ЕПИЛОГ
Главниот лик се обѕрнува наоколу – и како понатаму! Гледа нагоре: писателот се мурти и се чешка, нервозно, по разбушавената коса. Сѐ течеше природно, атмосферата е навистина добро фатена, се движеше низ текстот со мали тешкотии (се пречкртаа, па се најде решение), ама во завршетокот некако се заплетка. Се враќа кон текстот, се запира на одредени делови да го насочат кон ефектниот крај, но тој не му доаѓа.
Тогаш го слушна гласот на главниот лик: – Зошто толку комплицираш? Стави само три точки, и ќе видиш дека така е најдобро.
КУЈНА
Меѓу читателите се издвојува една особена група – гурмани со нијансиран вкус, со изострено сетило за потенцијалните ароми на понудениот текст, кои чекаат да бидат изненадени. Поради таквите, за него многу важни читатели, писателот ја прифаќа улогата на готвач, во дневна или ноќна шема, што знае дека во литературата, како и во кујната, совршенствата се тешко остварливи. Некогаш и во литературата се става премногу зејтин и мелено месо и му се нуди на читател што веќе нема ензими за варење таква храна. Затоа писателот, колку што може, внимава да го погоди соодносот на состојките (без оглед дали ќе бидат послужени во старински керамички или во хартиени чинии).
И тогаш може да ја очекува милосливата поткрепа на критички чувствителниот читател.
МАЧКА
Што треба да научи писателот од мачката? Да се вдоми во она што го пишува, а притоа таа не се откаже немирното љубопитство на слободната потрага на ловецот. Мачката што замижано преде на своето легло, веќе мисли на следниот премин од мирување во најбрзо движење. Така и во творечкиот процес, писателот го исполнува предизвикот со мек опис за да се подготви за успешен, задишан наративен скок.
Како и мачката, со начулени уши.
НЕВИНОСТ
Никако не можев да им велам „бабо“. Впрочем тие беа силни, убави и динамични жени. Нана Невенка и нана Родна. Памтам како ми кажуваа за нивните детства (кога ќе најдеа време од силните домашни обврски), малечки, интимни и невини приказни со ситни детали што само девојче ги забележува, дури и кога тие беа најсурови како атентатот на татко ѝ на нана Невенче, мојот прадедо, пред влезот на нивната куќа.
РЕЛАТИВНОСТ
Киничарот Анистен Атињанецот кого Платон со благ потсмев го нарекува „старец што премногу доцна почнал да учи“, беше најстариот, но и еден од најверните Сократови следбеници, кој бил толку одушевен од дијалозите и личноста на големиот филозоф, што и сопствените ученици ги насочил, заедно со него, да станат Сократови. Иако живеел во Пирејa, во поодмината возраст, тој секој ден пешки минувал седум километри (и седум назад) само да го слуша Сократа.
Скромно се знае за делата на Анистен, но сигурна е претпоставката дека долго живеел.