Орвел сведочи и за Коп со кого го врзува важно животно пријателство: „Тој беше човек што жртвуваше сѐ – семејството, националноста, живеењето – само да дојде во Шпанија и да се бори против фашизмот. Напуштајќи ја илегално Белгија, додека беше резервист во белгиската армија, пред тоа помагајќи го илегалното производство на муниција за шпанската влада, си осигури за себе години затвор доколку се врати во својата држава. Беше на фронтот од октомври 1936, од обичен војник стана мајор, безброј пати беше во акција, беше и ранет. За време на мајските нереди, самиот го видов тоа, спречи една пресметка и веројатно спаси десет или дваесет животи. А сѐ што доби за возврат е дека го фрлија во затвор“. (За среќа, животната приказна на Џорџ Коп не завршува во барселонските зандани, туку продолжува со низа неверојатни перипетии за што треба да се напише посебно антиупатство).
Самиот Орвел, ранет, со прострелано грло, се крие со жена му во Барселона, за потоа да побегнат од теророт, глумејќи граѓанска двојка странски туристи. Извесно е дека горчливото искуство од шпанската војна ќе влијае во создавањето на „Животинска фарма“ и „1984“.
Според повеќето историчари, пресметката со анархистите во Шпанската граѓанска војна е еден од најтешките удари врз европскиот анархизам од кој тој тешко закрепнува.
Навистина, во биполарната поделба на светот по Втората светска војна, за анархизмот што и самиот се распаѓаше на мали групи немаше сериозно место. Денес, сликата на анархистот кај „граѓанството“ се совпаѓа со одмаздољубив терорист што е подготвен на најжестоки злосторства.
Инаку, анархизмот што денес асоцира на милитантен хаос и насилство не постои како таков во ставовите на Пиер-Жозеф Прудон, првиот што се нарекува „анархист“, потоа силно вкоренети кај Толстој и толстоизмот, во барањето социјална правда и против манипулативните експлоатации на власта. Учењето за ненасилна доброволна социјална еднаквост кај Прудон и британскиот филозоф Вилијем Голдвин имало влијание и симпатии и кај некои великани на поезијата и сликарството како што се Шели, Вордсворт, Маларме, Курбе, Писаро…
Но со силната појава на Михаил Александрович Бакунин, „таткото на модерниот анархизам“ и неговото дејствување преку Првата интернационала, целото движење добива друга радикална насока кон насилно укинување на политичката моќ на богати поединци што владеат со државата. Добро се познати несогласувањата меѓу Бакунин и Маркс што почнуваат во Првата интернационала. Иако навидум анархизмот и комунизмот делеа многу сличен порив против капитализмот, суштински се определуваат во две спротивставени мислења во односот кон управувањето со државата: наспроти марксистичката диктатура на пролетаријатот, Бакунин инсистира на доброволно здружување на граѓаните против авторитетот на владејачката гарнитура, зашто „додека има политичка моќ, секогаш ќе има владетели и оние со кои се владее, експлоататори и експлоатирани“.
Во читаните мемоари „Минато и размислувања“, Александар Херцен пишува за бегството на Бакунин од Сибир по девет години робија и прогонство по австроунгарските и руски затвори: „Бегството на Бакунин е необично по своето пространство, тоа е најдолго бегство во географска смисла. Стигнал до Амур и под изговор дека има трговски зделки, наговара некој американски капетан да го земе со себе до јапонскиот брег. Во Хокодато наоѓа друг американски капетан да го одведе до Сан Франциско…“. Пред да отплови, на бродот, раскажува Херцен, е приреден свечен ручек на кој како специјален гостин е поканет рускиот генерален конзул. Мртов ладен, бегалецот од Сибир си муабети пријателски со конзулот, кој не ни претпоставува дека тој шармантен соговорник е опасниот Бакунин, кој следниот ден си заминува со американскиот параброд. И тоа од јапонското пристаниште во кое е усидрена руска воена ескадра! Непокорниот Бакунин „фрлен од судбината каде било, откако ќе воочеше две-три црти на новата средина, умееше да ја открие револуционерната струја и веднаш прифаќаше да ја води понатаму, да ја шири, го правеше тоа со сета своја животна страст“!
Во романот на Тургенев, „Татковци и деца“, во ликот на Евгениј Васиљевич Базаров е опишан впечатлив претставник на модерниот анархизам. Остар, нетолерантен критичар на закоравените, неправедни општествени правила, истовремено привлечен, страстен млад маж, тој и денес кај читател(к)ите предизвикува несомнена симпатија. Во „Руѓин“, пак, Тургенев портретира елоквентен младич, задоен од леви, прогресивни идеи, кој од зачмаената руска провинција оди да се бори на париските барикади во 1848-та. Веројатно е дека писателот бил делумно инспириран од бурните настаните во животот на младиот Бакунин, кој во 1848 бил во Париз, но од таму е избркан како јавен непријател и агитатор на слободоумни идеи, за веќе следната година да биде еден од главните поттикнувачи на Мајското востание во Дрезден. Двојно осуден на смрт, од судовите на Кралството Саксонија и Австроунгарската Империја, тој им е предаден на руските власти таму да робува до бегството од Сибир.
Кога на 62-годишна возраст заминува од овој немирен свет, Бакунин зад себе остава многубројни руски, швајцарски, шпански, балкански следбеници, но и голем број противници што постојано го напаѓаа неговото учење.
Така и анархизмот во Македонија, на преодот од 19 век и почетокот на 20 век нуди сложени, провокативни, привлечни личности, измешаности, акции и настани за љубопитното око на историчарот, но и за писателската имагинација: Женевскиот кружок, Петар Манџуков и брошурата „Азбука на анархистичкото учење“, Михаил Герџиков и можното влијание врз Делчев, Славе Мерџанов, Гемиџиите, Петар Соколов, неуспешниот обид за грабнување на персискиот шах, патриотските поетски обиди на Атанас Раздолов… сето тоа и многу повеќе се случува во трагичните, херојски, болни декади на македонската историја, кои како да се испишани меѓу „Табакерата“ на Абаџиев и борхесовската „Историја на бесчестието“…
Приватна добелешка: кога во 1981-та бев избркан од работа поради „анархо-либерализам“, смешна, нелогична составка на две неспоиви нешта, и кога се најдов пред „истражните органи“ помислив, за момент, да им ги појаснам суштинските разлики меѓу револуционерната свест и капиталистичката пракса. Но бев уплашен и несреден да им го кажам тоа. Знаете, зборот може да биде убиствено оружје, но изговорен во незгодно време и на погрешно место, може да ви се врати и да ве тресне по главата како бумеранг. Затоа си премолчив, сосема неанархистички.