Кон изложбата „Вечнеење“ на Никола Пијанманов поставена во салоните „Империјал“ на КИЦ-Скопје

Рецензија

Доколку денес на ова мало парче земја наречено Македонија ликовната уметност сака нешто да каже, тоа дефинитивно го прави преку изложбата „Вечнеење“ на Никола Пијанманов. По бурните времиња проследени од пандемијата на ковид-19 и општествено-политичките околности и случувања, како на микроплан така и на макроплан, се сменија многу нешта, како во поредокот така и во личниот живот на луѓето. Би било сосема некоректно доколку уметноста не ги запечати овие моменти кога светот живее некои нови времиња, кога постојат сосема поинакви погледи и перцепции на нештата, кога човекот веќе не е само свој, ами е на сите.
Во поглед на цикличните премрежиња во кои живее светот, се наметнуваат и зборовите на поетесата Ана Ахматова во нејзината куса автобиографија, во која таа вели: „Не престанав да пишувам стихови. За мене во нив се наоѓа мојата врска со времето, со новиот живот на мојот народ. Кога ги пишував живеев со тие ритми, кои звучеа во херојската историја на мојата земја. Среќна сум што живеев во тие години и ги видов настаните на кои им нема рамни“.

Веројатно сосема случајно и сосема несвесно Пијанманов како да ги следи овие зборови на Ахматова, па себеси си дава задача да ни го претстави ова време. Но Пијанманов повеќе не е уметник којшто се жали на секојдневието, којшто безнадежно гледа на иднината. Тој го напушта концептот на (само)сожалување и станува активен учесник во суровоста на живеењето, во целата голгота што сите ја преживуваме – едноставно тој на еден брутален начин ја соочува публиката со реалноста, предизвикувајќи кај неа раздразливост, со цел таа да почне да реагира на девијациите во општеството. Секако, ќе речете, оваа не е ништо ново во уметноста, но она што треба да го потенцираме за „новиот“ Пијанманов е дека тој не го напушта своето јас во поглед на ликовниот израз, ами го адаптира својот манир кон новиот пристап. Токму неговиот индивидуален сликарски печат го поставува во еден сосема поинаков концепт, во којшто и самиот станува „играч“ на новото време.
Она што навистина фасцинира во целата приказна на оваа изложба на Пијанманов е извесно чувство на долг, кој авторот го носи како бреме. Тој како да ја продолжува приказната на големиот Михаил Александрович Врубељ, кој своевремено мораше да се раздолжи со демонизмот, па носи една цела серија приказни низ кои се провлекува опомена – нешто нè демне, нешто лошо може да ни се случи, демонот којшто седи може во секој момент да се исправи и да се нафрли врз нас – да нè сотре доколку не почнеме да повлекуваме правилни потези, да се грижиме за сето она што нѐ опкружува, да станеме одговорни пред себе за своите постапки.

Уште една прогресивна линија го следи Никола Пијанманов во овој свој нов „циклус“ – уметникот како ерудит. Веројатно сите ограничувања коишто ни беа поставени, му дале можност на уметникот да го прави она што отсекогаш го сакал, а за кое најчесто немал време: да се запознае со нови нешта, со нови уметности и уметници, да впие нови информации, со еден збор се предал на градење себеси. Оттука потекнуваат и новите погледи, новите инспирации коишто резултираат со дела какви што досега не сме виделе од „перото“ на Пијанманов. Ова е мошне значаен момент во неговото творештво, нескромно би рекол и преломен, кога тој со досегашниот багаж, а и со оној со којшто допрва ќе се натовари – оти овој интерес веќе станал негова пасија – ќе овозможи отворање нови видокрузи не само за него како автор ами и за публиката којашто, од своја страна, ќе се збогати со нови, не само перцептивни ами и идејни (понекогаш можеби и идеолошки) сознанија за светот во којшто живее.
Од претходнокажаното произлегува и уште еден момент којшто е карактеристичен за сегашниот Пијанманов. Она што моето око, а се надевам дека и на мнозинството коишто ќе ги погледнат сликите од неговиот нов циклус, го забележува е дека тој се втурнува во потрага и по други придружни елементи за своето сликарство. Всушност, станува збор за интердисциплинарност, кога другите уметности или помагаат или стануваат составен дел од постојната. Во случајот на Никола Пијанманов можеме да проследиме голем број литературни елементи – како раскажувачки така и поетски – филмски детали, па дури и цели сцени, коишто се преточуваат во неговите платна, музика којашто почнува да звучи со само еден поглед на неговите слики… Ваквата комплексност во сликарскиот израз, без притоа да користи директни елементи како што е случајот со мултимедијалната уметност, ги поставува и Пијанманов и оној што ги гледа неговите платна на едно сосема ниво во коешто тие не само што имаат интеракција на умствено ами и на емоционално ниво.
Сето ова наведува на една друга размисла, а тоа е гледањето на уметноста низ призма на уметникот, односно низ Пијанманов, а не како чисто ликовен елемент. Она што навистина воодушевува во неговото поново творештво е тоа што е апсолутно очигледно дека Никола не слика, туку го живее сликањето.

