Дажди во Сплит

Песничката ја смислив за време на мојот едномесечен престој како писател на резиденција во Сплит во пролетта 2016-та. Станот ми беше веднаш до Диоклецијановата палата, наутро, низ дрвените решетки на прозорците се провлекуваше сребрената сончева светлина, го слушав гугањето на гулабите, а подоцна џагорот на туристичките групи и гласовите на водичите. Бев „Пет корака до Палаче“, како што се вика документарецот посветен  на гостите уметници во Сплит, чија премиера се очекува деновиве.
Сплитскoтo време го исполнував со прошетки на чист воздух и мали градски откритија на затскриени рибни коноби, со весели искачувања на Марјан, разговори „што ни падне на памет“ со Анте Томиќ, Еди Матиќ, Ренато Баретиќ…  Беше посебна уживанција да се седне кон морето во некоја од кафеаните на сплитската рива, онака мрзливо да ја набљудувам доминантната убавина на сплиќанките, а зад нив, мрешкањето на морската шир, посеана со белузлава пена на некој повисок бран.
Но понекогаш облаците се згуснуваа над градот што одеднаш посивен чекаше да почне да дажди, како увертира на поројниот дожд, ролетните ќе затропаа од налетите на топлиот и влажен југо, од кого, велеа, човек го напаѓа несносна главоболка.
Дождот и југото заеднички удираа, удираа по ролетните и прозорските стакла, а јас, без главоболка, се внесував во пишување, читање или свирење. Имено, во станот ми донесоа електрично пијано на кое импровизирав до мила волја. Почнував, на пример, од Г-мајор, па горе – Ц-мајор, Д-7… и сред брзите дождливи капки и силниот ветер се преплете симпатичната мелодија врз која лесно се надоврза исто така симпатичен текст за прошетка по дожд  – дали да бидеш сам, слободен и „без амбрела“, или, како би било добро, додека дождот упорно паѓа, да си во друштво, под ист чадор, со некој што би го гушнал.

На една од сплитските промоции ја отпеав песничката, ѝ се допадна на публиката, а и на претседателката на „Удруга Курс“, Маја Вранчиќ, па откако се вратив во Скопје, ја разубавив мелодијата со гласот на ќерка ми Лара и  виолината на Александра Кузман, како дуо „Инкогнито“ ја снимивме за еден ден, па ја интернетирав до Сплит.
Минуваа месеци, години, се појави и проклетиот коронавирус, кога Маја ме израдува со веста дека мелодијата влегла како музичка подлога на документарецот за странските уметници што престојувале во Сплит. А неколку дена потоа, се сретнав со уште една Маја, драгата сликарка Маја Стефановска, со која инаку и порано сме уживале во заемната соработка, која ми побара неколку напишани листа од мојот бележник, за ликовно да интервенира врз нив. Во исчекување на скорешно појавување на документарецот, сношти дополнително ме израдува нејзиниот мејл со два цртежа – едниот од нив беше на ливчето на кое во Сплит ја запишав песничката за дождот.
Еве го цртежот на Маја врз текстот на песната „Дажди во Сплит“, на измешан македонски и хрватски, односно на скопски и сплитски:
Јас лудо сакам кога врне дожд,
јас лудо сакам кога врне дожд,
ситен дожд, пролетен,
јас лудо сакам кога врне дожд.
Тој звук ме вика „дојди, дојди…“.

I odmah tada istrčim na trg,
i odmah tada istrčim na trg,
nasmijan, veseo,
i odmah tada istrčim na trg.
Bez ambrele. I bez tebe.
Ja ludo volim morski sunčan dan,
olim morski sunčan dan,
na rivi u Splitu,
ja ludo volim morski sunčan dan.
I želim da ne budem sam.