Изложбата „Трагедија на еднаквоста“ на Ариел Хасан претставува длабоко истражување на парадоксите и тензиите својствени за стремежот кон еднаквост во современото општество
Мелентие Пандиловски, куратор
Мелентие Пандиловски е теоретичар и куратор. Неговото истражување, кое вклучува над 200 курирани проекти и голем број публикации, ги испитува врските помеѓу уметноста, културата, науката и технологијата. Живее и работи во Мелбурн, Австралија, како креативен интернационален продуцент во „ЈОЛТ артс“ во Мелбурн, потпретседател е на Меѓународното здружение на уметнички критичари (АИКА) во Македонија и член на Комитетот за дигитална уметност „АЦМ Сиграф“. Тој е куратор на изложбата „Трагедија на еднаквоста“ на уметникот Ариел Хасан, која ќе биде поставена во Музејот на современата уметност во Скопjе на 3 јули.
Како се разви идејата за соработка со Ариел Хасан?
– Со Ариел Хасан се познавам 20 години, откако тој се досели во Австралија. Од соработката би ја издвоил триканалната видеоинсталација на Хасан „Траги и детерминанти“, која како директор на „Ридок арт галери“ во Јужна Австралија ја вклучив во програмата на „Интернешнал лајмстоун цоаст видео арт фестивал“ во 2018 година. Изложбата претставува длабоко истражување на парадоксите и тензиите својствени за стремежот кон еднаквост во современото општество. Кураторската визија се врти околу идејата дека иако еднаквоста често се претставува како идеал, нејзиното спроведување може да доведе до непредвидени противречности, хомогенизација и нови форми на угнетување. Хасан испитува дали вистинската еднаквост е остварлива, односно дали обидот да се спроведе може да ги избрише индивидуалноста и културната специфичност. Преку инсталации, скулптури и дела со мешани медиуми, Хасан создава импресивно искуство, кое ја предизвикува публиката да ги преиспита поедноставните поими за еднаквост, поттикнувајќи на понијансирано разбирање на правдата, разликата и човечкото достоинство… Изложбата ги кани гледачите да размислат за: цената на еднаквоста кога таа станува стандардизирано наметнување, а не органски развој; тензијата помеѓу колективните идеали и индивидуалниот идентитет; дали вистинската еднаквост може да постои без жртвување на уникатноста; улогата на уметноста во критикувањето на социополитичките системи, кои тврдат дека се неутрални, но ги овековечуваат скриените нерамнотежи.
Како се одвиваше процесот на селекција на делата, дали се избрани според одредена хронологија, тема или техника?
– Проектот во МСУ-Скопје е замислен како четврти и финален чин на „Трагедија на еднаквоста“, по проектите во Берлин, Токио и Аделаида – „Битка со бричење глава“, „Борење во кал“ и „Борба со ножеви“. Четвртиот чин е ново дело, кое претставува натпревар во буткање на рака помеѓу двајца рамноправни натпреварувачи што се одвива на триаголна издигната платформа дизајнирана од уметникот и изградена специјално за оваа пригода. Проектот ќе биде претставен пред екрани на кои се прикажани трите претходни чина.
Како ја водите публиката низ изложбата – имате ли подготвен наратив?
– Јас претпочитам структуриран, но не и ригиден, наратив. Исто така преферирам интерактивен дијалог, со цел посетата на изложбата да се претвори во мисловно искуство што ги поттикнува посетителите да размислуваат критички. Целта ми е кураторска концепција што ги поврзува делата во една кохерентна приказна и воспоставува рамка за отворен дијалог, која започнува со филозофско-историскиот контекст, а потоа ги поврзува уметничките дела со актуелни општествени прашања. Понекогаш ги откривам и помалку видливите процеси, како што се кураторските одлуки, техничките предизвици и специфичностите на комуникацијата со уметниците. Битно ми е да го истакнам фокусот кон искуството како процес, а не само како конечен производ. Исто така, ги насочувам посетителите да ги набљудуваат делата од различни феноменолошки перспективи, откривајќи како самата перцепцијата се менува, како и кон физичкото искуство на различни текстури, светлина и звук, а не само на концептот.
Што ја издвојува работата на Хасан во современиот уметнички контекст?
– Ариел Хасан е уметник чија работа се одликува со филозофска длабочина, концептуална строгост и експериментален пристап кон материјалите и просторот. Тој е уметник што не се вклопува во едноставни категории – не е ни формалист, ни апстрактен експериментатор, ни чисто политички активист. Неговата сила лежи во способноста да ги спои филозофијата, материјалноста и просторната свест во дела што ја предизвикуваат публиката да размислува подлабоко за поставениот проект. Од кураторска перспектива, неговиот опус може да се опише како интердисциплинарен, провокативен и политички ангажиран. Неговата уметност ги истражува границите на човековото искуство, општествените структури и метафизичките прашања, често преку апстрактен, но моќен визуелен јазик. Хасан работи на границата помеѓу сликарството, скулптурата, инсталацијата и перформансот, создавајќи дела што се истовремено материјални и концептуални. Неговата употреба на индустриски материјали и нивната трансформација во естетски објекти го прави неговиот пристап уникатен. За разлика од многу современи уметници што експлицитно се фокусираат на актуелни настани, Хасан поставува фундаментални прашања за трагедијата и човековата состојба и еднаквоста, преку апстрактни и понекогаш енигматски форми. Преку овој пристап тој остварува универзална релевантност надвор од ефемерните трендови.
