Изложбата се фокусира на прашања поврзани со значењето на ткаенините, нивната културна важност, нивното „читање“, потекло и општествена улога и, особено во сегашен контекст релевантно, враќањето/присвојувањето на традиционалните техники во современиот творечки контекст
Изложбата „Настан од една нишка: Глобални наративи во текстил“ е организирана oд Институтот за меѓународни односи во културата (ИФА) и МСУ-Скопје, под кураторство на Сузан Вајс, Инка Гресел и Јованка Попова. Хронолошки, оваа патувачка изложба гостува во 2018 година во „Кунстхаус“, Дрезден, потоа во 2018-2019 во Кувајт, во 2019 година во Истанбул, во 2020 година во центарот за уметности „НеМе“, Кипар, во 2022 година во експерименталниот центар за уметности „МоМус“, Солун. Насловеноста на изложбата реферира на мислата на Ани Алберс од 1965 г., синтагма употребена како темелен концепт и за изложбата организирана во „МоМА“, Њујорк (2019-2021), под друг сличен наслов. Истата референца е употребена и за впечатливиот проект од 2012 г. на уметницата Ен Хамилтон, реализиран како висечка инсталација од големи пропорции, завеса и нишалки, читатели што изведуваат преносно-просторна радиоинсталација.
Некои од уметничките имиња се повторуваат на овие изложби, а преостанатите се менуваат според кураторските селекции на институцијата домаќин. Кога станува збор за поврзување помеѓу нашите уметници и глобалните наративи, прашањето е дали „настанот од една нишка“ би можел да го трансформира читањето на специфична уметничка продукција под собирниот поим „глобално“. Описот ни дава увид дека изложбата се фокусира на прашања поврзани со значењето на ткаенините, нивната културна важност, нивното „читање“, потекло и општествена улога и, особено во сегашен контекст релевантно, враќањето/присвојувањето на традиционалните техники во современиот творечки контекст.
Кон поставката воведува можеби највпечатливата инсталација на оваа изложба – „Просторот Баухаус“, автентично обликувана, со архивски, визуелни и аудиоподатоци од историјатот на Баухус, со сегашната функција како истражувачки институт и експериментална лабораторија. Уметничкото истражување на Џудит Раум (дизајн – Ј. Кирш, архитектонски концепт – S.T.I.F.F.), во продукциска соработка со различни автори, документаристички ги поврзува оригиналните и преизведените ткаенини. Раум се појавува на сите досегашни излагања на проектот, вклучувајќи и на њујоршката изложба, а она што самостојно го изработува се висечките ткаенини – „Памучни дела“. Понатаму поставката води до шиеното платно – „Алди завеса“ на Андреас Екснер, со референци кон применетото монохроматско сликање, општественото влијание врз обликувањето и повоената економија.
Франц Ерхард Валтер, Активно тело, 1969
На оваа изложба е застапено и ликовното дело „Активно тело“ (1969) на Франц Ерхард Валтер, награден со „златен лав“ за најдобар уметник на 57. Венециско биенале (2017). Неговите платна се интерактивни медиуми – „книги“, кои предвидуваат перформативен чин на кореографично обмотување, повикувајќи се на слободата на секој интерактивен гледач.
Димче Коцо, Птичји лет (Земјотрес), 1963
Делото на Димче Коцо – „Птичји лет (Земјотрес)“ (1963) сведочи за авторовата рефлексија во одреден историски/апокалиптичен момент, изработено како традиционално-автентична таписерија со впечатливо ликовен и естетски предзнак.
Од очекуваната релација помеѓу ликовната уметност и занаетот на ткаенините се застапени делата на Јоланта Овидска (волна, кожа), Мира Спировска (тродимензионална таписерија); Соња Димитрова (портрет во памук, волна), Ула вон Бранденбург (текстил/покривка, филм), Патриција Велско Уалин (геометриски мотиви на таписерија); Ули Фишер (ѕиден објект-диптих), Лиза Рехштејнер (вез на метално сито), Душко Стојановски (енформелистички пристап/органски облици). Хајде Хинрихс комбинира повеќе ликовни медиуми за да создаде интермедиуимска комуникација.
