Добрите книги за деца се тие што успеваат ненаметливо да ги пренесат пораките, да кажат многу со прстофат зборови. Зборови што се разбирливи за децата, но и такви што ќе ги поттикнат да научат нешто ново, што со нивната арома ќе ги стимулираат детскиот развој и љубопитство, вели Јулијана Величковска
Јулијана Величковска, писателка
„Ведра“ е книга за деца од Јулијана Величковска, писателка, уредничка и преведувачка. Величковска дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Таа е членка на организацискиот одбор на интернационалната културна манифестација „Поетска ноќ во Велестово“ – Охрид и на Друштвото на писателите на Македонија. Основачка е на издавачката куќа „ПНВ публикации“ од Скопје и коосновачка и директорка на „Скопскиот поетски фестивал“. Нејзината последна книга нѐ носи на едно волшебно патување со една голема плачка Ведра, која му дава поинаква димензија на плачот, а истовремено подучува и развеселува.
На какво патување „Ведра“ ги носи децата?
– „Ведра“ е приказна што пред сѐ го раскажува внатрешното патување што секој од нас го „изодува“ додека расте, односно додека созрева. Зборувам за иницијацијата што се случува со себеспознавањето и соочувањето со стравовите, а потем и со себеприфаќањето. Иако, како и класичните бајки, во оваа приказна ликовите патуваат преку седум гори и седум планини, најдалеку оддома, користејќи ги познатите матрици за раскажување сказни, оваа приказна ја почнувам со очигледното, иронизирам дури до тавтологија („снегулки снежни“) и, како што тече приказната, сакам на децата (и на возрасните) да им предизвикам чувство на будност, на свесност, да ги предизвикам да се отворат за нова перцептивност, како, да речеме, кога се враќате дома и си го знаете патот напамет, па не ни размислувате каде треба да свртите, мислите ви се другаде, и наеднаш се случува пресврт, некакво искривување, дисторзија, и сфаќате дека она што за вас било сосема познато и спакувано во фиоката „здраво за готово“ е нешто целосно ново и очудувачко. И токму тоа се миговите кога се расте, кога патот станува повидлив и поприсутен од кога било, кога „играта“ те префрла на следното ниво.
Создадовте приказна за најголемата плачка на светот. Што ве поттикна да го илустрирате детскиот плач?
– Солзите предолго се симбол на слабост. Денес учиме дека старите правила на џунглата се менуваат. Потребно е многу храброст да можеш отворено да си ги признаеш слабостите, да признаеш дека си ранлив и да умееш да се справиш со тоа. Тоа, според мене, е вистинско херојство. И, бидејќи отсекогаш се трудам на нештата да им пристапувам од повеќе агли, како во она познато меме кога едниот стои на една страна и пред себе гледа шестка, а другиот застанат спроти него гледа деветка и се препираат кој е во право. Некогаш вистината може да е нешто сосема трето од она што е навидум очигледно и не мора да е нужно логична. Затоа сакав плачот да го прикажам како нешто друго, не како тоа што доаѓа на крајот по извесна препирка или битка, конечното предавање и слабост, туку како симбол на нов почеток, како извесно измивање, прочистување и навестување на она што следува потоа ‒ одлуката да се излезе од зоната на познатото и дури и со очи полни солзи да стоиме цврсто соочувајќи се со стравот од непознатото.
Koja e скриената моќ на солзите?
– Солзите ја имаат моќта на делата, наспроти онаа на зборовите. Токму како онаа нашата ‒ биди јунак на дело, не на зборови. Ведра е токму таков јунак, некој што дејствува. Eдноставно, сметам дека на нашите деца им недостигаше еден ваков, нов суперхерој. Суперхерој што не доживува никаква надворешна преобразба ‒ не носи маска, не бил каснат од пајак, не се преобразил во мускулеста машина што може да ја заврти планетата обратно само затоа што тукушто изел една банана (се смее), туку суперхерој со супермоќ кому преобразбата му се случува внатрешно. Суперхерој што се менува со самиот факт што се прифаќа себеси со сите свои мани и суперхерој што конечно знае како да се спротивстави на булинг, што успева, иако со плач, иако коленцата му треперат, да не си ја пикне главата под јорган, туку да им погледне право в очи на своите најголеми стравови.
