Фото: Марк Драјзен

Мило Рау, швајцарски режисер и директор на „Виенскиот театарски фестивал“

Интервјуто го водеше претседателката на Европската театарска конвенција, Хајди Вајли
Превод од англиски јазик: Сашо Огненовски, Марија Китановска

Театарскиот режисер Мило Рау е сегашен лидер на познатиот европски театарски фестивал во Виена, кој оваа година беше под мотото „В е за љубов“. На меѓународната театарска конференција на Европската театарска конвенција оваа година во Атина беше направен значаен чекор во борбата за демократија и уметничка слобода. Кампањата „Отпор сега заедно“ ги покани креативците да се приклучат и да ги направат видливи многуте настани и акции за отпор и уметност низ цела Европа – и трајната релевантност на театарот во контекст на зголемениот политички притисок и нападите врз културната автономија. На оваа исклучително значајна конференција како полноправен член на Европската театарска конвенција беше примен и Македонскиот народен театар од Скопје.

Низ цела Европа гледаме растечко политичко мешање, закани по автономијата, па дури и директни закани кон културните простори и нивните лидери. Зошто е покритично од кога било уметниците и културните институции да се спротивстават?
– Не мислам дека е поопасно отколку, на пример, во 1930-тите години. Мислам, сè уште живееме еден вид на институционална демократија. Но во последните десет години, речиси половина од земјите членки на Европската Унија преминаа кон екстремно десничарска политика, особено културна политика. Првпат, барем во мојот живот, видов институција да биде погодена, очигледно и експлицитно, од политички причини. Пред десет години, сè уште зборуваа за кратење буџети и некои неолиберални идеи од типот „дали тоа навистина вреди, дали треба да продолжиме да поддржуваме какви било елитистички институции како театарот“. Денес тоа стана многу експлицитно – во Унгарија, секако, во Русија и во Словачка. Така почна целата кампања, луѓето беа отпуштени затоа што се изјаснија. Во овој момент е многу опасно да се убедиш себеси дека треба да се самоцензурираш или да останеш под радарот, затоа што и онака умираме на крајот. Затоа е подобро да се спротивставиш и особено да се поврзеш со сите други што се спротивставуваат, затоа што тогаш се појавува надеж и мислам дека тоа е и убавината на првиот дел од нашата кампања, што не сме сами.

Точно, и Вие сте очигледно уметник, личност што отворено зборува за политичката одговорност на уметноста. Како ја гледате денес нашата улога, дали повторно треба да го дефинираме или да го репозиционираме театарот во општеството?
– Апсолутно. Прво, затоа што театарот е јавно финансирана уметност, за разлика од, да речеме, ликовната уметност, која е повеќе приватна, освен музеите. Но мислам дека, на пример, тука сме во еден простор што е јавно финансиран и тоа што го правиме тука чини пари, значи ние сме некаков вид јавни службеници. Затоа е важно да го браниме и да бидеме политички активни во овој простор. Од друга страна, идејата за кратење на уметноста – има многу истражувања – е економски бесмислена. Затоа и не се има случено во последните 20-30 години. Неолиберализмот никогаш не ја допре уметноста. Напротив, вложуваше сè повеќе и повеќе затоа што уметноста е еден вид мултипликатор. Едно евро во уметноста носи седум евра поврат, многу повеќе отколку во другите сектори. Затоа и остана недопрена и, затоа, кога е нападната, веднаш знаеме дека причината е политичка. И од друга страна, морам да кажам дека тоа е во ред. Зошто десницата не би напаѓала сектори што ги смета за либерални, политички? Но кога се напаѓаат, тогаш чувствуваме дека се доаѓа до пресвртна точка во општеството. Станува збор за симболичната вредност – кои сме, кој се претставува и како сакаме да продолжиме? Кое е културното наследство на иднината, на пример? Затоа не можеме да прикажуваме само опери од минатото. Што создаваме денес? Колку инвестираме како општество? Кој ќе се сеќава на почетокот на 21 век? Затоа е важно да се спротивставиме. И ова не е првпат да сме во ваква позиција. Сме се спротивставувале во 1930-тите, 1940-тите, повторно во 1550-тите против конзервативизмот, потоа неолиберализмот, и сега имаме сосема нова клима. Имаме „трампизам“, ситуацијата целосно се менува, и тоа не само во Европа. И, секако, сега е моментот кога ние треба… чувствувам потреба да се поврземе.

