Деновиве од печат излезе преводот на книгата „Чудовиштето“ од Владимир Зарев, како 199. наслов во популарната едиција „ПРОаЗА“ на издавачката куќа „Или-или“. По издавањето на романот „Пропаст“ од истиот автор во 2019 година, издавачот продолжува да ја следи работата на познатиот писател, чии дела од бугарски на македонски јазик ги преведува Бранислав Мирчевски. Излегувањето на книгата е поддржано од мрежата „Традуки“.
Книгата на Зарев е уште еден современ роман во кој авторот ја покажува својата комплетна пишувачка зрелост. „Чудовиштето“ е роман за љубовта, за невозможната, безнадежна, но чиста и искрена љубов меѓу стариот писател и убавата млада новинарка.
– За книжевните критичари, романот „Чудовиштето“ е лебедовата песна на Владимир Зарев. Ништо не останува засекогаш, вели Зарев на почетокот од книгата, па ни љубовта, останува само споменот за неа, нејзината сенка, нејзиниот здив. Колку е човекот мал и ништожен кога согорува во својот копнеж да се одложи крајот, смртта да се смилостиви да го остави уште малку да се насладува на љубовта. Но дали таа негова желба не е крајно себична и горка?! Зарем е малку еден човечки живот за да се љуби и да се биде љубен?! Булгаковски е крајот на „Чудовиштето“, искупувањето доаѓа преку љубовта, таа е чистата есенција на постоењето, без неа ниту злото ниту омразата не би можеле да преживеат бидејќи на кантарот ќе си тежат самите на себе, ќе немаат противтежа – вели за делото Ана Витанова-Рингачева.
Владимир Зарев (1947) е современ бугарски писател роден во Софија. Работи како универзитетски професор по бугарска литература, а од 1973 г. е уредник на Одделот за белетристика на списанието „Современик“. Автор е на романите: „Демонот на нетрпеливоста“ (1975), „Процес“ (1984), „Загар“ (1987), „Лето 1850“ (1988), „Пропаст“ (2003), „Поп Богомил и совршенството на стравот“ (2005), „Чудовиштето“ (2019), на трилогијата: „Битие“ (1978), „Исход“ (1983) и „Закон“ (2012), како и на повеќе поетски книги.