Рецензија
Александар Василевски
Нордискиот филм, осoбено од данската кинематографија, не само што станува се подобар од година на година туку како да е во екстатичен подем.
За тоа добар пример имаме со драмата „Кралска афера“ (2012), во режија на Николај Арцел, кого го паметиме по одличниот акциски трилер „Јавачи на правдата“ (2020), но и „Кралска игра“ (2004), каде што повторно многу успешно ги разработува деликатно замрсените кралски интриги. Всушност, кога согледуваме, Арцел минуциозно и вивисекциски ги анализира своите дела.
Филмот се базира по автентична случка од осумнаесеттиот век. Дејството се одигрува во дворската палата на ментално болниот крал Кристијан (Микел Форсгард). Во центарот на вниманието е романсата што преминува во афера меѓу еминентниот кралски доктор Струнсе (Мадс Микелсен) и кралската сопруга Каролина (Алисија Викендер).
Според мене, можеби за некого ќе звучи претенциозно но Мадс Микелсен заслужено го носи епитетот крал на европскиот филм. Ако се прашувате зошто веднаш го добивате одговорот, тој беше на прагот да го добие „оскарот“ за улогата на професорски педагог што експериментира во дионизиски еквилибрации во мелодрамата „Уште една тура“ (2020) на Томас Винтерберг, кој патем беше награден за најдобар европски и странски филм.
Од друга страна, пак, еминентниот „Њујорк тајмс“ го велича неговиот перформанс ословувајќи го како аксиомска ѕвезда на данската кинематографија.
Со значајната награда „Срце на Сараево“ се закитува и во 2022 година, како рефлексија на талентот што го поседува за досегашната филмографија, но уште еднаш успева да го докаже својот раскошен хабитус освојувајќи ја и наградата „Бафта“ (2020).
Неговата трансформациска гестикулација е неверојатна, ја олицетворува со огромна леснотија, без разлика за каков карактерен профил станува збор, дали тоа е улога на престапник на законот, љубовен освојувач, резултатот е секогаш ист – чиста перфекција.
Во „Кралска афера“, покрај него, со својот значителен актерски талент во улогата на кралицата Каролина придонесува и шведската убавица со сензуален сјај на своето сатенско лице Алиса Викендер.
Во прангите на монотоното заточеништво покрај кралскиот шут неминовно струјат љубовни искри меѓу Каролина и Струнсе, кои водат и до бременост, а идна наследничка на тронот ќе биде Луиза.
Тој воведува радикални трансформациски промени во здравството за вакцинацијата, но најмногу е посветен на образовниот систем, поставувајќи ги темелите, а како инспирациски егземплар го наведува Жан Жак Русо.
Вистинско крешендо настанува кога кралот Кристијан го распушта постојниот коруптивен совет и го устоличува Струнсе, сакајќи да му се оддолжи за хуманиот потег што го вакцинираше син му Фредерик.
Докторот ги пишува кралските говори, но и ги застапува своите прогресивни аспирациски ставови. Набрзо на дворот се шири веста дека Луиза е ќерка на кралот, но малициозното око на вдовицата Јулијана (Трине Дрихолм) има сосема други планови.
Данската актерска величина Трине Дрихолм е едно од првите актерски имиња што има учество во извиканиот стил догме.
Таа ја толкува главната улога во „Прослава“ (1995) на Томас Винтерберг, каде што се разоткриваат длабоко чуваните тајни на семејството.
Но приказната добива поинтензивен набој кога истакнатиот моќник Ове Гулдберг, кого го игра Давид Денцик, подготвува подмолен државен удар врз Кристијан и Струнсе.
Одлично одбраниот карактер на Денцик одговара на неговата пакосна природа на латентен хабитус, кој ви доаѓа да го мразите од петни жили.
Но, како што знаеме, на лошотијата речиси како и да и нема крај, па тој ги користи сите свои гадости успевајќи да го намами кралот да стави параф за апсење на својот пријател Струнс и да ја протера кралицата Каролина надвор од Кралството Данска.
Во ќелијата кај Струнсе доаѓа пакосниот клерски фарисеј, кој со своите подмолности сака да добие устен доказ за неговата афера.
Конечно овој манипулативен и религиско опиумски изрод на човештвото ја добива толку посакуваната потврдна афирмација од измачениот доктор.
Триумфот на суета го симнува од тронот кралот Кристијан и како лидер на Данска завладува самопрогласениот Ове.
Една од најмоќните реплики во филмот, која сакам да ја споделам со верните читатели и секако поверни читателки, гласи: „Човекот се раѓа слободен, а цел живот го минува во синџири“…
Но сончевите зраци се наѕираа над данското кралство, синот Фредерик и ќерката Луиза по неколкугодишно владеење ја земаат власта во свои раце. Тие продолжуваат онаму каде што застана Струнсе со своите методи, односно воведуваат едукациска програма и други значајни аксиомски реформи со кои подоцна Данска станува една од најмоќните европски земји.
Како епилог може да додадеме уште и дека овој филмски бисер не само што може да го врамиме во данската туку ќе биде изгравиран со златни букви во светската кинематографија.