Еден од бисерите на класичната балетска уметност „Есмералда“ од италијанскиот композитор Чезаре Пуњи ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет, вечерва, со почеток во 20 часот.
Приказната за убавата Есмералда, инспирирана од романот „Ѕвонарот на Богородичната црква“ од Виктор Иго, ќе се изведе под диригентската палка на гостинот од Ерменија, Едуард Амбарцумјан, во кореографија на реномираниот кореограф од Русија, Михаил Крапивин, раскошната сценографија и костимографија се на Живојин Трајановиќ и Љупка Ристовска, концерт-мајстор е Јане Бакевски.
Во насловната улога ќе настапи примабалерината Марија Кичевска Шокаровска, во улогата на Феб ќе настапи Франциско Хименес Руиз (Шпанија), во улогата на Флер де Лис, Симона Колиштркоска, во улогата на Гудула ќе настапи Саша Евтимова, која оваа година одбележува 25 години уметничка дејност како истакнат балетски играч, педагог и кореограф.
Настапуваат: првенците, солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.
Балетот „Есмералда“, познат по својата техничка сложеност, ги истражува длабочините на човечките емоции, додека истовремено нуди спектакуларни танцови изведби што го задржуваат вниманието на публиката. Оваa изведба ќе создаде незаборавно балетско искуство и ќе ги поттикне гледачите да размислуваат за судбината, љубовта и жртвите што ги носи животот.