Симона Груевска-Маџоска, претседателка на Советот за македонски јазик
Денеска во земјава со повеќе манифестации се одбележуваат 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик. Овој значаен јубилеј беше предизвик да направиме интервју со проф. д-р Симона Груевска-Маџоска од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, која е и претседателка на Советот за македонски јазик.
Мошне често доцната кодификација на македонскиот јазик се користи како аргумент за неговото постоење пред неа. Што всушност претставува кодификацијата и зошто е таа толку важна?
– Македонскиот јазик историски се развивал како и сите други стандардни јазици. Во 19 век и македонските интелектуалци го поставиле прашањето за тоа како треба да изгледа македонскиот стандарден јазик, како, на пример, Партенија Зографски, кој уште во средината на 19 век објавил статија во која ги поставил овие прашања, а тука се и Ѓоргија Пулевски, Григор Прличев, Кузман Шапкарев и многу други. Временски, овие прашања се изедначуваат со истите прашања и за српскиот, хрватскиот, бугарскиот и за други јазици, што значи дека Македонците не доцнеле со размислувањата за сопствен стандарден јазик. Секако, делото „За македонцките работи“ на Крсте Мисирков, објавено во 1903 година, претставува прв значаен обид за стандардизација, врз чии темели таа и се извршила во 1945 година.
Кодификација на еден јазик значи преку државни институции и различни комисии да се одберат и да се утврдат писмото на кое ќе се пишува еден јазик, неговите правописни правила, граматиката и да се објават речници. За да се направи тоа, неопходно е да се има држава, што, за жал, Македонците не успеале да го направат претходно, но успеале во 1944 година, кога, со формирањето на современата македонска држава во рамките на СФРЈ, на Првото заседание на АСНОМ е донесена одлуката македонскиот јазик да биде службен. Потоа се назначила Комисија за утврдување на азбуката и правописот, што е сторено на 3 мај за азбуката, а објавена е на 5 мај, и за Правописот, предаден на 2 јуни, а со решение донесен на 7 јуни 1945 година. Истата година Круме Кепески започнал да ја пишува првата граматика на македонскиот јазик, која е објавена на 21 јануари 1946 година. Со тоа се заокружи процесот на кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, а понатаму се објавија и многу други значајни дела, како Граматиката и Историјата на македонскиот јазик на Блаже Конески, Синтаксата на македонскиот стандарден јазик на Лилјана Минова-Ѓуркова и многу други.
По кодификацијата следуваше мошне брз развој. Што конкретно го карактеризира овој период?
– Веднаш по донесувањето на азбуката и Правописот се започна со употреба на македонскиот стандарден јазик и во првите години се направија и некои корекции на Правописот, но главната карактеристика се брзиот развој и употребата на македонскиот стандарден јазик во сите функционални стилови, со што се доуточни терминологијата, како еден од главните чекори на кодификацијата. Се објави прво Тритомниот речник на македонскиот јазик, а подоцна и Толковниот речник, како и други видови двојазични и специјализирани речници. Секако дека има потреба и од други речници, како и од дополнување на Толковниот речник, зашто јазикот е во постојан развој, кој лексикографите треба да го следат. Во 2015 година се објави подновено и проширено издание на Правописот на македонскиот јазик, кој второто издание го доживеа во 2017 година, а оваа година, по повод 80 години од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, ќе се објави и трето издание. Чествувањето на овој значаен јубилеј ќе се одвива во текот на целата година со низа настани и активности, а централното одбележување ќе биде на 5 мај со настан во Собранието на Македонија, свечена академија во Македонската академија на науките и уметностите и свечена програма вечерта во Македонскиот народен театар. По овој повод се изработи и поштенска марка, која набрзо ќе биде промовирана.
По осамостојувањето на Македонија, се чини, почна да се обрнува поголемо внимание на јазикот. Какви чекори беа преземени на институционално рамниште за негово унапредување и популаризирање?
– Во 1998 година беше донесен Законот за употребата на македонскиот јазик, кој доживеа неколку дополнување, потоа беше формиран Советот за македонски јазик како советодавно тело на Владата и беше формирана Комисија за полагање лекторски испит. Во 2021 година беше донесен нов Закон за употребата на македонскиот јазик, но засега сѐ уште не почнал да се применува. Во тек е формирањето на Инспекторатот како посебен правен субјект, чија дејност е инспекциски надзор врз примената на Законот и во очекување сме да започне да функционира. Сведоци сме дека секојдневно се крши и стандарднојазичната норма, но и Уставот и се надевам дека ќе започне да се става ред со што ќе го заштитиме македонскиот јазик од снижување на неговиот државен статус.
Денес македонскиот е целосно функционален јазик во секој поглед. Кои се нештата што недостигаат и на кои треба да се обрне особено внимание?
– Македонскиот јазик навистина е целосно функционален во сите стилови, но голем проблем е (не)почитувањето на стандарднојазичната норма. За таа цел, потребно е да се вработат лектори во сите институции, во медиумите, во издавачките куќи итн. Тоа е предвидено во Законот за употребата на македонскиот јазик, но сѐ уште не е докрај спроведено и се надевам дека со започнувањето на работата на Инспекторатот работите ќе се подобрат. За жал, има и други области во кои заостануваме, а тоа е, пред сѐ, електронски корпус на македонскиот јазик, кој ќе се користи за научни цели, а ние сме единствениот словенски јазик што сѐ уште го нема. Потоа подновување на Правописот, нов Правописен речник, академска граматика, етимолошки речник (кој веќе се работи во Институтот за македонски јазик) итн. Се надевам дека со новата Национална стратегија за македонскиот јазик, предвидена во Законот за употребата на македонскиот јазик, овие празнини ќе се пополнат. Од Советот за македонски јазик веќе започнавме со подготовки за започнување на работата врз Националната стратегија. Секако, поголемо финансирање на научноистражувачки проекти (не само по еден или два) ќе придонесе и за поголема афирмација на македонскиот јазик.
Во последно време сме сведоци на процеси на постепено исчезнување на некои мали јазици. Можно ли е такво сценарио и за македонскиот јазик?
– За македонскиот јазик не е можно такво сценарио, зашто додека постојат Македонците, ќе постои и македонскиот јазик. Поголемо прашање е каков ќе биде македонскиот јазик во иднина, со оглед на непочитувањето на нормата, опаѓањето на нивото на неговата употреба во јавната комуникација и влијанието на англискиот јазик. Затоа грижата за македонскиот јазик треба да биде државна стратегија и да се обрне поголемо внимание на неговата употреба дома, но и на негова поголема афирмација во странство.