Фестивалот на античка драма повторно на затворена сцена
Археолозите и стручњаците по градежништво предупредуваат дека гледалиштето на театарот на локалитетот во Стоби е во критична состојба и може да се сруши. Археолозите од НУ „Стоби“ бараат поголеми финансиски средства за да се постават мермерните седишта на левата страна од театарот, по што би можела да се врати публиката на интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“, кој последниве години се одржува во театарот во Велес.
Од Министерството за култура за МИА информираат дека реконструкцијата на Римскиот театар во Стоби е долгогодишен етапно финансиран проект, чија финализација зависи од обезбедените средства во годишните буџети и реализацијата на планираните позиции.
Археологот м-р Гоце Павловски, кустос-советник во НУ „Стоби“, кој од 2009 година раководи на овој голем проект за реконструкција на театарот, за МИА информира дека само за поставување мермерни седишта на источната страна од гледалиштето пред неколку години беа потребни пет милиони евра, а сега по инфлацијата двојно повеќе или 10 милиони евра.
– На тоа место од древното гледалиште, кое порано беше празно, од пред неколку години е изградена подлога за поставување мермерни седишта. Од мермерни блокови според автентичните, седишта сѐ уште не се поставени, па затоа сѐ уште не може да се седи на овој дел од гледалиштето – вели тој.
Павловски, за побрзо враќање на публиката во театарот во Стоби, предлага најпрво да се постават мермерните седишта за публиката на источната страна, каде што порано беше празен просторот. Со тоа публиката ќе може да седи на оваа страна на театарот и повторно да следи претстави и други културни манифестации. Наедно и десната страна од гледалиштето потоа целосно ќе може се реставрира. Токму на овие древни мермерни седишта во изминатите години седеше публиката на фестивалот ИФАД „Стоби“ и на други културни настани. Од тежината на многубројната публика без претходна реставрација древните мермерни седишта дополнително се распукаа и затоа сега е потребна нивна итна и целосна реставрација.
И претстојното јубилејно 20-то издание на ИФАД „Стоби“ во октомври, наместо во древниот театар, повторно ќе биде на сцената на велешкиот театар.
– Театарот ваков како што е сега не е во можност да прима публика, но штом ќе биде конзервиран нема да има опасност по објектот и по публиката – истакна археологот Павловски.
Сашо Димоски, директор на велешкиот народен театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ за МИА, потенцира дека Интернационалниот фестивал на античка драма започна и беше наменет да се одржува во театарот во Стоби. Според него, фестивалот за античка драма единствено смислата на постоење ја има ако се одржува на древната сцена.