Рецензија
Александар Василевски
Некако убаво летниот месец се вклопува со филмот за кој се одлучив да пишувам. Пред сѐ мора да напоменам дека не сум голем љубител на филмовите од Ингар Бергман, со исклучок на прекрасниот класик „Лето со Моника“ (1953). Сосема се разликува по наративната структура од повеќе негови филмови што во себе имаат песимизам, но не е случај и со овој каде што извира еланот на оптимизмот и љубовта.
Приказната започнува во Стокхолм, а главни протагонисти се Хари Лунд (Ларс Екборг) и Хариет Андерсон (Моника). Интересно е да кажеме дека во тој период Бергман е во емотивна врска со Андерсон, со кого подоцна ќе соработува и во други филмови.
Пламенот на љубовта е начнат кога Хари ѝ пали цигара на Моника и чувствуваат веќе како да се за еден за друг. Бидејќи и двајцата потекнуваат од работничката класа, не наоѓаат некоја сатисфакција на работните места и одлучуваат да го сменат секојдневното сивило на животот. За таа цел земаат мало бротче и се изолираат на еден остров. Млади, полетни, но сѐ уште несозреани не ги согледуваат животните предизвици што им претстојат. Набргу се препуштаат со мислите за нови работни места, заеднички живот и принова, но мечтите се едно, а реалноста сосема нешто друго.
Додека го гледате „Лето со Моника“ прекрасната камера на Фишер создава мозаик што ве води како да присуствувате на ликовна изложба на големите светски мајстори. Голото рамо на Моника асоцира на префинетиот реализам на Доминик Енгр, пејзажот на Стокхолм на ненадминливиот холандски маг Вермер, а крупните планови од нивните лица со сензуалната рефлексија на ренесансниот гениј Рафаел. Но се чини деновите на идилата полека како да изминуваат и почнуваат да ги надвиснуваат егзистенцијалните проблеми. Знаеме, кога човек е гладен, не избира средства како да дојде до тоа, па така Моника е фатена како краде од едно поимотно семејство.
Бергман транспарентно ја прикажува доминацијата на буржоаската класа наспроти скромната класа, прикажувајќи ја главната протагонистка во оскудна облека за разлика од модерната девојка со која ја делат трпезата. Но овој навидум „рајски“ одмор се претвора во хорор бидејќи можеше лесно да им го украдат бротчето, но и животите да им бидат доведени во прашање. Тоа беше доволен знак да се вратат дома и да продолжат со следните предизвици, првенствено љубовта да ја крунисаат со брак. Хари наоѓа ново работно место, добиваат принова, но и почнуваат првите брачни проблеми. На првото службено патување Хари оди надвор од Стокхолм, а Моника миговно го изневерува, а сведок е и самиот Хари, потоа проблемите стануваат поголеми. Почнува да им пречи плачот од бебето, а на Моника и присуството на тетката на Хари, која им помага чувајќи им го бебето. На овој проблем би можеле да се дополниме бидејќи многумина од денешната младина многу рано стапуваат во брак, а потоа се соочуваат со слични проблеми. Моника не само што го напушта кукавички туку и му го остава бебето на Хари без претходна консултација со него. Хари се погледнува во огледало држејќи ја ќерката во раце и на едниот крај од огледалото здогледува мрежести пајажини, кои ја симболизираат иднината што му претстои, полна со животни премрежиња.
Од филмот „Лето со Моника“ може да заклучиме дека не треба да се избрзува со носењето одлуки за животните предизвици, кои често може да бидат со кардинални последици. Но постои и подобра солуција, која гласи, со (по)добро осмислени идеи резултатот може да биде многу поуспешен за светла иднина.