Тања Балаќ, уметница
Од современата уметност едноставно се очекува да го одрази духот на моменталната состојба во општеството и да оди чекор понапред, во правец на преиспитување, промислување, да отвора врати за нови погледи кон реалноста. Лично, повеќе го сакам уметничкиот пристап во кој општествената критика можеби не е видлива на прв поглед, туку е суптилно и промислено сместена под површинските слоеви, вели Балаќ
Ретроспективна изложба на слики, објекти, инсталации, видеоарт и експериментални филмови на македонската уметница Тања Балаќ, по повод 30 години творештво, ќе биде отворена на 31 август, во Националната галерија на Македонија, во објектот „Чифте-амам“. На отворањето ќе биде промовирана и монографија со текстови на историчарите на уметност и ликовни критичари Кирил Пенушлиски и Натали Р. Павлеска.
Тања Балаќ во 1991 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на одделот за сликарство. Трасирајќи го својот уметнички и професионален пат низ годините, во 2008 година магистрира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на одделот за сликарство. Членка е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) од 1996 година, а во периодот од 2006 до 2013 година и негова претседателка. Меѓу многубројните професионални посети надвор од границите на Македонија, остварува студиска посета во Париз, во 2003 година. Своето професионално и уметничко искуство постојано го збогатува со работни и студиски посети во странство, учество на меѓународни фестивали и изложби, за кои има добиено повеќе награди и признанија. Покрај сликарството, во последната декада истражува и на полето на нови медиуми, вклучувајќи инсталација, експериментален филм и видеоуметност.
Како знаевте дека сакате да се занимавате со уметност, дали постепено го спознававте тоа или одеднаш? И имавте ли резервен план, некое друго поле на интерес?
– Најверојатно не знаев, но знам дека бев полна со грандиозни идеи и порив дека можам да сменам многу работи. Сакав да патувам, да истражувам и никако не ја прифаќав идејата за професија што би подразбирала нешто статично, мирно, спокојно. Така што тоа беше често поврзано со некои детски креативни процеси, кои полека низ годините ме водеа кон уметничките професии, сликарството беше прва опција. И така некако знаев дека мојата професија ќе биде поврзана со убавото, со несекојдневното, вториот избор беше Факултетот за драмски уметности, поточно режијата. Е, оваа втора желба, многу подоцна успеа да ми се провлече низ животот и да се појави низ работата со видеото, експерименталниот филм. Денес, од оваа перспектива, сосема ми е јасно дека динамиката на секоја професија зависи од нас лично и дека од желбата, темпераментот, љубопитниот дух зависи како ќе се чувствуваме со направениот избор и дали на професијата ќе ѝ вдахнеме возбуда и адреналин или ќе ѝ се препуштиме на баналноста на секојдневието, фино завиткани во тривијалноста на дневнополитичките случувања.
Кое ви беше првото уметничко дело? Го паметите ли чувството откако го завршивте?
– Го паметам првото искуство со маслената техника, многу напор, возбуда, но и солзи кога не го добив очекуваниот резултат. Иако самите почетоци беа врзани со цртачките техники (цртав со сѐ и врз сѐ), но мирисот на маслото и терпентинот останува и се врежува во меморијата, мислам за цел живот, мирис што на некаков чуден магичен начин повикува на творење.
Слики, објекти, инсталации и експериментални филмови ќе содржи ретроспективата најавена за крајот на месецов. Како тече еден процес на собирање и селекција на дела за изложба што има за цел да претстави три децении творештво?
– Процесот траеше речиси цела година и повеќе. Голем дел од делата е во приватни збирки и институционални колекции, дел од цртежите од последната изложба во Виена е сѐ уште таму, со оглед дека со пандемиската 2020 година некои од активностите се забавија. Во изминатиов период се направени многу средби, разговори, посети во ателје со кураторите Кирил Пенушлиски и Натали Павлеска. Исклучително е важен тој процес на отвореност и соработка помеѓу авторот и кураторот. Без нивната помош, монографијата не ќе беше толку квалитетна колку што мислам дека е навистина, и за тоа сум им бескрајно благодарна на двајцата.
Како ви изгледаат денес вашите платна од 1990-тите години, кога ќе се навратите на вашите почетоци во сликарството?
– Ми изгледаат лудо добри и возбудливи, можеби нескромно, но јас навистина мислам така. Со дистанца од 20 години, во изминатиов период на подготовки и селекција за мојата ретроспективна изложба, по подолг период ги собрав сите останати дела од 1990-тите години и иако сум многу самокритична кон себе и никогаш не сум докрај задоволна, во однос на овие дела немав задршка. Тие се настанати во еден многу турбулентен период од мојот живот, декада полна со предизвици, премрежиња и на приватен и на професионален план и токму затоа тие дела се силно експресивни, полни со пораки, на моменти агресивни во изразот.
Критиката ги вклучува вашите рани слики во правецот на апстрактниот експресионизам. Се согласувате ли со ваквите категоризации во уметноста или сметате дека е поважно да се следи моменталниот уметнички порив без да се подлежи на одредени стилови и уметнички изрази?
