Антиупатства за лична употреба

ВОЗ

Како младич, во времето пред компјутерите и мобилните, писателот често патуваше со воз. Ако фатеше место до прозорецот, глетките се менуваа како на филмско платно, во правец на движењето или обратно, во зависност на која страна ќе седнеше. Уште поинтересни му беа патниците, кои во купето влегуваа и излегуваа на секоја постојка – можеше најпрвин да ја расознае различноста на нивните физиономии, облеки и гласови, а оние поразговорливите што патуваа подолго, си кажуваа меѓу себе приказни од нивните животи, проследени со едноличниот тропот на вагоните по шините. Ги ѕиркаше, стутулен на своето седиште, и молчаливите, детективски замислувајќи од каде се, која е причината на нивното патување, што носат во куферите спружени на горните решетки. Потоа, за прездив, пак ќе погледнеше низ прозорецот во брзите, стркалани секвенци на движечките пејзажи.
Оттаму не е чудно што дел од неговите првонапишани куси раскази се случуваат во воз. Но малку е необично што денес, во времето на компјутерите и мобилните, кога со децении не го користи железничкиот превоз, неговата проза неретко се навраќа во магличестиот свет на возовите.

ЌОШКАСТО

Ќошињата, тие затскриени, темникави места на кои се насобира прашина, па, ако чистачот страда од ревматизам, тешко се чистат, за писателот можат да бидат предизвик да се оттргне од заоблената, контролирана нарација и да ја најде неочекувана острина и магија во предвидливата приказна. – Покажи се! – вели – Прифаќам и да голтнам некоја прашинка – сѐ во полза на својот макотрпен, но исполнувачки занает, дури и кога ги чисти забутканите ќошиња на сопствената потсвест.

ХОРИЗОНТ

Пладневната прошетка по брегот крај големото езеро, кога небото се открива како сина купола над модрината на водата или доцна попладне, на зајдисонце, глетката од крајбрежната тераса, кога езерото, опкружено од темното зеленило на околните ридови, почнува да се разбранува, го поттикнува писателот да размислува за менливоста на хоризонтот што го исчекува пред создавањето на новиот ракопис, синтагма што му дава очигледен предизвик како да ја вклопи приказната во поширокиот пејзаж. Ни малку лесна задача, помислува, но сега, пред овој совршен спој на елементите, тој има време да се надише свеж воздух, да си го допие кафето и да ѝ се заблагодари на природата за овие убави, чисти мигови.

ШЕПОТ

Шепотат младите љубовници во најскриениот дел од градскиот парк (ако не разговараат на мобилен), партнерите за време на мечот во тениски двојки, претседателите на моќните држави шепкаат со своите министри додека трае медиски гласно најавениот меѓудржавен собир (иако, некаде од задниот ред, професионалните читачи од усни ги бележат нивните тајни договарања).
Наспроти нив, викаат продавачите и купувачите по пазарите, вработените на шалтери за издавање пасоши и оние што ги чекаат пасошите со часови и денови, партиските соперници за време на дебати во парламентот.
Ако овој растеглив однос кон чујноста – од шепот до викот – го означиме како стратегија, тогаш во светот на писателот ракувањето со тоновите, нивните стивнувања или засилувања таму каде што делото тоа го бара, стануваат неопходни алатки.
Во секој случај, важни, како, кога и колку ќе ги употребите, слично на комуникацијата со голуждравите човечки бебиња.