Братислав Ташковски (1960), книжевник полиграф, е жив класик на современата македонска поезија. Ташковски, со своите 21 книга поезија на македонски, со преводите на странски јазици, со пет драми и пет романи, е и книжевна појава од европски формат. Тој е човек што и со професионалната, новинарската и организационо-културната кариера ги задолжил македонската култура, македонското општество и, воопшто, македонскиот национален идентитет со вредности што далеку ги надминуваат можностите на поединец и одговараат на постигнувањата на цела една културна институција. За две години ќе одбележи четири децении редовна и извонредно успешна книжевна активност.

За таа своја исклучително богата писателска кариера ги освоил сите наши важни книжевни признанија: „Студентски збор“, „Млад борец“, „Браќа Миладиновци“, „Рациново признание“, „Ацо Шопов“, „Антево перо“, како и Државната награда за најдобра книга од областа на публицистиката „Мито Хаџивасилев-Јасмин“, признанието „Поетска ноќ во Велестово“ и признанието „Битолски книжевен круг“.
Вулканската творечка енергија на Братислав Ташковски, во спој со неговата приватна тивка природа и неговата ненаметливост во општествениот живот особено последниве две децении, му овозможи целосна посветеност на пишувањето, па во неговиот лик го добивме нашиот, македонски Енценсбергер и серија прекрасни поетски книги, на кои се потсетуваме.

Венко Андоновски


Братислав Ташковски

Немирна

Земјо, ги спакував солзите во една искра
За да направам величествена слика од тагата.
Скокав по облаците како луд ангел
Кој не знае каде да падне.
Сè уште сум далеку од Божјите раце
И додека одам гледам колку си убава.
Ти немирна што цел живот чекаш одговори
Сега си запретана со огради
Кои создаваат само лоши соседи.
И песната ти ја сечат на половина, но ти
Убава моја не го даваш срцето
И никогаш не си гледала со очите на злото.

Да беше човек ќе станеше приказна,
Вака си само немирна божја кожа
Која се бунтува од лошите допири.
Нашиот живот барајќи добрина поминува
(Сите метафори се напишани) твојот е вечен.
Ние исчезнуваме во твоите гради ти остануваш
Моја убава земјо.
Не плаши се гледај гордо нагоре:
Небото никогаш за тебе нема да стане пекол.


Поетски договор

Од мојата зандана го пуштам овој глас:
Се заветувам пред музите
Со сите кои пишуваат сакам да бидам пријател
Доколку веруваат во вистината.
Посебно со тие кои не знаат
Како да побегнат од пишувањето
И не дозволуваат омразата да ги освои.
Во оваа земја малкумина се такви,
Вистински писмозналци
Неприкосновени стихоградители…


Молитва

Боже
Ти што ми ја земаш силата
Пополека
Дај ми уште малку
Да верувам во луѓето
Да не бидам самофалец и среброљубец
Пред да излезам
Од овој оклоп на животот