– Во сите области од уметноста нормално е критиката да го одредува секој уметник во одреден правец, жанр или стил. Немам ништо против тоа. На својот уметнички пат самата се определив да се истражувам во разни техники, па дури и различни уметнички области, од сликарство преку инсталации, до експериментален филм и видео. За нас што не се ограничуваме само на една техника или стил, важно е уметничката критика да го следи нашиот развој и да нѐ оценува од контекст на мултидисциплинарна перспектива. Најбитно е човек да се чувствува добро во својата кожа и да е задоволен од тоа што го прави, да е автентичен пред сѐ. Сакам да сум искрена со моето творештво, некогаш се радувам и на најмалите детали што ми отвораат нови врати низ кои ми е предизвик да поминам за да реализирам некоја идеја, независно дали е во прашање слика, видео, инсталација, и тоа е од непроценлива важност за мене. Желбата за експеримент, за сонување и мечтаење, која е важна за секој уметник, сакам да трае уште долго, а на критиката ѝ ги препуштам преостанатите работи и сместувањето во одредени кластери, бидејќи тоа е исто така важно за развојот на креативната мисла.
Колку вашите престои во странство, на пример оној во Париз, имаа влијание врз вашиот уметнички израз или, воопшто, сфаќање на уметноста?
– Секако дека патувањата, па и оние најкратките, носат извесни промени и нови сознанија. Тој навидум едноставен процес на физичко изместување и оддалечување од познатото и влегување во непознатото за мене е секогаш исчекор од рутината на секојдневието и влез во слободата на безграничниот љубопитен однос кон новото опкружување. Благодарение на таквите искуства се менува и се збогатува стекнатиот корпус на знаења, што е исклучително важно за секој автор. И токму во тие движења, изместувања, патувања, речиси секогаш се раѓаат нови идеи, се акумулираат мемории, мириси, звуци, визуелни доживувања, кои во некое идно време ќе се појават во некој нов концепт како неми сведоци на проживеаното искуство или како осврт на некое размислување.
Пенушлиски на едно место за вашите дела вели „тоа се дела на сликар; на сликар во вистинската, класична смисла на зборот“. Но вие често го следите и „импулсот за излегување (надвор) од просторот на сликата“?
– Изразното средство не е најважниот сегмент во создавањето на едно уметничко дело, одредени уметнички концепти најдобро се презентираат со употреба на строго дефинирана техника, со други зборови верувам дека содржината ја диктира самата техника. Прашањето на „удобност“ понекогаш е работа на моменталното расположение, но зависи и од темата што ќе ме привлече и тогаш се јавува потребата да се „излезе“ од сликата и да се проговори со друго средство. На крајот на краиштата, во уметноста акцентот не е секогаш ставен на начинот на кој некој уметник се изразува, важна е и пораката што ја испраќа, вклучувајќи го и естетскиот израз што постои или не постои. Сликарството ми е прва љубов и најсигурно се чувствувам во ателје, опкружена со моите платна, бои, и тогаш целиот креативен процес зависи само и единствено од мене. Тоа е процес испреплетен со безброј внатрешни дијалози, преиспитувања, со себе „овде“ и себе „таму“, со многу сомнежи и потврди, но повторно сѐ зависи од мене. Со експерименталниот филм и видеото веќе не е така. Таму процесот е колективен и целокупниот резултат зависи од повеќе фактори: светло, камера, звук, монтажа, огромна организација. Но, искрено, и во тој концепт многу уживам. Процесот на постпродукција претставува многу чувствителна фаза што бара добра соработка. Притоа мислам на стручните лица што се одговорни за техничките аспекти, но и за луѓето со кои го делиш естетскиот вкус. Самата монтажа зависи од чувството за детали што мора добро да се вклопат во една целина. Во ера на сеприсутност на дигиталната слика, за визуелните уметници е исклучително важно да не ѝ дозволат на технологијата да ги „заведе“ со сите нејзини можности.
Експерименталните видеа, особено од последниот период, може да се сместат во т.н. ангажирана уметност. Се чини тешко е за еден уметник, па и воопшто за човекот да се ослободи од политичките, општествените, моралните консеквенции на секојдневието?
– Од современата уметност денес се очекува да биде ангажирана. Но многумина не забележуваат дека самата техника на еден начин ги поставува границите на ангажманот на уметникот. Порано ми се чинеше дека е полесно да си ангажиран во новите медиуми отколку во класичните, но порака може да се испрати од секаков медиум. Со оглед на тоа дека вистинската уметност ја има моќта за трансформација на нашите размислувања, опкружувања и перспективи, јасно е дека сето тоа не може да ги исклучи општествениот контекст и политиката на нашето секојдневие. Понекогаш е доволно само човек да не е толку слеп, за да види што точно му се случува. Од современата уметност едноставно се очекува да го одрази духот на моменталната состојба во општеството и да оди чекор понапред, во правец на преиспитување, промислување, да отвора врати за нови погледи кон реалноста. Лично, повеќе го сакам уметничкиот пристап во кој општествената критика можеби не е видлива на прв поглед, туку е суптилно и промислено сместена под површинските слоеви. На тој начин отворам можност за интеракција со публиката. Важен е уметничкиот активизам, важни се пораките што ги испраќаме, во спротивно уметноста би се свела на обична декорација.
Која е вашата уметничка мисија во денешниов свет?
– Верувам дека секој човек мора да има некоја мисија во животот, за да не му помине целиот живот напразно. Мисијата на секој од нас е да придонесеме и да оставиме подобар свет за нашите деца, а пред сѐ тоа мораме да го направиме за идните генерации. Мисијата на секој уметник е со својата естетика и порака од една страна да го разубави животот на другите луѓе, а од друга страна да ги чини будни за она што ни се случува секојдневно. Релативно малку луѓе уживаат во уметничката естетика, а уште помалку се занимаваат со реалните општествени проблеми и оттаму произлегува дека просторот за дејствување на уметниците е доста голем, така што секој може да пронајде начин на сопствено дејствување. Сѐ уште романтично верувам дека уметноста има сила не само да го направи светот поубав туку и да го спречи неговото уништување.