Мислам дека успевам да го контролирам времето поминато надвор од фокусот кон работата, затоа што моите дела бараат преголема посветеност, вели авторот на хиперреалистичната скулптура „Вон…“
Жарко Башески, скулптор
Жарко Башески е македонски скулптор, професор на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ и дел од Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Се вбројува меѓу најдобрите светски хипер реалисти, а покрај самостојните изложби, неговите дела се дел од реномирани интернационални изложби во Германија, Словенија, Унгарија, САД, Франција. Интересот на Башески е свртен кон човекот, па оттука и интересот за хиперреален пристап во обликувањето на концептот на работа, кој во теоретска смисла го надминува хиперреализмот и зборува за животот и светот во кој живееме.
Го изложивте вашето дело, хиперреалистичната скулптура насловена „Вон…“ во Музејот на градот Скопје, која до 4 октомври привлекуваше внимание. Посетителите ги соочивте со зависноста од дигитални информации, од таквиот вид инфузија посветувајќи им големо внимание на сите детали на претставениот, до пола гол маж, како што беа и капките пот на неговото лице и капките вода во кесата за инфузија.
Што ви беше најважно, но и најтешко во процесот на материјализирање на оваа творечка идеја?
– Идејата за оваа скулптура настана со појавата на сѐ понагласеното чувство на обземеност и оптовареност на денешниов човек со медиуми, социјални мрежи и желбата за себепромоција во сите сфери на живеење. Моментот на визуализација на информациите ми претставуваше некаква енигма, а во исто време и предизвик за да најдам техничко решение за лесна и правилна читливост на идејата.
Зависен ли сте вие од дигиталните информации и колку тие успеваат да ви ги нарушат секојдневните планови и како професор и како скулптор?
– Мислам дека успевам да го контролирам времето поминато надвор од фокусот кон работата, затоа што моите дела бараат преголема посветеност.
Какви бегства можете да си дозволите и дали работата на хиперреалистичните скулптури во изминативе неколку години, кои исто така бараат вештачки материјали, е само ваше привидно бегство од артифициелниот свет, во кој полека сите како да тонеме.
– Бегството во креативното творештво во никој случај не претставува бегство од реалноста, туку, напротив, еден вид навлегување во суштината на живеењето, поточно во сите пори на битисувањето на човекот.
Летово бевте дел од уметниците што го отворија 3. „Арт капитал фестивал“ во Сентандреја, Унгарија, а таму и го изложивте хиперреалистичкото дело „Асфиксија“ („Задушување“) – човечка глава во проѕирна кеса. Дали завршивте со најавената турнеја низ седум града низ Европа, каде што спаѓаше и изложбата во Унгарија?
– Додека беше изложена во Будимпешта, добив порака од друг галерист од Романија и сега се наоѓа таму што значи не знам дали е тоа последна дестинација оваа година. Мислам дека засега е доволно, јас сум задоволен од тоа како беше прифатена и тоа е тоа. Самиот факт што фестивалот беше отворен, со мое дело кажува доволно.