Мултиуметничкиот настан „Омнибустопија“ на 16 и 17 септември ја најавува четвртата најамбициозна и најквалитетна програма досега и за првпат со гости од странство. Во текот на два дена ќе можат да се проследат концерти, изложби, разговори и работилница. Предвидена е работилница на темата „Кат-аут анимација“, наменета, пред сѐ, за млади луѓе, на возраст од 16 до 22 години. Со работилницата ќе раководи мултимедијалниот уметник Владимир Лукаш, во соработка со уметниците аниматори од „Флипбук филм фестивалот“, Жарко Ивановски и Крсте Господиновски. На 16 септември, во 20 часот, во кино „Фросина“ следува јавна дискусија за интерсекцијата меѓу уметноста, политиката и идеологијата. Учесници во дискусијата ќе бидат уметницата Христина Иваноска и активистот и политиколог Артан Садику, а модератор ќе биде Јордан Шишовски. Во 21.30 часот во галеријата „Фросина“ ќе биде поставена мултимедијалната инсталација „Процеп“ на Никола Дрвошанов, мултидисциплинарен уметник, кој се занимава со анимација, дигитални медиуми, фотографија, колажи. Вечерта ќе заврши со музика, диџеј-сет на Дрази Драгс и концерт на „Чиста околина“ и „Светлост“.
На 17 септември, во 20 часот, во киното „Фросина“ ќе се одржи јавна дискусија за новиот џез-бран во Македонија, кој почна целата сцена незадржливо да ја носи во нови насоки и кон нови предизвици. А во 21.30 часот во галеријата „Фросина“ ќе биде отворена изложба на цртежи на Ертунч Сали, ликовен уметник од Скопје. Во 22.30 ч., во дансинг-салата е закажан концерт на српското инструментално фанк-рок трио „Попечитељи“.
Организатор на настанот е асоцијацијата за културна соработка и истражување „Аксиома“: Вангел Ноневски, Јордан Шишовски и Владимир Лукаш.