Од утре до 17 јули, во Младинскиот културен центар, ќе се одржува 23. „Синедејс“, кој ќе биде отворен утревечер со проекција на филмот „Ефтеркланг: Македониум бенд“, во режија на Андреас Јонсен и во продукција на МКЦ.
Музичкиот документарен филм, кој се снимаше во текот на април 2023, претставува музичко патешествие на групата „Ефтеркланг“ во потрага по македонски музичари, со цел составување голем ансамбл и нивен заеднички перформанс пред споменикот „Македониум“, во чест на симболот на архитектонскиот споменик за слобода и независност.
Филмот ја заокружува истражувачката потрага на овој дански состав на прекрасен, непосреден и шармантен начин, преку патувачка турнеја низ Македонија. Во ансамблот членуваат и Женскиот младински хор при МКЦ со 16 хористки, потоа музичарите Стефче Стојковски, Дејан Спасовиќ, Дина Јашари, Ива Дамјановски, Мартина Баракоска и Јане Трајковски.