Барајќи низ ателјеата и приватните домови, како и низ некои институции, се соочивме со вечната дилема како е можно толку големи автори да останат анонимни во текот на своите животи, но и по нивната смрт. Многу од делата беа и во лоша технолошка состојба, но за тоа во некој иден проект, вели ликовниот уметник Никола Пијанманов
Никола Пијанманов, уредник на монографија на струмичката уметност
Здружението за култура „Транзен“ неодамна ја издаде монографијата насловена „Сто години струмичка ликовна уметност“. Станува збор за истражување на струмичката уметност што го опфаќа периодот од 1921 до 2021 година, време во кое се одвива континуиран ликовен живот во Струмица и Струмичко. Во книгата се застапени 150 репродукции во боја, текстови од историчари на уметноста, рецензии од каталози, сведоштва од архивите на уметниците и автобиографски записи. Уредник на монографијата е ликовниот уметник Никола Пијанманов.
Какви сѐ секвенци се испечатени во книгата?
– Монографијата „Сто години струмичка ликовна уметност“ е истражувачки проект чија идеја е да биде сведоштво и документ за едновековното ликовно творештво во Струмица, преку пронаоѓање и архивирање на делата од струмичките уметници што се наоѓаат по приватните збирки и за кои никогаш не постоел начин да бидат претставени пред јавноста. Се работи за стотина слики, цртежи и скици создавани во периодот од почетокот на 20 век до денес. Ќе беше вистинска штета ако сите тие дела не се фотографираат, документираат и испечатат во едно издание, кое е впрочем прво од таков тип во Струмица. Кога видов со каков материјал располагаме и какви автори твореле и живееле тука, повеќето со речиси никаква афирмација во државата, си го поставив прашањето дали во еден град, едно место, простор ограничен, може во континуитет да функционира ликовната уметност без прекини и отсечки: зашто се твори, зашто се прават слики, скулптури, цртежи, графики, се реализираат изложби и се посветува голем дел од животот во ателјето, во галериите, бдеејќи пред секоја црта, линија, дамка од боја, како дежурни чувари на естетскиот живот во едно место, а притоа добар дел од тие творци се заборавени, скриени, поттурнати на маргините од светот, со нив никој не се консултирал за ниедна одлука, чин, дејствие, културно одлучување. Вреди ли да се посвети целиот живот на уметноста, ако со неа не можеме да го промениме светот? Не само светот, не можеме да го промениме и најмалото место и опкружување во кое сме родени и во кое постоиме. Луѓето околу нас. Не вреди. Но вреди нешто друго, поголемо и позначајно од сè. Нешто пред што сите можат само да замолчат. Самите уметници се промениле себеси додека ги твореле своите дела и додека бдееле во ателјеата, самите уметници станале големи луѓе, длабоки, суштински, карпа луѓе, темели на кои ќе се изгради невидливата зграда на цивилизацијата. А постои ли нешто позначајно од тој факт?
Кои најзначајни ликови, моменти, изложби ги чинат архивата и историјата на струмичката ликовна уметност?
– Архивата започнува со црковното сликарство во доцниот 19 век и најголемиот претставник на зографите од тој период, струмичкиот живописец Григориј Пецанов. Историчарот на уметноста Марјан Минов, кој го напиша хронолошко-критичкиот осврт во книгата, забележа дека струмичката современа ликовна уметност, несомнено, има долга традиција што со извесни прекини трае едно столетие, а која несомнено е поставена врз темелите на византиското и средновековното сликарство во овој регион, а пред сѐ на делата од роднокрајните струмички зографи: Ѓорѓи Велјанов, Васил Ѓорѓиев и Григориј Пецанов, од кои најистакнато место зазема зографот Григориј Пецанов. Нивната ликовна активност и појава се поврзани со македонското преродбенско движење во 19 век – тежок и мачен период исполнет со голем број војни и крвопролевања. Овие зографи не само што ги живописуваат црквите и сликале икони туку истовремено помагаат во формирањето на македонската нација. Пробивот во современата го прави сликарот Атанас Мучев, кој се школувал во Белград. Оттаму ги носи влијанијата на париската сликарска школа, како што своевремено тоа го сторија Личеноски и Мартиновски. Тој со својата богата творечка активност ја покрива првата половина на 20 век. Тука е и сликарката Василка Христова, која завршува уметничка ликовна школа во Белград, во 1938 година. Како најзначајни автори на кои се потпира струмичката ликовна сцена низ втората половина на 20 век се Стојан Пачоов, Георги Божинов-Фаника, Ниче Василев, Киро Урдин, Марјан Пецев-Захов, Момчило Петровски-Момо, Глигор Беќаров, Бранко Кончалиев, Стојче Гоцков… Сликари што целиот живот го посветија на ликовното творештво градејќи специфични естетски стилови. Голем осврт во книгата е даден и на активностите на Друштвото на ликовните уметници – Струмица, нивните изложби и дружби, колонии и мултимедијални проекти. ДЛУС, за жал, не постои веќе две децении, оставајќи голема празнина во ликовниот живот на градот. Оваа монографија е синтеза на досегашниот петгодишен труд, еден вид круна на истражувањето. Барајќи низ ателјеата и приватните домови, како и низ некои институции, се соочивме со вечната дилема како е можно толку големи автори да останат анонимни во текот на своите животи, но и по нивната смрт. Случаи што не се ретки во ликовната историја. Многу од делата беа и во лоша технолошка состојба, но за тоа во некој иден проект.
Монографијата нуди повеќе светогледи, културолошка разновидност, богат трезор… Зошто е битно да постои една ваква уметничка збирка?
– Да постојат такви изданија за уметниците, за нашите предци врз кои се темели нашата култура, е од круцијално значење пред сѐ за младите генерации, за кои оваа книга ќе биде еден вид учебник. Но тоа е пред сѐ сеќавање на големите автори, затоа што главната суштина на уметноста е да зачува и да спаси од исчезнување и заборав. Уметноста е сеќавање. Затоа и ја направивме книгата. Отсекогаш сум се чудел на способноста на нашиот народ да зачува толку многу непотребни и бесмислени предмети во своите визби и подруми, и на неспособноста да ги зачува уметничките дела оставени од своите предци.
Текстот со кој го направив прологот во книгата се вика 100 години творечка самотија. Затоа што уметниците секогаш се сами кога ги создаваат делата и секогаш со сите кога тие дела ги добиваат своето значење и местото во светот. Животот е краток, уметноста е вечна!