. Затоа тој опстоил сите тие векови до времето на неговата конечна кодификација.
Што значи за Вас книжевноста како „чувар на татковината“?
– Сета книжевност што се создавала низ вековите, запишувана книжевност, пишувана на македонски народен јазик, е вистинскиот чувар на татковината тогаш кога сме немале држава. Тогаш, зошто сега кога имаме држава не ја почитуваме својата македонска книжевност, а со тоа и својата македонска книжевна наука? Зашто не можам да разберам како некои сѐ уште не гледаат дека македонскиот јазик го доживува своето највисоко ниво преку книжевноста создавана на тој јазик, преку книгите пишувани на тој јазик. Во тој контекст и не можам да разберам зошто Министерството за образование и наука доделува стипендии за втор и трет циклус за оние кандидати што ќе се определат за изработка на магистерски и докторски тези само од областа на науката за македонскиот јазик? А што е со оние што сакаат да ја унапредат и македонската наука за книжевност преку истражувањата што би ги правеле на полето на македонската книжевност и култура? Очигледно, некој не ја сфаќа суштински тезата за книжевноста како „чувар на татковината“! И во тој поглед искажувам едно длабоко разочарување!
Како ја гледате иднината на македонската книжевност во глобализиран свет?
– Низ успесите што ги постигнуваат нашите автори! Најдобар пример дека и нашата приказна може да биде глобална е успехот што го постигна филмот „Медена земја“ и што сега уште посилно го постигнува „Приказната за Силјан“. Иако станува збор за постигнувања на полето на филмот, сепак и едниот и другиот се базираат на добро раскажана и документирана приказна, која всушност е чиста книжевност. Така што, ете, Цепенковиот Силјан конечно добива вистинско признание преку овој Силјан на Тамара Котевска.
Ако имавте можност да оставите една порака за идните генерации писатели и читатели, која би била таа?
– Уф, тешко прашање. Ама, еве, позајмувам една порака од Петре М. Андреевски и ја упатувам до сите идни генерации писатели и читатели, а таа гласи: „Без јазикот ќе си недостигаме самите на себе, оти само јазикот никогаш не нè оставил сами и тој памети многу повеќе отколку што ние можеме да заборавиме“. И сосема за крај во името на книгата и добрата книжевност и мислата на Венко Андоновски: „И кога палат книги, тие не ги уништуваат мислите, туку само хартијата на која тие мисли се запишани“.