Ведра има ретка дарба, највидливата мана ѝ е најсилната страна. Од какви особини е создадена Ведра?
– Ведра е типичен лик ‒ принцеза во неволја, таа нема ниту една единствена реплика во целата книга, таа е лик што е објаснет само низ зборовите на сезнајниот наратор и на другите ликови од книгата. Навидум пасивен лик што низ целата приказна сѐ што прави е во апсолутна спротивност на она што го носи како име, она што треба да е нејзината одредница, нејзиниот карактер, и токму како и во бајките, приказната е насловена по неа, но таа речиси не дејствува, нејзе околностите ѝ се случуваат. Одлучив да го истакнам тоа играјќи си со раскажувањето. Одамна посакував да создадам приказна во која навидум споредниот е всушност главниот лик. Сакав да напишам приказна што ќе им се спротистави на стереотипите. На крајот, Ведра не е спасената туку спасителот. Не е пасивната, ниту е херој само на зборови, туку е херој на дело, а нејзиното дејствување не само што го гасне огнот на злото туку ја надминува татковата слава со нешто сосема спротивно на очекувањата, таа не освојува територии, таа му става крај на едно долгогодишно и безумно непријателство меѓу двете кралства, таа освојува со срцето, со пријателство, ја носи во себе моќта на простувањето и на помирувањето. И наместо „си живееја среќно засекогаш“, токму квалитетите на Ведра се она што останува да лебди како ветување за еден нов поредок, за нови правила на игра.
Какви пораки суптилно испраќаат држењето за рака на таткото, борбата меѓу доброто и злото, солзите што спасуваат животи?
– За неопходноста „да се убие таткото“ за да се изживее личната судбина учиме уште од митовите, на тоа се осврнале и многу психолози, оти нужно е да се прекине врската со родителите, односно со оние што се задолжени да се грижат за нас до одредена возраст, за да се оспособиме да се грижиме самите за себе, а потем и за другите. Симболично, моментот кога веќе не треба да се држи татковото раче е мигот кога ја минуваме првата позначајна иницијација во животот, стануваме свесни за себе, дека сме индивидуи, дека е време да научиме како да сме сами и свои. А битката меѓу доброто и злото е нужна во приказните за деца, затоа е присутна и во митовите, во бајките, во сказните, во Библијата… оти, светот во кој живееме е суров, а нашата обврска како возрасни е, низ игра, да ги подготвиме децата за сите слаткоречиви вештерки и волци што ги демнат на улиците, да ги подучиме да не тргнат по патот на славата што од нив ќе направи магариња, да им ги понудиме овие шаблони, наречете ги и вежби ако сакате, за тоа што следува по пуштањето на татковото раче ‒ животот надвор оддома. А солзите, тие се водата, водата во нас и водата надвор од нас што е во постојано кружење, што едновремено има моќ да урива и да создава, страшна сила што секој од нас ја носи во себе и треба да научи како да ја скроти и каде да ја насочува, каде да тече, во коритото на доброто или во она на злото.
Кои треба да бидат главни одлики на добрата литература за деца?
– Добрите книги за деца се тие што успеваат ненаметливо да ги пренесат пораките, да кажат многу со прстофат зборови. Зборови што се разбирливи за децата, но и такви што ќе ги поттикнат да научат нешто ново, што со нивната арома ќе ги стимулираат детскиот развој и љубопитство. Тоа се забавните, креативните приказни, хипоалергени за сите возрасти, што се препрочитуваат во секоја животна доба. Тоа се книгите со мирис што го помниме, што ги чуваме под перница, што ги чувствуваме како дел од себе. Книгите од кои ни станува топло, меко и милно како да нѐ појат со мајчино млеко. Тоа се книгите што со убавите илустрации ни ја хранат имагинацијата, што нѐ поттикнуваат на игра, на авантура! Се надевам дека „Ведра“ е една таква „торта“.