Комисијата за доделување на наградата „Антево перо“ во состав: Весна Мојсова-Чепишевска (претседателка), Атина Цветаноска и Жорж Поповски (членови), пред да пристапи кон донесување на завршната одлука, што подразбира печатење на наградената стихозбирка во специјалната едиција на наградени автори, уште еднаш го изрази своето задоволство од одличниот одзив за оваа награда. Оваа година, комисијата имаше тешка задача да направи селекција на поетските писма, кои со своите квалитети и одличен израз се издвоија.
Пристигнаа 75 стихозбирки, со најразлична трендовска и жанровска разноликост, од кои во потесен избор за наградата влегоа седум стихозбирки, а по темелно разгледување на вредностите на секоја од овие седум стихозбирки комисијата едногласно донесе одлука наградата „Антево перо“ за 2024 година да ѝ припадне на стихозбирката „Музеј на заборавот“ од Сашо Димоски.
– Доживувањето на стварноста кај индивидуите што имаат изразен сензибилитет условува нивните дела да покажуваат креативност, која, ако се мери на некоја скала на интензитет, тогаш би биле на самиот врв. Постоењето на тие дела во времето и просторот создава сопствена реалност и се сместени во духовни музеи во кои вечноста е нивен главен предзнак. Во еден таков музеј, својот живот го живее и поезијата на Сашо Димоски, која токму поради овие квалитети ја понесува наградата „Антево перо“ за 2024 година. Поетскиот музеј на Димоски, кој е вечен дом на личниот, интимен заборав, е богатство на мигновеноста, на времето минато, сегашно и идно, на времето што постои и не постои, на љубовта во најесенцијалната суштественост во која се родени, се раѓаат и ќе се родат безброј микрокосмоси (вклучително и сите форми на љубовта за татковината, за татковиот збор и ковчег, за клучот и катанецот, за мајчиниот јазик и болка, како далечно ехо на поетската слика на големиот Анте Поповски), микрокосмоси и љубови од кои е составен човекот – се вели во одлуката.
Оваа поезија, покрај тоа што е слика преоблечена во различни стилови и во нив преовладуваат тонови од целиот спектар на бои, таа има и звуковен карактер чиј интензитет се огледува во одличната употреба на парадоксот, оксиморонот, сложените метафори, но и фигурите што му припаѓаат на звучниот код.
Поради одличниот квалитет на поетските текстови од збирките што се избрани во потесен избор, оваа година комисијата едногласно одлучи да додели три награди „Антев златник“, што значи една повеќе од она што досега беше пракса. Наградите им припаднаа на Ирена Бабамова Стојчева за збирката „Сивка: Геометрија на болката“, Тони Попов за збирката „Ми се чини дека некаде слушнав дете“ и на Пепи Стамков за збирката „Собрани остатоци од светот“.
Ирена Бабамова Стојчева ја истражува тагата како одговор на неотповикливата промена на околностите, на она што сме го замислувале како деца со сета детска невиност во размислата. Болката од изневерата во сите нејзини форми, значења и димензии создава ехо што се шири низ геометријата на битието, низ сите негови точки и прави пукнатини, кои и да зараснат остануваат со траги што потсетуваат на нив. Во кратките и едноставни стихови полни со непретенциозна фигуративност, Тони Попов населил уметнички свет што е преземен од микрокосмосот на неговото сликарско око. Поетскиот егзистенцијализам со кој се карактеризира поезијата на Пепи Стамков креира сериозни квалитети на изразот во кои македонскиот јазик ги испитува границите на можностите на експресивноста на употребените сложени фигури од логичкиот код. В.Д.