ЃЕВРЕК
Асоцијативно, на прв поглед, може да се поврзе со уроборот, иако на змијата што си го гризе опашот не ѝ паѓа на памет да оди понатаму, а писателот веќе по првиот загриз на свежо печениот ѓеврек со сусам или на неговиот варен собрат вели дека нема јадено на сабајле нешто толку вкусно
Тоа го поттикнува писателот, додека ужива во залаците топол ѓеврек, да помисли за односот во книжевниот текст меѓу правилата и суштината, колку тие се сепак само помошни, корисни средства што и самите се разоткриваат во потрагата кон неопходниот вознес во творечкиот миг.
ИЗНЕНАДУВАЊЕ
Колку литературата да е самоспознајна кога се создава, толку потоа сака де се споделува, си мисли писателот додека вечерта шета по улиците на Липовград. Така го нарекува градот низ кој веќе во првата недела на јуни интензивниот опој на расцутените липи незадржливо се шири од булеварите до слепите сокаци. И нагоре, кон ѕвезденото небо, што станува уште пошироко и пооткриено под дејство на трепетливиот, енигматичен парфем, каде што ја запира безглавата врева на времето.
ЈАВАШЛАК
Се отвора обилната ризница на пролетта, се шири благоста на мигот – цутот на розите, појот на пилињата, мирисот на липите – а мигот станува час, ден… Писателот опуштено замислува за царството на Кушите, црните фараони и Вердиевата Аида, за односот на Черчил кон Тито, за генералот Пиколомини и Скопје пред и по големиот пожар во 1689-та…
Можеби не би било лошо да запише понекоја реченица од тие лежерни, бавни богати теченија на мислите, но писателот решава тие и натаму да талкаат, а тој да мрзелува, додека во кафулето „Шаман“ другар му го подготвува, со мерак и дрвено лажиче, неговото омилено кафе со мед.
– Јаваш, јаваш. Полека, полека, сѐ ќе си дојде на ред – си вели писателот. – Јаваш и Шаман, баш си одат заедно, зарем не?
ФОЛКСВАГЕН
Во „фолксвагенот“ писателот ги помина фазите на преобразба од дете во момче (додека го возеа родителите) и онаа од момчак во надежен автор (кога самиот стана возач).
Во првата фаза, летните патувања кон морето траеја најдолго. Во школката на автомобилот, сличен на оклоп на желка, тој на задното седиште, во издолжените часови на возењето, ги слушаше „Битлси“ на касетофонот додека касетката не завршеше, за потоа повторно да ја премота од почеток.
Понекогаш ноќта ги фаќаше на пат. Мајка му ќе го покриеше со ќебенце и тој постепено заспиваше, склупчен на задното седиште, додека во главата му се мешаа мислите како во воденица. Така, писателот не знаејќи дека во иднина ќе стане писател, си составуваше со затворени очи секакви свои приказни, додека портокаловата „буба“ врвулеше по планинскиот пат, совладувајќи километри и километри…