За него сликањето не е само процес, туку и начин на живеење, начин на размислување, приближување и оддалечување, нешто во коешто тој не само што ги предава нештата ами се предава и самиот себеси, односно и тој станува дел од сопствената уметност. Ова би можело да се противоположи на тетоважите – доколку тетовирањето е сликарство на кожата на човекот, сликите на Пијанманов претставуваат платна со човечки елементи.
Неизоставен дел од целокупното творештво на Пијанманов се секако боите. Како и обично со прекрасното чувство за нивна комбинација, тој го има најдено „клучот“ за да допре до емоциите на публиката. Она што во овој циклус станува мошне очигледно, тргнувајќи од својата премиса за прикажување на бруталната реалност, е изборот на бои, коишто ќе бидат целни, односно ќе придонесат за перцепцијата. Веројатно затоа Пијанманов во својот нов циклус како доминантна ја избира црвената во сите свои пројави: црвената за немирот на авторот, за немирот што со себе го носи самата слика, за немирот што со себе го носи современиот човек. Почнувајќи од фигуралните прикази, па сè до пејзажите, црвената како да се истуркува во преден план, барајќи место за да се прикаже себеси како страст, како неизбежен елемент, избувнува, понекаде дури и како најситен детаљ, исто онака како што бликнува крвта од телото кога ќе се боцнете или кога ќе се пресечете, создавајќи чувство на болка со различно траење и интензитет, а понекогаш оставајќи и лузни коишто можеби ќе ги носиме до крајот на својот живот.
На крајот треба да се истакнат уште два елемента присутни и препознаени во новото творештво на Пијанманов. Првиот се однесува на современоста и живеењето во ерата на високите технологии. Никола мошне успешно се снаоѓа во овие рамки, ги разбира социјалните медиуми преку кои се информира, се консултира, влијае, но и комуницира со својата публика, со што го чувствува импулсот на новите текови коишто ги инкорпорира во своите дела. Вториот момент, пак, е понагласениот еротизам, па дури и сексуалност на дел од неговите платна. Со самиот факт што Пијанманов ја живее својата уметност, сосема природно е и еротската поврзаност со нив да зајакнува, што само сведочи за тоа колкава е симбиозата помеѓу него и неговите дела.
Читањето на овие куси видувања за коишто, секако, може долго да се дискутира и да се полемизира, би требало да нè доведат до моментот на едно обопштување за тоа што претставува овој циклус на уметникот. Имено, како што вели и самиот наслов на текстов, Пијанманов со своите нови дела ја живее современоста, со сето нејзино бреме, но и со сите мали и мошне значајни пријатни и позитивни нешта што со себе ги носи таа, а тоа е вистинско мајсторство коешто публиката задолжително ќе го препознае.


Дела за човекот што чека

На самостојната изложба „Вечнеење“ од ликовниот уметник Никола Пијанманов во салоните „Империјал“ на КИЦ се поставени дела од тригодишно истражување за човекот што чека, изгубен во огромните простори и лавиринти на чудниот, апсурден и тежок макросвет. Човекот заробен во состојба на бесконечното исчекување. Изложбата ги поврзува една заедничка тема, и во фигуративните слики и во пејзажните композиции. Тоа се осаменоста и кревкоста на поединецот, човекот во распаѓање и слободен пад – човекот клекнат пред ѕидот и машината на суровиот либерален свет, кој ги гази човечката слобода и личност повеќе од кои било времиња во историјата. Тука се додава бесконечното чекање на човекот во бескрајните транзиции на корумпирани општества и системи. Слабиот човек душевно и телесно заробен во чекалниците на Европа, напуштените предели, села и населби, отуѓените семејства и епидемијата на разделби. Контрастот и единствениот излез се претставата на човечката фигура во чудесните предели на восхитувачката природа. Во тоа опкружување сликите добиваат мистично и екстатично значење. Изложбата беше отворена на 7 ноември, а ќе биде поставена до 19 ноември.

Емил Ниами