Фото: Апостолис Куцианикулис

Можете ли малку да ни објасните што претставува „Отпор сега заедно“ и зошто е суштински важна оваа иницијатива токму сега, покрај другите активности што ги правите и како режисер?
– Кампањата започна на многу практичен начин. Тоа беше отпуштањето на Матеј Дрличка во Словачка и ние сакавме да реагираме – првиот мал чекор. Потоа кампањата почна да се шири низ различни земји, па дури и надвор од Европа, можеби околу 20 земји, каде што се сретнавме со актери, водевме разговори, објавувавме отворени писма, се поврзувавме. И сфативме, мислам дека тоа е искуство што вие го имате веќе многу години, но за мене тоа беше ново минатата година – да разберам дека во овој сектор, во сите земји, имаме исто поместување во културното поле и начинот на кој политиката реагира на него, и дека немаме никаква агенција на меѓународно ниво и дека сме многу провинцијализирани, или самите сме се провинцијализирале. На пример, Европската Унија воопшто не е подготвена за тоа, па дури постои и табу да се интервенира во националните културни сектори. Затоа што, секако, постои слобода за уметност и не можеш да се мешаш во политиките на државите, но тоа мора да се промени. Ако ве отпуштат поради политички причини, кои се претставени како некаков „уметнички вкус“, тогаш нема каде да се обратите. Затоа сфативме дека мораме да дејствуваме. И првите чекори што ги направивме заедно, што за мене беше изненадувачки, беа толку брзи и исклучително успешни – мислам дека за мене, во мојот живот како активист, тоа беа најбрзите и најуспешни чекори што сум ги направил. Тоа беа, како што рековте, 300 институции од, мислам, 50 земји за само неколку недели и веднаш се сретнавме со луѓе од Европскиот парламент и од комисиите. Затоа и го додадовме тој мал збор „заедно“ – за да потенцираме дека се работи за транснационална соработка. Зашто, како што знаеме, десничарските политики од сите држави се интернационално поврзани. Така треба и ние. И не само преку дискусии туку и преку овој, според мене, исклучително прагматичен пристап, кој нè инспирираше и во првиот дел од „Отпор сега“, а сега и во вториот. Веќе започнуваме, сега во Атина и во Берлин и навистина станува збор за конкретните ситуации – мислам во Грција, во Европа, во Германија – и оттаму да продолжиме чекор по чекор, повторно градејќи платформа каде што ќе ги поврземе гласовите, искуствата, но и проектите што ги планираме во наредните месеци. Никогаш немало простор, платформа, каде што секој може да дојде и да рече: „Океј, овде ќе поврземе сè, јас ќе направам нешто на 7 септември, ти ќе направиш нешто на осми, третиот на девети, а на десетти се среќаваме во Брисел“.

И во Вашите дела секогаш ги поместувате границите, го истражувате отпорот, не само како тема туку и како пракса. Па, како отпорот ги обликува Вашите дела?
– На пример, јас на ова што го правиме му пристапувам како на уметнички проект. Знаете, формата – таа е експеримент за да разбереме до каде можеме да стигнеме преку поврзување. Театарот е, да речеме, многу колективна уметничка форма. Затоа, она што се обидувам да го направам – и, се разбира, на високо ниво тоа и го правиме преку оваа иницијатива, преку оваа кампања – е во секој проект да поврзам луѓе што никогаш не би се сретнале ако не беше тој проект.

И за крај, ако има една порака што сакате да ја понесат уметниците, институциите и публиката од „Отпор сега заедно“, која би била таа?
– Мислам – приклучете се. Го додадовме зборот „заедно“ за да биде јасно дека само заедно можеме да бидеме силни. Сите сме заедно во Европа. Кога сме сами… не знам што сме. Ние сме одлични уметници, но ако не дејствуваме колективно сега, едноставно повеќе нема да имаме средства. Нема да ги имаме ни институциите во одреден момент, бидејќи тие се затвораат и луѓето се отпуштаат. Тоа навистина се случува. Затоа мораме да се движиме заедно и да станеме силни.

Да – да ги заштитиме јавните простори, да ја заштитиме уметничката слобода, да ја заштитиме автономијата, да го создадеме она што го чувствуваме како уметност – за сите, и во Европа…
– Сосема. Тоа нè води до нашата порака. До сите вас – во Атина, или каде и да сте – сега е време сите ние да дејствуваме. „Отпор сега заедно“ не е само повик за свесност, тоа е повик за учество. Станува збор за заштита на културната слобода, осигурување дека уметничкиот израз останува силен и независен од политички мешања. Ова е иницијатива за да може театарот и културата во Европа да напредуваат.