- Праизведба на драмскиот текст „Анна“ од Драгана Лукан Николоски, во режија на Нина Николиќ
На малата сцена на театарот „Комедија“ денеска премиерно ќе биде изведена театарската претстава „Анна“, според истоимениот драмски текст на Драгана Лукан Николоски, во режија на Нина Николиќ. Станува збор за праизведба на текстот што е дел од проектот „Трилогија за љубовта“ на авторката, во кој се содржани уште и драмите „Марта Верина“ и „104“.
Драмата е инспирирана од „Ана Каренина“, но не претставува нејзина драмска адаптација. Дали светот е навистина променет, дали ние луѓето навистина сме променети, дали денес, по 150 години, Ана има шанса да победи?
Ана има сè – углед, стабилност, совршено семејство. Но зад затворените врати се крие една друга вистина: таа е невидлива во својот живот. Кога се среќава со Алексеј, страста ѝ дава илузија за слобода. Но дали навистина може да се ослободи?
Драма за жената што избира да има избор и да ја плати цената на својата одлука. За бракот во кафез и бунтот што станува ново ропство. За вечното прашање што губиме кога се обидуваме да се најдеме.
Во претставата играат: Маја Љутков, Благој Веселинов, Саша Ханџиќ и Маја Зеќо, сценографијата е на Илина Ангеловска, костимите на Ивана Каранфиловска Угуровска, а музиката на Оливер Јосифовски. Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам и од институтот „Гете“, а се реализира како копродукција помеѓу „Перипетија продукција“ и театарот „Комедија“.


































