Денес кога Македонија повторно се наоѓа во специфични политички услови, кога повторно на дневен ред се прашањата за македонскиот идентитет и постоењето на македонскиот јазик и проблематизирањето на македонската историја од страна на некои надворешни сили, фестивалот застанува во цврста одбрана со тоа што токму на тој македонски јазик се „одомаќени“ најголемите светски поети, а преку двојазичните и тријазичните изданија на СВП, македонскиот јазик останува трајно присутен и во другите јазични средини на петте континенти. Затоа треба да се чуваат „Струшките вечери на поезијата“ и широкоградо да се поддржуваат, бидејќи тоа е наш долг, истакнува Славе Ѓорѓо Димоски, поет, есеист, преведувач, кој осум години беше на чело на СВП
Во Струга веќе шест децении се собира поезијата од светот. „Струшките вечери на поезијата“ не се само фестивал туку жив архив на човечкото знаење, чувствување и културен паметник изграден од стихови. Тука, секоја песна е сведоштво – за јазикот, за времето, за човекот.
Во секојдневие што се живее со брз ритам, Струга потсетува дека вреди да се застане, да се слушне и да се запише.
Годинава на 64. издание на фестивалот учествуваа седумдесет поети, преведувачи, критичари и литературни дејци од Македонија и од светот, меѓу кои и лауреатот Иван Штрпка од Словачка и добитникот на наградата „Мостови на Струга“, полскиот поет Матеуш Шимчик. Присутни беа автори од Франција, Турција, Кина, Шпанија, Ирска, Литванија и од соседството.
Изданието беше збогатено со богата програма и нови публикации, меѓу кои и монографија за Штрпка, поетски книги, преводи, како и антологијата на македонската винска поезија „Дионис и свети Трифун“, чиј приредувач е истакнатиот македонски поет и есеист Славе Ѓорѓо Димоски. Тематската антологија, според приредувачот, панорама на македонската винска поезија, е прво видување на оваа тема во македонската литература воопшто.
Во рамките на платформата „Версополис“ беа претставени млади европски гласови. А годинава Струга ги врати своите препознатливи моменти: читања под отворено небо, поетско крстосување по езерото и утрински матинеа во древни цркви. СВП во свое препознатливо светло останува посветен на мисијата – афирмација на македонскиот јазик и култура преку универзалниот јазик на поезијата.
За значењето на „Струшки вечери на поезијата“ разговараме со Славе Ѓорѓо Димоски, кој два мандата беше на чело на НУ „Струшки вечери на поезијата“.
– „Струшките вечери на поезијата“ во македонски и светски рамки има огромно значење. Со неговото развивање се афирмирале и се афирмираат нови генерации македонски поети, кои веќе се дел од светската поезија, а истовремено фестивалот во Македонија ги донесе и ги приопшти на македонски јазик најголемите светски поетски имиња од втората половна на 20 век и првите, веќе триесетти години на 21 век, создавајќи една цврста антологија што е веќе неизбежна во рамките на историјата на светската литература. Доволно е да се погледне тој импозантен список и веднаш станува јасно какво значајно место зазема Струга во светот на современата поезија – вели Славе Ѓорѓо Димоски.
Фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ е од висок ранг и како таков треба да се одржува и да се негува, дополнува тој.
– Ова е апел и до Владата, а посебно до Министерството за култура и туризам во однос на издвојување средства за негово високо професионално организирање. Во овие шест и пол децении, СВП стана ретка скапоценост што ја поседува Македонија и препознатлив македонски бренд присутен во свеста на секој интелектуалец и на секој што се занимава со литература на сите меридијани. Длабоко верувам и во новото раководство, в.д. директорот Никола Кукунеш, а посебно во уметничкиот директор Мите Стефоски, со кого и сум работел на фестивалот и одлично ја познавам неговата внесеност во организирање на самиот фестивал. Денес кога Македонија повторно се наоѓа во специфични политички услови, кога повторно на дневен ред се прашањата за македонскиот идентитет и постоењето на македонскиот јазик и проблематизирањето на македонската историја од страна на некои надворешни сили, фестивалот застанува во цврста одбрана со тоа што токму на тој македонски јазик се „одомаќени“ најголемите светски поети, а преку двојазичните и тријазичните изданија на СВП, македонскиот јазик останува трајно присутен и во другите јазични средини на петте континенти. Затоа треба да се чуваат „Струшките вечери на поезијата“ и широкоградо да се поддржуваат, бидејќи тоа е наш долг – подвлекува Славе Ѓорѓо Димоски.