Зиле Хома Хамид, Сува бела сезона, 2013
Зиле Хома Хамид покажува изграден ликовен сензибилитет и естетска рамнотежа при употребата на памучни и волнени предива, жица и кора од дрво, восочен памук и камења. Од уметниците што употребуваат „историско“ платно (претходно употребен материјал), застапени се Ули Фишер (ѕиден објект/апстракција) и Елиза вон Јолен и Винсент Вулсма, кои ги спротивставуваат контекстите на историското настанување (рачно ткаење) и машинската продукција. Делото на Олаф Холазафел е изработено од аргентинското растение чагуар, во обид да се прикаже „преминот од рачна изработка во уметност“. Толкувањето несомнено би било појасно доколку во изјавата на авторот или во кураторскиот опис би било наведено дека рачната изработка и уметноста не се некомпатибилни поими во еден вообичаен творечки контекст, како што постои суштинска разлика кога се мисли на применетата и ликовната уметност.
Делото на Исмет Рамиќевиќ од инсталацијата „Лавиринт III“ со сигурност е плод на рачна изработка, просторна инсталација сочинета од веснички текстури (нетрајни материјали импрегнирани во хоризонтална/подна целина), ликовно и концептуално еден од најнавремените проекти со референтна точка кон глобализацијата, информацијата како посредувано средство во медиумскиот свет.
Индустриската ленена ткаенина на Христина Иваноска и Јане Чалоски „Одкоренето“, според кураторскиот текст, е „импресивно текстилно дело“ со „референци на општествената нерамноправност, отсуство на емпатија и емотивно студенило на јавниот простор“, раководено од „нужноста да се доловат духовниот немир и потребата за создавање нови заедници“.
Делото „365 (денови)“ на Кристина Божурска реферира на песната „Денови“ од Кочо Рацин, преместувајќи го автентичниот дискурс од полето на работникот кон она на „работничките“, „обременети“ од „патријархалните очекувања“. Покрај „ѓерданите“ од камења, претставена е и книгата што содржи „15 хорор-приказни од работнички“. Во содржинска смисла дивергираат темата на „патријархалното насилство“ (Зафировска), акцентот на „плетењето светови“, „родовата еманципација“ и претпоставената амбивалентност на „папочната врвка“ (Живковиќ).
Несомнено, денешните уметници имаат обемни, многу долги портфолија, какви што се и некои од изложените „ткаенини“ или „јажиња“, непоимливи и непотребни во едно минато време кога уметноста значела „бескрајно давање“ и „неизвесно патување“. Сепак историската „тежина“ на уметничкото дело (колку тоа и да патувало) „се одмерува“ според поинакви вредносни параметри, еден од нив е на пример – ликовноста. Како и во секој друг, така и во овој контекст, наративите се донекаде убедливи, потоа останува на ликовното дело да ја пренесе пораката. Имајќи ја предвид концептната рамка за оваа изложба, можеби останува недопрено прашањето дали суштинската нишка што ги спојува/раздвојува наративите во текстил е глобалното или пак автентичните поетики видени низ глобалистичкиот наратив, ако се промислува нивната контекстуална специфичност, која се чини дека не е сосема глобална. Одликите на сета оваа продукција, покрај семантизацијата на поединечните уметнички наративи, би можеле да ги лоцираме во поголемите кластери на толкувањето: мануфактурата во производствена смисла, рачната изработка vis à vis ликовната поетика, употребата на производството/технологијата во современ ликовен контекст, како и разликата/можните/бараните релации помеѓу дизајнот и ликовната уметност денес.
Колекцијата на ИФА содржи 24.000 дела на современа уметност што го обиколуваат светот повеќе од 50 години. Поддршката за оваа изложба доаѓа од Германската амбасада и Гете институтот кај нас, а Институтот финансиран од германското Федерално министерство за надворешни работи „ја разбира современата уметност како важен медиум за меѓукултурен дијалог“. Сепак, и покрај важноста од меѓукултурен дијалог, од типот на еманципаторски, инспирирачки, вмрежувачки релации, гостувачките изложби оставаат тивок впечаток дека „светот поминува покрај нас“. Вистински меѓународен проект би бил оној што ќе ги однесе ликовните дела од музејската колекција во светот, имајќи го предвид автентичниот ликовен ракурс, бидејќи се претпоставува дека тоа е суштината „на дијалогот“.
Натали Рајчиновска-Павлеска