ДОКУМЕНТ
Дали тогаш нефикционалното документирање (и коментирање) на фактите го исклучува имагинативното? Еве, топотот на дождовните капки по лисјето во мојата градина сега, додека го запишувам ова – дали тоа ги зачувува, ги документира овие мигови затоа што се забележани во една реченица?
Тука ми се надоврзува една посакувана особина за писателот – ДЕТКОСТА – со задржаното игриво љубопитство на детето кон видливото искуство што ја поттикнува фантазијата и со тоа го чини стварниот живот побогат и постварен.
ПРЕДВИДЛИВОСТ
Авторите, дури и оние со најнепредвидлива постапка, што иницираат нови и возбудливи поетички движења, со многубројните воодушевени читања и толкувања, а особено со намножувањето на поклониците во новата генерација писатели што ги користат неконвенционалните откритија на своите претходници, и самите стануваат предвидливи.
СОН
Ако некои состојби на јавето ни личат на сон и обратно, некогаш кога сонуваме ни се чини дека сме на јаве. Во длабоките ноќни часови, во сонот се случува да се движиме низ жешките морски плажи, а на јаве, среде лето, ќе сретнеме девојка во бунда како води на врвца пудлица во оделце. Да се запомни, да се сослуша сонот и потоа да се вткае како важен дел од приказната, тоа ја тренира раскажувачката способност.
ЧОВЕЧНОСТ
Една од носечките вредности на литературното дело, без оглед дали писателскиот приод е носталгичен или саркастичен. Внесеноста во човековата несовршеност, патувањето низ нејзините сенчести и светли предели, може да му овозможи на писателот, според силата на неговиот талент, да се нурне и во сопствениот сомнеж, но и како најголема награда, да ги пушти ликовите непосредно да го тераат својот живот.
ЅИД
Кога ќе се впушти во лавиринтот на текстот, писателот најчесто е внесен и занесен. Но понекогаш (и одеднаш) тој умее да се стаписа. Наместо да продолжи да се движи, запира пред висок, тврд, неподвижен ѕид без најмал отвор. Како да се излезе од тука? Му недостига Аријадниниот конец, но тој не е јунакот шармер од митот, туку писател од крв и месо и со истенчени нерви.