Чистењето е еден долг процес, некогаш морате да чистите и за оние пред вас што не се осмелиле, ама некој мора да се сврти кон огнот и да почне да ги менува работите. Не ја гледам целта на простата репродукција, вели Петровиќ, која ќе учествува на претстојниот „Скопски поетски фестивал“
Радмила Петровиќ, српска авторка
Радмила Петровиќ (1996) е една од омилените авторки во соседна Србија. Досега има објавено три книги, „Мирисот на земјата“, „Целулозен рокенрол“, а прва што е преведена на македонски јазик е збирката „Мајка ми знае што се случува по градовите“ во издание на „ПНВ публикации“. Нејзините книги добија голем број награди во Србија, а нејзината поезија ја освои како помладата така и повозрасната публика.
Македонската публика годинава ќе има можност да ја чуе на претстојниот „Скопски поетски фестивал“, кој ќе се одржи од 29 август до 1 септември, во кафе-книжарницата „Буква“ и во Младинскиот културен центар.
Пишувате за болката и за неправдата што ги нанесува селото, но пред сѐ малограѓанштината, па колку може човек да потклекне пред стегите и рамките што ги наметнува „малото место“?
– Обрасците што ги наметнува патријархалниот менталитет во малите места се навистина цврсти и сурови, па повеќето луѓе потклекнуваат, живеат цели животи онака како што другите сметаат дека би требало и дури при крајот или никогаш не стануваат свесни дека не си го слушале срцето, туку барањата на општеството. Претажно е ако човекот не си го проживее животот како што самиот сака, а за да го направи тоа мора да стане свесен за стегите, а потоа доволно јак и храбар да ги отфрли.
Истата малограѓанштина ја има и во градовите, со таа разлика што е стишена од бучавата и е затскриена од бетонот. Како може да се истресе, да се исчисти од алиштата, од траумите, од кожата, од ДНК-та?
– Еден, а можеби и единствен начин е секако уметноста комбинирана со образованието и психотерапијата. Клучно е сите да почнат да се занимаваат со своите животи, да си ги поправат видувањата на самите себе, а потоа нема да има потреба ниту желба да се коментира или да постои обид за воспоставување контрола врз нечии туѓи животи. Чистењето е еден долг процес, некогаш морате да чистите и за оние пред вас што не се осмелиле, ама некој мора да се сврти кон огнот и да почне да ги менува работите. Не ја гледам целта на простата репродукција.
Зошто влегуваме во битки во кои однапред знаеме дека нема да победиме?
– Затоа што некој дел од нас сака процес, а не резултат. На пример, битката со животот не ја добива никој, ама пак го живееме. Се плашам дека е слично и со некои љубови.
Кои поети ги сметате за добри и квалитетни и што ги одликува добрите поети (за разлика од неквалитетните)?
– Главна одлика на добриот поет е што знае што не треба да каже. Поезијата не е во тоа да се каже сѐ, дури ни во тоа што се кажува, туку на кој начин. Во поезијата ги ценам, меѓу другото, живоста и автентичноста. Има доста поетеси и поети што ги ценам, некого неоправдано ќе испуштам ако почнам да набројувам. Овој пат ќе ги истакнам Милена Марковиќ, Силвија Плат и Нина Драгичевиќ, словенечка поетеса.
Ова не е ваша прва посета на Македонија, што ве освои најмногу, од што се изненадивте, од што се разочаравте и какви се вашите очекувања овој пат?
– Се изненадив колку многу знаат Македонците за Србија, особено за Белград и колку се интересираат за нашата култура, ако може да се каже дека имаме некоја многу различна култура од вашата. Очекувам да се повтори она од минатото лето: пријатни и гостољубиви домаќини, убава храна и добра поезија.
Запознаени ли сте со македонската книжевност и имате ли омилен македонски автор?
– Не може да не знаете, на пример, за Румена Бужаровска и Петар Андоновски. Нивните дела многу ги сакам. Мислам дека тука не треба многу да се објаснува. Ја сакам поезијата на Никола Маџиров и на Јовица Ивановски. Заинтересирана сум за македонската книжевна сцена и се радувам што на претстојниот „Скопски поетски фестивал“ уште подобро ќе ја запознаам.