АВГУСТОВСКИ ФРАГМЕНТИ, 2

– Би требало да си купам… блуза… патики, овие ми се баш износени.
– Па одамна ти го велам тоа – рече жената без некоја посебна усилба да го поткрепи во неговото самосожалување.
Инаку, како и секогаш, беше облечена штосно и со вкус. Секое утро се подготвуваше, долго, долго, како ќе се облече. Плакарите беа преполни со можни парчиња облека што се меркаа во огледалото, па се свлекуваа, па повторно се облекуваа, додека не се пронајде, уф, она што најдобро прилега за овој ден.
Но тоа доцна августовско утро, додека го густираа утринско кафе потпрени на оградата на нивниот балкон, со шолјички во рацете, молчејќи, секој загледан кон својата страна на видикот, се чувствуваа сосема опуштено.
Тој можеше добро да ги види горните катови на највисокиот облакодер во околината, централата на 5-џи-екс.
– Навистина, имаш право, би можеле попладнево до продавницата за чевли – го чу нејзиниот глас мек и топол, како летниот здив од блискиот парк. Таа и гледаше натаму, во високите крошни на дрвјата, во спротивен правец од неговиот поглед кон небодерот.
Кога чекориш, умееше да му каже, гледај кон небото или природата ако ја има, а не во градските турканици.
И токму кога сакаше да го сврти погледот и да го здружи со нејзиниот, забележа како на горната тераса на централата на 5-џи-екс еден човек, облечен во размавтано платно, потрча кон оградата на терасата и без премислување скокна надолу.
– Значи, се договоривме – продолжи жената со истата летна топлина во гласот – Ќе одбереме добри сандали за тебе – брзо го бакна по образот и влезе во собата.
Тој сѐ уште втренчено ѕуреше во зградата на 5-џи-екс. Телото на човекот што паѓаше веќе не се гледаше.