И меѓу тревопасните има облици што не можеме да ги поврземе со животните што денес постојат, зашто нѐ потсетуваат на фантастичните суштества од дамнешните денови на нашава планета. Меѓу овие облици највпечатлива е жирафата, што, заедно со окапито, е претставник на засебно семејство.
(Брем: „Како живеат животните“)
06.07.
Најмила пријателке,
Forgoten Okapi, како што и очекуваше, веднаш ме натера да пребирам по оние неколку зоолошки детски прирачници, чии илустрации се некогаш со неодолива дражест, но, за жал, библиотечната просторна недоволност ги смести во едно исто хоризонтално купче (а знаеш колку, во однос на книгите, татко ми беше педантен) во најзафрлениот дел на долната полица. Нормално, за окапито не најдов ниту збор. Хер Брем беше следниот. Во неговото обемно капитално дело, едно од ретките во што го задржа привилегираното место од мојата адолесцентна лектирна ранг-листа, на чудникавиот копитар му е посветена… само полуреченицата од горниот цитат. За споредба, носорогот добил три, лососот и жабата – пет, сивата утка и орангутанот – седум, а волкот цели девет страници. За олеснителен факт во ова игнорирање на окапито стои фактот дека животново станува предмет на научен интерес дури во почетокот на векот, кога најпознатиот, најзаводлив учител на тајните на животинскиот свет веќе две децении е мртов. Можеме да замислиме со какво уживање Брем би ја составил приказната за окапито.
Ми преостана да се консултирам со енциклопедиите: потрага во која, пак, ја почувствував твојата поттикнувачка нетрпеливост. Во малиот лексикон на ЈИЗ, сепак ја најдов неговата фотографија: импресивен, зашто е парадоксален, пример за Аристотеловото тврдење дека целината е повеќе од збирот на деловите. Кај ова животно чудесноста е навистина непредвидлива. И сосем осамена. За слонот, најмасивното копнено животно, тоа Башлар одлично го забележува, е нормално да излезе од школката на полжавот, ако тој елегантен чекор се изведе во светот на имагинарното. Белото зајаче, со важниот часовник на синџир и со сета негова удобна куќа се зголемува или намалува пред Алиса, во зависност од нејзината видна перспектива. А таа перспектива во миг се преобразува од жабечка во птичја и обратно, во согласност со дарежливите каприци на господарката Фантазија.
Ајде уште еднаш чудникавоста да ја поврземе со просторот од каде што таа потекнува. Отсутноста тера кон бајковитост (сети се на изгубените улички од нашите детства). Пингвинот, пандата или окапито секогаш ни се понеобични од некои исто толку ретки и неповторливи животни, на пример, слонот, тигарот или горилата, на кои, иако се речиси истребени, сме навикнати како на познат дел од егзотичниот, но постоен свет на природата. За еден Мбути Пигмеец, окапито било стварност, како што се и стрелите со кои го лови или куполестата сламена колипка во која, со многубројното семејство, се засолнува пред застрашувачката ноќ. Но за неговите правнуци денес, како и за нас, окапито е чудо, слично на еднорогот. Како да е дојдено од друштвото на оние хибридни, прозрачни суштества што лесно се населуваат во сонот.
Окапито навистина живее во предел што изгледа како да е преземен од сонот, и тоа од оној во густа, тропска, дождлива прашума, низ која владее убиствената мува це-це. Но на фотографиите на Мартин и Оза Џонсонови (оттаму латинизираниот okapi-jonstoni веднаш се поврзува со храбрата двојка), дивата и темна Африка со прашумата и Пигмејците, не се чини толку немилосрдна. Сакам да ти ја покажам фотографијата од 1930-та, во Бвана Сура, на која Оза Џонсон е снимена, со насмеано лице, засенчена од сафари-шапката, како излегува од кабината на некое возило, што не се гледа дали е камион или џип, зашто целото е начичкано со гроздови од Пигмејци, кои, сите голи, сериозни и достоинствени, гледаат кон апаратот.
За нас воајерите од оваа страна на фотографијата, Пигмејците од племињата Бамбуа и Маниема се исто толку егзотични и ексцентрични како и чудникавото зебро-жирафесто коњче во девствената џунгла. За бестрашните Џонсонови, како и за сите истражувачи на Terra incognita, стапнувањето во Другоста е најнеопходен предизвик, но, со самото тоа што по подвигот тие се „враќаат“ (за, можеби, повторно да „заминат“), едното стапало сепак им останува надвор (од каде што се и возилото и фотоапаратот и елегантните сафари-униформи).
Претпоставувам дека, покрај нивната огромна предност во пречекорувањето на границата, односот кон окапито ни е сличен – како кон симпатичен жив фосил, што живее во некој вид просторен и временски интернат. За нас, окапито е животно во временски егзил, историски Е.Т., па и првиот Земјанин што успеал да го фотографира таму во џунглата, носи нептуновско име: Корнелиус Безуиденхо.
Како што гледаш, полека навлегувам во потрагата. Понекогаш мудроста е да не бидеш мудар (што и без тоа е препознатлива одлика на мојот карактер). Тогаш, да си играме! Освен тоа, ти си тука, секогаш во вистинскиот момент, како непогрешлива dea ex machine.