Почнува „Танц-фест“

По свеченото отворање вечерва, на програмата на годинашниот „Танц-фест“ е гостувањето на спектакуларниот перформанс на компанијата „УЦСБ“ од Санта Барбара, Калифорнија – „Рефракции – гласови на светлината и темнината“, кој ќе го видиме во МКЦ. Овој впечатлив мултимедијален перформанс содржи шест кратки привлечни танцови парчиња, од кои секое нуди посебна уметничка перспектива. Засилени со светлосни проекции, видео и визуелни наративи, овие изведби ги поместуваат границите на современиот танц. Ќе проследиме и две кореографии на Адријана Данчевска Ровчанин со „Скопје танцовиот театар“ во кој учествуваат и студентите на Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип. Студентите ќе имаат можност да присуствуваат на заеднички час и работилница, што отвора многу можности за идни соработки меѓу универзитетите.
Од 3 до 6 мај ќе се одржува програмата „Данс тех“ во „Чифте-амам“ – спектакуларно доживување на уметностите на еден сосема поинаков начин.
– Придружете ни се при интерактивна галериска инсталација, која ги спојува уметноста и технологијата – интеракција, проекции, движење и нови дигитални перспективи! Отворањето на поставката е в сабота, во 19 часот, каде што ќе бидат презентирани технолошките елементи на проектите – најавуваат од тимот на „Танц-фест“.