„Фанфари за еден пријател“ е насловен концертот што ќе се одржи утревечер, со почеток во 20 часот, во Македонската филхармонија. Како солистка ќе настапи Селина От на труба (Австрија), а диригент е маестро Јерухам Шаровски од Израел. На програмата се два концерта за труба и оркестар од Томази и Хајдн, а на програмата е Симфонијата бр. 2 од Јоханес Брамс.
Роден во Буенос Аирес, Аргентина, маестро Јерухам Шаровски рано започнал да изучува музика, а потоа студирал флејта, контрабас, композиција и диригирање на Националниот конзерваториум за музика во неговиот град. Во раните 1970-ти имигрирал во Израел, каде што дипломирал на академијата за музика „Рубин“ во Ерусалим, под палката на проф. Менди Родан. Во 1990 година Шаровски бил избран од страна на славниот маестро Зубин Мехта за наградата „млад артист на годината“. Тогаш ја добил и привилегијата да диригира со Израелската филхармонија, како и со другите поголеми оркестри во Израел.
По турнејата во поранешниот Советски Сојуз (СССР), која за него била значајна во кариерата, во 1991 година станал уметнички директор и шеф диригент на симфонискиот оркестар „Раанана“ во Израел. Под палката на Шаровски, овој оркестар прераснал во еден од најпопуларните симфониски ансамбли изведувајќи стотици дела и надвор од земјата. Од 1998 до 2004 година маестро Шаровски раководел и со Бразилскиот симфониски оркестар на Рио де Жанеиро, со кој остварил турнеи во Бразил и во Европа и снимил четири цедеа. Во тој период Шаровски го формирал Младинскиот симфониски оркестар на Бразил, кој станал еден од најпознатите ансамбли во земјата. За време на својата кариера, маестро Шаровски диригирал со над 50 оркестри во повеќе од 20 различни земји, вклучувајќи ги и серијата концерти со маестро Лорин Мазел, диригирајќи со Минхенската филхармонија во Германија и со Симфонискиот оркестар на Ерусалим, заедно со Баварскиот радиооркестар, на концерти посветени на градот Ерусалим. Во моментов маестро Шаровски ја извршува и функцијата шеф диригент на Македонската филхармонија.
Селина От е добитничка на наградата „опус класикс“ во 2021 година, за нејзиниот дебитантски албум „Концерти за труба“, заедно со Радиосимфонискиот оркестар на Виена и диригентот Роберто Патерностро. Како прва жена во седумдесетгодишната историја на меѓународниот музички натпревар АРД, Селина От ја освоила првата награда во категоријата труба на само 20 години, во 2018 година. Тоа е и една од причините потоа да биде поканета да настапува со водечки оркестри, како симфонискиот оркестар ВДР, Чешката филхармонија и Германскиот симфониски оркестар од Берлин. Таа веќе има настапувано и со Симфонискиот оркестар на Маринскиот театар под водство на маестро Валери Гергиев, со Фестивалскиот оркестар на Будимпешта со маестро Иван Фишер, со Виенскиот симфониски оркестар, Радиосимфонискиот оркестар на ОРФ Виена, Кралскиот филхармониски оркестар на Лиеж… Како солистка, Селина От настапувала во престижни концертни сали, како виенскиот Концертхаус, Музиквереин во Виена, Филхармонијата во Берлин, Филхармонијата во Келн, Филхармонијата во Есен, Филхармонијата во Луксембург… Во 2022 година Селина се стекнала со звање магистерка по уметности, во класата на Роман Риндбергер, на Универзитетот за музика и уметности во Виена. Била наградена со почесната награда на Федералното министерство на Република Австрија за образование, наука и истражување. Во 2021 година премиерно го извела концертот за труба „Утопија I: Чудни спирали“ на австрискиот композитор Томас Вали, на отворањето на фестивалот „Виен модерн“ со Радиосимфонискиот оркестар на ОРФ Виена, а под диригентската палка на Марин Алсоп во виенскиот Концертхаус. Во март 2022 година таа објави уште еден, трет албум во соработка со Радиосимфонискиот оркестар на ОРФ Виена за „Орфео“.