(од искуството на еден транзитен патник)
случај бр. 1
Последниве години Шарлоа-Брисел му стана најомилен транзитен аеродром. Иако по слетувањето мораше да излезе од аеродромската зграда, за потоа преку друга, капија за поаѓање, да помине низ царинската и пасошката проверка, тој имаше доволно време да купи од фришопот чоколадни подароци за ќерките, па да се качи на аеродромската тераса и таму на мир да си го испие кафето и да испуши цигарче, гледајќи го вивнувањето на големите челични птици кон небото.
Но овој пат беше магливо и студеникаво, така што на испразнетата тераса, инаку преполнета и разговорлива, забележа само неколкумина стуткани патници, кои ѕуреа во маглата. Замоли за запалка од две средовечни осамени жени што пушеа.
– Драга, ватру за господина.
Ги праша од каде се.
– Ја сам Српкиња, а Драга је Хрватица од Трогир. А ви?
– Македонец.
– Наш човек.
Беа загрижени дека летот ќе им доцни. На таблата објавија дека сите летови се одложени. Тој требаше да биде уште повознемирен, зашто и следниот негов аеродром беше транзитен (така е кога патуваш од Скопје!), а меѓувремето многу кусо. „Ако го испуштам следниот авион, што ли ќе правам тогаш?“, му се вртеа низ главата такви обеспокојувачки прашања, а сепак се трудеше да ги теши двете госпоѓи дека маглата набрзо ќе се подигне.
И како што често се случува, најавија дека нивниот авион ќе појде со мало задоцнување, а од неговиот ни трага. Тие заминаа забрзани кон својата порта, а тој остана, нервозен, да стои пред таблата на која никако да се појави најавата за неговиот лет. Минаа дваесетина минути, па половина час, кога конечно засвети пораката дека се замолуваат патниците на летот за Барселона да се соберат пред портата таа и таа. А таму, турканица од човечки суштества со куфери и ранци од бебиња до старци во количка, кои, се подразбира, имаа предност при качувањето во авионот – беа неопходни уште предолги дваесетина минути сите да влезат и да се сместат на своите седишта.
Го подигна куферот во преградата и со несвлечена јакна го стисна ранецот меѓу нозете. Тогаш му дојде хаику како добра илустрација на ситуацијата во која се најде:
Во полн авион
Сам со растревожен ум:
– Сто посто доцнам!
(продолжува)