Каква беше вашата комуникација со уметникот за време на подготовката на изложбата?
– Интензивна и секојдневна, во однос на речиси сите аспекти на проектот.
Како куратор, што ви беше најпредизвикувачко или најинспиративно во подготовката на оваа изложба?
– Најпредизвикувачкото и најинспиративно од кураторска перспектива, лежи во нејзината филозофска длабочина, материјалната контрастност и провокативниот социополитички контекст. Аспектот што ја прави оваа изложба уникатна е балансот меѓу концептуалната апстракција и општествената актуелност, односно преточувањето на комплексната филозофска тема (парадоксите на еднаквоста) во визуелно искуство што е интелектуално провокативно, а емотивно допирливо. Најинспиративен момент беше воспоставување на контрастот што го открива клучниот момент на изложбата дека еднаквоста не е хармонија, туку напнатост меѓу спротивности. Исто така голем предизвик претставуваше како да се критикуваат системите на еднаквост без да се падне во клишеа или агресивен активизам. Инспиративниот момент лежи во користењето на поетско-естетските метафори како што е рамнотежата на нерамни површини, наместо експлицитни пораки, правејќи ја критиката универзална.
Каде ја гледате улогата на кураторот денес – дали е тој само „организатор“ или активен интерпретатор на уметноста?
– Пред сѐ улогата на кураторот ја гледам како конструктор на наративи, интелектуалец (еден вид филозоф, антрополог и едукатор) и активист, кој е активен и критички толкувач на значењето во современата уметност, преку креативна, истражувачка и политички ангажирана практика. Кураторот создава простор за дијалог, користејќи ги изложбите како платформи за истражување, а не само да обезбедува начин да се изложи уметноста (креативниот акт). Кураторот учествува во реконфигурирање на перцепцијата, преку експерименти со просторот, и ја вклучува публиката во процесите на создавањето значење. Следствено, за мене кураторството е форма на културна акција, а не само администрација. Кураторот не е неутрален посредник, туку раскажувач што ги поврзува уметничките дела во нов контекст. Кураторот не само што ги избира делата туку активно влијае на нивното читање преку просторни инсталации, текстови или јавни програми. Одговорноста на кураторот лежи во предизвикувањето на статус квото, во откривањето моќни институционални, економски, идеолошки структури и во способноста да ги постави уметниците во дијалог со нив.
Хасан ве врати во Македонија по подолго време… Какви искуства собравте од Австралија и што би сакале од таму да примените во Македонија?
– Пред сѐ професионализмот во сите можни аспекти. Аспекти од австралискиот културен модел што би можеле да бидат инспиративни за Македонија се секако меѓусекторската колаборација и јавно-приватното партнерство, каде што институции често работат со корпорации, локални заедници и научни центри. Понатаму вреди да ја споменам уметноста како алатка за урбана ревитализација. Тука секако влегуваат фестивалите како „Дарк мафо“ во Тасманија, кои ја трансформираат целата градска средина преку уметност и светлина. Исто така се битни грантови од приватни фондации за уметничките инсталации во јавниот простор, како што се Малбурнс лејнвеј комишнс. Светски познатите институции како АЦМИ (Australian Centre for the Moving Image) во Мелбурн се специјализирани за медиумски уметности. Во Македонија по тој пример би можеле да развиеме виртуелни изложби, со глобална дистрибуција, или да креираме „дигитална уметничка мапа“ на Македонија, како платформа за промоција на уметниците. Би сакал, по австралискиот модел, да се имплементираат иновативни партнерства во Македонија, помеѓу галерии и технолошки стартапи, за проекти што ги поврзуваат уметноста, дигиталните медиуми и урбаниот развој. Исто така интересен ми е фокусот на домородните култури и инклузија, каде што институциите активно ги инкорпорираат првите народи во главните програми, со почит кон нивните наративи. Би било интересно да се направат „уметнички акции“ во напуштени индустриски зони во Македонија, со цел да се оживеат депресивните квартови, или да се постават временски инсталации, како проекции на историски згради, кои можат да станат туристички атракции. Музеите и галериите во Австралија имаат интерактивни програми за деца и возрасни, кои се инспиративни, па би можеле и ние да создадеме слични. Понатаму би можеле да воведеме работилници за критичко размислување во основните училишта, користејќи ја уметноста како алатка за дискусија за општествените проблеми. Исто така важни се уметнички резиденции за млади во рурални области, како и поддршката за независни уметнички простори. Во Австралија, АЦЕ во Аделаида и Гертруд контемпрори во Мелбурн функционираат како лаборатории за уметнички експерименти. Секако, да не ги заборавиме и субвенциите за мали уметнички колективи, како и правната и административна поддршка за алтернативните културни центри, со цел да се изгради поагресивен, креативен и ангажиран културен простор во Македонија. Во наредните неколку години на Скопје му претстои манифестацијата „Европска престолнина на културата 2028“, па би било убаво да имплементираме некои од овие примери.